1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин ќе ја признае независноста на сепаратистите во Украина

БГ /АФП
21 февруари 2022

Одлуката на рускиот претседател доаѓа по седницата на советот за безбедност. Западните држави „изразија разочарување“ од одлуката, а ЕУ најави нови санкции за Русија.

https://p.dw.com/p/47Nnu
Russland | Vladimir Putin
Фотографија: Alexei Nikolsky/Sputnik/Kremlin Pool/AP/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин планира да ги признае украинските сепаратистички региони Доњецк и Луханск како независни држави, соопшти Кремљ по седницата на советот за безбедност во Москва.

Путин ги информирал за својата одлука францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, кои „изразиле разочараност“, се наведува во соопштението.

„Претседателот планира да ја потпише наредбата (за признавање, н.з.) наскоро“, соопшти Кремљ.

ЕУ ќе наметне дополнителни санкции кон Русија доколку Путин ги признае сепаратистичките региони како независни, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел.

„Го повикуваме претседателот Путин да го почитува меѓународното право и договорите од Минск и очекуваме да не ја признава независноста на регионите Доњецк и Луханск“, изјави Борел.

„Подготвени сме да реагираме со силен, обединет фронт доколку одлучи да го стори тоа“, дополни европскиот дипломат. 

Russland | Vladimir Putin
Седница на рускиот совет за безбедностФотографија: Sputnik/Kremlin Pool/AP/picture alliance

Во понеделникот, сепаратистичките лидери од двата украински региони побараа од Путин да ги признае како независни. Кремљ соопшти дека апелите биле „во врска со воената агресија од страна на украинските власти и масовното гранатирање на територијата на Донбас, што довело до страдање на цивилното население“.

Потегот на Москва ќе ги урне обидите за свикување самит чија цел е да се спречи руската инвазија врз Украина.
Признавањето на сепаратистичките региони од страна на Русија ќе ги намали дипломатските опции за избегнување војна, затоа што ќе претставува експлицитно отфрлање на прекинот на огнот договорен пред седум години со помош на Франција и Германија.
Претпладнево, францускиот претседател Емануел Макрон изрази надеж за дипломатско решение откако соопшти дека Путин и претседателот на САД, Џо Бајден се согласиле за одржување самит.

По одлуката на Москва, Макрон веднаш го свика националниот совет за безбедност.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема