1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Референдум во Србија - фер колку и изборите

Ивица Петровиќ
1 декември 2021

Референдумот за промена на Уставот во областа на правосудството е најавен за 16 јануари 2022 година. Како вовед во тоа беа усвоени измени на законите за референдум и за експропријација, што доведе до протести во Србија.

https://p.dw.com/p/43h2P
Србите ќе гласаат на референдум за уставни промени на почетокот на наредната година
Србите ќе гласаат на референдум за уставни промени на почетокот на наредната годинаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Граѓаните на Србија со ДА или НЕ ќе одговараат на референдум на прашањето „Дали сте за потврдување на актот за промена на Уставот на Република Србија?“. Овие промени во областа на правосудството, како што наведува министерката за правда Маја Поповиќ, би требало да „исклучат учество на политиката во изборот на судии, претседатели на судови, јавни обвинители и заменици на јавни обвинители“.

„Поголема независност на судиите и поголема самостојност на јавните обвинители ќе значи и нивна поголема одговорност, со што се создаваат услови за подобра и поефикасна заштита на човековите права и зголемување на правната безбедност“, ветува министерката Поповиќ.

„Неограничена автократија“

Професорката по право Весна Ракиќ Водинелиќ за ДВ вели дека најавените промени на Уставот „нема да доведат до поголема независност на судиите, самостојност на јавните обвинители и исклучување на политиката. Бидејќи, сите овие тела кои треба да генерираат судии и обвинители, како што се Високиот судски совет и Државниот совет на обвинители, во својот состав ќе имаат членови кои ги избра парламентот. Собранието е пар екселанс политичка институција, каде правилата ги диктира мнозинството. За независност на судиите и обвинителите потребен е пред сѐ демократски амбиент, а сега имаме на дело една автократија која ништо не ја кочи“, нагласува нашата соговорничка.

Ниту еден текст не може да гарантира независност на правосудството, вели за ДВ правникот и активист за човекови права Милан Антонијевиќ. „Но, сѐ она што го разгледуваа правните стручњаци и Венецијанската комисија зборува во прилог на тоа дека овој предлог за измени е нешто што може да даде ефекти. За да има ефекти независноста на судиите и на обвинителите, потребно е да има луѓе кои се подготвени да ја носат таа независност на свои плеќи, а тоа навистина не зависи од ниту еден документ“, смета Антонијевиќ. 

Милан Антонијевиќ: Ниту еден текст не може да ја гарантира независноста на правосудството
Милан Антонијевиќ: Ниту еден текст не може да ја гарантира независноста на правосудствотоФотографија: Yucom

Законските измени предизвикаа протести

Како некој вид вовед во претстојниот референдум се случи измена на Законот за референдум, по која веќе не е потребен цензус од 50 проценти плус еден глас за успех на референдумот. За одлучување на референдумското прашање ќе биде доволно мнозинството од бројот на излезени на гласачките места. Донесувањето на овој закон сега се совпадна со повеќемесечното незадоволство на граѓаните поради доаѓањето на компанијата Рио Тинто во Србија, а јавноста е уверена дека и овие измени им одат од рака на обидите на власта по секоја цена да ѝ овозможат работа на оваа компанија ископување на литиум.

Повеќе: Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Поради тоа и Весна Ракиќ Водинелиќ забележува оти „иако нашите државни функционери нагласуваат дека тоа нема да влијае на отворањето на рудниците, јас сум убедена дека ќе влијае. Затоа што референдумот ќе биде толку фер и слободен колку што се фер и слободни нашите избори. Референдумот се спроведува на ист начин како и изборите и нема никакви гаранции дека граѓаните ќе можат слободно да ја изразат својата волја и дека гласовите ќе бидат фер пребројани“, нагласува Весна Ракиќ Водинелиќ.

Споменатите измени на Законот за референдум, како и измените на Законот за експропријација, доведоа до големо незадоволство кај граѓаните на Србија, кое се прели на улиците со повеќедневни протести. Како што наведуваат критичарите на Законот за експропријација „со него се легализира одземање на приватен имот кој ќе се најде на патот на државните проекти“.

Блокада на автопатов во Белград по измените на законите за референдум и за експропријација
Блокада на автопатот во Белград по измените на законите за референдум и за експропријацијаФотографија: Milos Miskov/AP Photo/picture alliance

Профитен или јавен интерес?

Милан Антонијевиќ смета дека навистина се загрижувачки пораките кои ги испраќа претседателот на Србија, кој вели „дека овој закон е донесен, не поради Рио Тинто, туку поради изградба на национален стадион“ и додава оти „не е добро ако тој закон се донесе за еднократна употреба“.

„Сметам дека натаму секоја лоша примена на овој закон сепак ќе наиде на одговор и од домашните и од меѓународните судови, како што е Европскиот суд за човекови права, така што мислам дека граѓаните можат да бидат многу посмирени отколку што изгледа во моментов“, вели Антонијевиќ.

Основа за експропријација отсекогаш бил јавниот интерес, објаснува Весна Ракиќ Водинелиќ, „но проблемот со овој закон е што сега со овие измени на мала врата се воведува нова основа за експропријација, а тоа е меѓународен договор, во кој едната страна е државата Србија, и втората или некоја странска држава или странска корпорација. Владата тој договор може да го прогласи како проект од јавно значење. Така може да се случи профитните потреби на некои странски корпорации да се прогласат за јавен интерес“, предупредува Весна Ракиќ Водинелиќ.

Повеќе: Другарството со Орбан - добро за Вучиќ, лошо за Србија?

Со насилство против слободата на собирање

Протестите на граѓаните што изминатите денови се одржаа низ Србија, секако наидоа на остра осуда од властите, кои незадоволството на народот од некадарните закони се обидоа да го претстават како „оневозможување на слободата на движење загарантирана со Уставот“. Режимските медиуми и државните лидери упорно ја повторуваа оваа мантра за слобода на движење, целосно заобиколувајќи ги приговорите на споменатите закони и оправданоста на народното незадоволство.

Полиција за време на протестите во Белград на 27.11.2021
Полиција за време на протестите во Белград на 27.11.2021Фотографија: Milos Miskov/AP Photo/picture alliance

„Одговорот на државата во вид на чекани, стапови и багери покажува дека слободата на собирање воопшто не се почитува“, вели Милан Антонијевиќ, кој смета дека „на овој начин и натаму се сее страв меѓу граѓаните."

„Државата и власта мора да научат дека кога ја заоструваат ситуацијата, може да очекуваат и протести кои имаат многу поостар карактер. Одговорноста не е на тие што излегуваат на улица, бидејќи секоја постапка на државата која ги загрозува правата на граѓаните со право наидува на отпор“, посочува Антонијевиќ.

Весна Ракиќ Водинелиќ  обрнува внимание на тоа дека погрешно се смета дека слободата на собирање важи само кога е регистриран собирот. „Кога правото на собирање и правото на слободно движење се судираат, мислам дека има важен контекст, а тоа е дека гласот на граѓаните мора да се слушне, а прекинот на сообраќајот од еден час е разумна реакција. А тоа што претседателот на државата, во оваа прилика за првпат се зафати со човековите права, е гротескно“, заклучува Весна Ракиќ Водинелиќ.