1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Протести во Србија: Стап со два краја

Немања Рујевиќ
4 декември 2021

Организаторите повикуваат на мирни блокади на патиштата, но изгледа дека многумина на улиците ќе излезат подготвени и на судири. Дали новиот бран демонстрации во Србија ќе згасне како и претходните протести?

https://p.dw.com/p/43nQc
Демонстранти го блокираат автопатот во Белград по измените на законите за референдум и за експропријација
Демонстранти го блокираат автопатот во Белград по измените на законите за референдум и за експропријацијаФотографија: Milos Miskov/AP Photo/picture alliance

Петар* вели дека е подготвен да се тепа со „напредњачките фаланги“ односно со насилните приврзеници на владејачката Српската напредна партија. Тој беше меѓу малкутемина кои минатиот викенд блокираа улица во Панчево, поради што на многумина од нив сега им пристигнуваат прекршочни пријави и треба да платат по пет илјади динари. Петар ќе излезе на улица и денеска, кога некои жители на Панчево имаат намера да го блокираат новиот белградски пат. „На протести сум во последните пет години и не пребирам многу, бидејќи против оваа власт мораме да се бориме на секој чекор“, вели овој млад човек за ДВ. „Мислам дека за поголемиот број луѓе тригер ќе бидат насилните сцени од протестот во Шабац - тука напредњаците силно погрешија. Испраќаат фаланги да тепаат луѓе, а полицијата се трга.“

Сето започна поради два закона

Петар од Панчево прогнозира бурен викенд. „Кај нас претежно постарите беа на протести, имам впечаток оти главно не се подготвени да се тепаат. Но, има доста луѓе кои не сакаат мирни протести, кои нема да излезат на прошетка. Мислам дека во сабота ќе дојдат малку поподготвени луѓе. Сепак, се сомневам дека напредњаците сега ќе донесат тепачи, попрво ќе се потпрат на полицијата. А, полицијата може да се слика ако во Панчево има околу илјада луѓе, тогаш нема да можат никого да го уапсат“, верува овој учесник на демонстрациите. 

Повеќе: Референдум во Србија - фер колку и изборите

Започна минатата недела, како протест против двата закона кои, според мислењето на активистите и на многу граѓани, го поплочија патот за спорниот потфат на компанијата Рио Тинто во долината Јадар. Сега се бара и пуштање на приведените демонстранти на слобода. Работата ја надмина еколошката матрица и многу гневни граѓани ќе кажат дека ова е „прашање на живот и смрт“. Формално, новиот Закон за референдум веќе стапи на сила, па демонстрантите бараат негова измена. Законот за експропријација сѐ уште не е на сила, а претседателот Александар Вучиќ не кажа експлицитно дали ќе го потпише или не.

Полициски кордон за време на протестите во Белград минатиот викенд
Полициски кордон за време на протестите во Белград минатиот викендФотографија: Milos Miskov/AP Photo/picture alliance

Огранизаторите повикуваат на мирни блокади

Саво Манојловиќ од огранизацијата Тргни-Промени, која прва повика на блокада на патиштата, во разговор за ДВ ги повторува барањата и најавува дека блокадите во сабота ќе траат секогаш еден час подолго. „Топката е кај претседателот, од него зависи дали ќе има блокади“, вели Манојловиќ.

Како што се слуша, се планираат блокади во барем 40-тина места во Србија, а веројатно ќе има и во повеќе. Понекогаш тоа се неформални групи луѓе, често ни организаторите не знаат сѐ однапред. Дали Манојловиќ се плаши оти работите би можеле да излезат од контрола?

„Постои страв од инциденти, но за тоа е виновно однесувањето на власта и изјавите на министерот за полиција дека полицијата ќе примени насилство. Полицијата не смее да примени насилство, туку законот“, вели тој. „Ги повикувам граѓаните тоа да бидат мирни протести, да не реагираат на провокации, и ако некаде се бројно помалку, да се повлечат и да се придружат на побројни групи на друго место.“

Повеќе: Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Истовремено, властите укажуваат дека патиштата минатиот викенд главно ги блокирале по неколку десетици луѓе и се прашуваат каде била полицијата да ги отстрани. Тоа, изгледа, полицијата го уважи, па објави телефонски број на кој граѓаните можат да пријават блокади.

Белградскиот булеварски печат за сѐ ги обвинува странските центри на моќ, кои наводно финансираат рушење на власта. И како идеја на властите е да се врати сѐ на вистинскиот пат, и толку пати видените протести кои брзо ја трошат енергијата на улица, за потоа самите да згаснаат.

Социологот Јово Бакиќ смета дека овојпат би можело да биде поинаку. „По сѐ судејќи, Законот за експропријација доведе до стравови од егзистенцијална природа. Веројатно тоа беше поттик да се разбуди насобраното, но заспано незадоволство. Се покажа дека општеството не е мртво“, оценува Бакиќ за ДВ. Тој вели оти во Шабац власта направила „многу добра“ грешка. „Реагираа со некаков вид парамилициски, бандитски сили и тоа не се простува. Барем се надевам.“

Српскиот социолог Јово Бакиќ: Се покажа дека општеството не е мртво
Српскиот социолог Јово Бакиќ: Се покажа дека општеството не е мртвоФотографија: DW/N. Rujevic

Изборите се далеку

Белградскиот неделник „Време“ пишува дека предизборната кампања симболично започна минатата сабота - со протести, но и со собир на Српската напредна партија во Арената во Белград, каде што беа присутни десетици илјади луѓе, а стотици автобуси на околните булевари на Нов Белград. .

Сепак, до април има уште многу време, а доаѓа и традиционалниот празничен период кој во Србија трае речиси еден месец. Прашање е дали актуелните протести можат да бидат ветер во грб на противниците на власта на изборите.

Повеќе: Србија: Зошто сега протести?

Некои демонстранти ги критикуваат опозиционерите дека молчеа до минатата сабота, а потоа се обидоа да ги соберат плодовите од протестот.

„Опозиција се сите кои се против власта. Лошо е кога дел од опозицијата сама за себе си го монополизира статусот на опозицијата“, вели Јово Бакиќ. „Го направија ова и претходно со катастрофални последици, тоа помага во убивање на општеството“.

Саво Манојловиќ, пак, дипломатски вели: „Односот меѓу политичките партии не е важен, бидејќи протестот ги надминува партиските разлики“.

Изборите во Србија ќе се одржат на 3 април 2022 година
Изборите во Србија ќе се одржат на 3 април 2022 годинаФотографија: Reuters/M. Djurica

Насобраниот бес врие

Ако на улиците допрва се закануваат отворени судири, оние медиумските, за толкување на сѐ што се случува, веќе се разгореа. Далеку од тие расправи, Дејан* од Шабац се среќава со пријателите за да види што треба да се прави натаму. Тој вели дека минатиот пат биле затекнати меѓу жени и деца на мостот на Сава, па не сакаат да се повтори тоа.

„Ние, се разбира, нема да се вооружуваме – туку да бидеме групирани. Најдобро е да нѐ има што повеќе. Ако сме петстотини, полесно ќе биде. Ќе видиме кој е главниот план на организаторите, па ќе видиме дали ќе го следиме или самите ќе направиме нешто“, изјави овој човек за ДВ.

Сепак, се надева дека некој од „горе“ им наредил на „напредњаците“ да ги смират страстите и да не испраќаат насилници.

Како и Петар од Панчево, и Дејан не сонува дека со протестите ќе биде урната власта. Петар вели дека веќе е навикнат да оди на протести кои некако се растураат, па како никогаш и да не постоеле.

Дејан на тоа гледа вака: „Очекувам да ми се закануваат во Шабац, но оваа работа ми е поважна - ми дојде преку глава. Нема некоја надеж дека владата ќе падне сега, туку да не дозволиме ова да пројде, да преживееме“.

* вистински имиња ѝ се познати на редакцијата