1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пучот на Трамп и судбината на демократијата

24 декември 2021

Ниедна земја на светот, па ни најмоќната, не е имуна на лош и корумпиран лидершип, на ерозија на правната држава и на деградацијата на нејзините институции. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/44nYu
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

За една година мид-терм изборите во САД би можеле да ја одлучат судбината на американската либерална демократија. Доколку Републиканците на Трамп, како што е за очекување, го освојат мнозинството во двата дома на Конгресот, ќе се создаде еден неурамнотежен баланс во американските институции со Конгресот и Врховниот суд во рацете на Трамп и еден претседател осамен во своите одлуки и ограничен во своите потези.

Во нормални услови еден таков исход, кој само би ги истакнал и зајакнал демократските и партиските „Checks and Balances“, би бил дури и пожелен. Но, во услови каде едната од партиите е комплетно киднапирана од егоманијакалниот култ на личноста кон Трамп и од неговите нескриени симпатии кон авторитаризмот, таков исход би можел само да го забрза американскиот демократски крах и нејзиниот пат кон отворен авторитаризам.

Токму изминативе недели излезе информацијата и дефинитивната потврда дека „пучот врз Конгресот“ од 6 јануари лани, воопшто не бил производ на народно разочарување, фрустрација и бес, туку прецизно пресметан план за саморушење и рушење на американската демократија, со тоа што на терен би се анулирала изборната победа на демократскиот кандидат Џо Бајден.

Шема како од второкласен филм

Доказ за тоа е оперативниот план кој полковникот Пол Волдрон го испратил до блиските луѓе на Доналд Трамп, кој бил разгледан и дискутиран во Белата Куќа и конечно неволно предаден од страна на шефот на кабинет на Трамп, Мајк Медоус до парламентарната комисија која го истражува нападот врз Конгресот. Планот, кој во суштина е смртно сериозен, но подеднакво несериозно и неоганизирано спроведен, на крај ќе се запре на последниот чекор пред амбисот. Покрај организираното и постојано лажно наведување за изборна измама од страна на Трамп и неговите блиски луѓе, покрај организирањето на митинг од страна на Трамп на денот на нападот и поттикнување на толпата да го изврши, планот ќе пропадне поради одбивањето на потпретседателот Пенс да не ја валидира победата на Бајден. Шемата на планот е елементарна, како во лош Б-класа американски филм, таа е примитивна во методологијата и во техниката на изведбата, но не успева само заради институционалната одлука на еден од чинителите во актуелната власт да не се спроведе.

Тоа кажува колку демократскиот систем е суштински незаштитен, односно, заштитен е единствено од демократските норми, кои претпоставуваат еден пакт на доверба помеѓу граѓаните и нивните преставници. Ако преставниците на тој пакт, дотолку повеќе ако се на власт и ги имаат сите расположливи инструменти за влијание, се одлучат на предавство на Уставот и на своите граѓани, тогаш и еден глупав и површен план може да ја заврши работата и да го пробие штитот на вредностите и принципите со кои демократијата се самозаштитува. Тоа што е тешко да се пробие е пречката на легалноста и верноста кон Уставот, одлуката да се излезе надвор од законот, да се премести основата на моќта од конзенсузот кон злоупотребата. Се разбира, тоа малку вреди без луѓе и институции подготвени да се спротивстават на пучот, предавството или превласта на една популистичка и харизматична власт или личност.

Америка мора да се соочи со сопствениот демократски дефицит

Долго време се веруваше дека институционалната архитектура на Америка е толку силна што може да ја издржи секоја фашизоидна дегенерација. Подеднакво во заблуда беа многумина кои веруваа дека појавата на Трамп и начинот на функционирање на неговото претседателство се обична лична аномалија која, еднаш поразена, ќе биде надмината. Но, денес гледаме дека тоа не е така и дека како што одредени економски, социјални и политички процеси доведоа до подемот на Трамп, така и неговата акција доведе до дополнителна демократска дегенерација. Трамп ја постави Америка на нејзиниот пат кон автократија и само ги зајакна внатрешните процеси на политичка поларизација, кои со него или без него, и понатаму ќе ја нагризуваат американската либерална демократија, а со тоа и нејзината способност да биде пример и лидер на остатокот од демократскиот свет. Поларизацијата на Америка се претвори во прашање од национална безбедност за земјата, и сѐ додека се продолжува да се бараат одговори на глобалниот авторитарен подем само надвор од границите на САД, дотолку повеќе процесот нема да го добие неопходниот контраодговор. Америка мора да си го признае и да се соочи со сопствениот демократски дефицит и дегенерација, пред повторно да биде фарот на демократскиот свет.

Америка е првата која треба да покаже како се поразува и надминува метафизичкото поимање на лидершипот и неговата популистичка деформација. Тоа значи да се порази радикалната интрепретација на новата конзервативна десница, која добивањето власт го поистоветува со освојувањето на моќ, која изборната победа ја претвора во доминација, која е убедена дека е слика и прилика на совршената судбина која ѝ следува на татковината, која пак треба да се спаси и искупи, наместо едноставно да се владее и раководи.

- повеќе од авторот: Поизневерена од Македонија и целосно уништена е само Босна

Дегенерација на конзервативизмот

Станува збор за една модерна форма на авторитаризам која верува во идеолошка персонификација, која е убедена дека еднаш освоената моќ не смее да се изгуби, затоа што нејзиниот материјален и духовен мандат е вечен и неотповиклив. Таквиот авторитаризам ја негира реалноста која е пред сите нас ,само со цел да се потврди себеси и да ни се наметне. Во случајот на Америка тие авторитарни пулсации коинцидираат со конјукцијата помеѓу екстремната супрематистичка, расистичка и комплотистичка десница и конзервативниот мејнстрим, кој наместо да ја стиши авторитарноста, ја инглобира во себе и така ѝ дава една поиздржана, структурирана и традиционална идеологија. Така се менува и се радикализира самиот конзервативизам, кој дегенерира во параавторитарни форми. На тој начин западната десница веќе не е ни конзервативна, бидејќи во својата историска димензија, таа или е либерална или не е.

- повеќе од авторот: Студен мир помеѓу САД и Кина

Оттука, тоа што е алармантно за политичката реалност на Америка не е само психолошката нарцисоидност на Трамп. Самиот електорат на Републиканците се трансформира, радикализира и поларизира во голем дел од рурална и традиционална Америка која доминира на југот западот од земјата. Проблемот станува дотолку поголем поради федералната природа на американската држава, каде демократското уназадување повеќе настанува како последица на промени во изборните процеси во засебните држави отколку од загрозувањето на некаква неутрална процедува на верификација и контрола. Се радикализираат самите држави, а знаеме дека нивното влијание некогаш може да е пресудно за судбината на цела Америка. Бајден стана претседател само затоа што гувернерот на Тексас и други републикански гувернери одбија да подлегнат на притисокот од Трамп кој бараше да се поништат изборните резултати.

- повеќе од авторот: 

Ако Бајден и Америка сакаат да го променат актуелниот тренд мора прво домашното општество да го направат порезилиентно и помалку ранливо на популизам и манипулации, соочувајќи се со растечката нееднаквост, корупција и поларизација. Економијата и едукацијата се можеби двете најјаки алатки за таа цел. Пазарот и економијата се најдобрите и најефективни разредувачи на радикализмот. Образованието, пак, може да ги намали бариерите во можностите и да им помогне на луѓето да разликуваат лага од вистина. Само просперитетни и едуцирани луѓе може да се менуваат себеси и своите заедници. Ако Америка навистина посакува демократија дома и надвор од своите граници, тогаш мора да излезе од досегашниот „business-as-usual“ и да покаже дека за секоја девијација и популистичко однесување постојат реални последици. Тоа не го гледаат ниту граѓаните на САД ниту пак граѓаните низ светот.

Ни најмоќните не се имуни на лошо раководење

Најмногу од сѐ, неопходно е да се поврати довербата во чесноста, еднаквоста и правдата. Како што Америка почувствува на своја кожа со Трамп, а ние останатите тоа и предобро го знаеме, ниедна земја на светот, па ни најмоќната, не е имуна на лош и корумпиран лидершип, на ерозија на правната држава и на деградацијата на нејзините институции. Демократијата не се поправа сама од себе, туку бара постојана нега.

Ранливоста на американската демократија и систем се покажа како застрашувачка. Ако таква е реалноста во Америка, каква демократска надеж преостанува за нас останатите?!