1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Самитот на ЕУ во сенка на спорот со Унгарија

Бернд Ригерт
24 јуни 2021

Европската комисија и унгарскиот премиер се во клинч на темa: дискриминација на хомосексуалците. Безличниот самит би можел „да светне“ во боите на виножитото. Бернд Ригерт известува од Брисел.

https://p.dw.com/p/3vTHK
Belgien, Brüssel, Grand Place, Groote Markt I Regenbogen
Фотографија: Bernd Riegert/DW

Непосредно пред денешниот самит на ЕУ, повторно се заострија полемиките меѓу Унгарија и Европската комисија заради унгарскиот закон за „хомосексуално влијание“. За унгарскиот премиер Виктор Орбан актуелните жестоки критики од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, за законот се „срамни“ за Комисијата.

Фон дер Лајен му напиша протестно писмо и најави правни мерки против унгарскиот закон, затоа што тој бил „срамен“ и „јасно дискриминирачки“ настроен против луѓе со одредена сексуална ориентација. „Верувам во Европска унија во која секој човек може слободно да одлучи кого ќе сака,“ рече Фон дер Лајен во Брисел.

Во Брисел знамиња во бои на виножитото

Спорот околу законот со кој се забранува претставување на хомосексуален стил на живеење во медиумите кои им се достапни и на децата, може да преовлада како тема на самитот на ЕУ. И германската канцеларка Ангела Меркел го критикуваше унгарскиот закон. Виктор Орбан пак го брани. Во интервју за германската агенција ДПА, тој изјави дека воспитувањето на децата се одвива дома. „Со ова ја штитиме задачата на родителите,“ рече Орбан.

14 од 27 европски премиери во вторникот објавија заедничка изјава со критики за унгарската влада. Од друга страна многу земји членки, во најголем број од Источна Европа решија да не го потпишат писмото. Разликите на релација Будимпешта – Брисел, дополнително се заострија по одлуката на УЕФА да не дозволи за време на мечот Унгарија-Германија во рамки на европското првенство во фудбал, стадионот во Минхен да биде обоен во боите на виножитото, во знак на поддршка за ЛГБТ заедницата.

TABLEAU |  Ungarn Budapest LGBTQ Protest
Фотографија: MARTON MONUS/REUTERS

Фудбалскиот сојуз кој е обврзан на неутралност го оцени овој потег како политичка порака. Во знак на солидарност со Минхен градоначалникот на Брисел го осветли централниот плоштад Гранд Плас во боите на виножитото. Спорот за унгарскиот закон може да предизвика поголема дебата околу владеењето на правото на самитот на врвот на ЕУ, и тоа не само со Унгарија, туку и со Полска или Словенија, проценуваат европски дипломати во очи на состанокот. Европската комисија и Советот на министри со години водат постапки против Унгарија и Полска. Европскиот суд на правдата и наложи на Полска на пример да им ја врати независноста на своите судии. Досега без успех.

Бугарија го блокира проширувањето

Учесниците на самитот ќе имаат дополнителна „забава“ со уште една земја членка – Бугарија. Владата во Софија категорично одбива да го тргне ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија. 26 земји членки се за, само Бугарија блокира. Иако Северна Македонија ги има исполнето сите критериуми за старт на преговори за членство со ЕУ, Бугарија бара од Скопје дополнителни декларации за културни и историски прашања и јасно одрекување од било какви територијални претензии.

Повеќе:

-Пораки на поддршка и охрабрување по бугарското вето: „Не се откажувајте“

-Германски пратеници за бугарското вето: Критики за Софија и Вархеји

-Бугарија не се пишмани за ветото, студен туш и од Луксембург

Бугарија од почетокот ги блокира започнувањето на преговорите поради спор околу дел од заедничката историја, поради што Северна Македонија една година седи во чекална. Исто така, поради бугарското вето ниту Албанија не може да продолжи со процесот на зачленување во ЕУ, поради тоа што двете земји одат во пакет. Фрустрацијата е огромна.

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

Пред самитот, германскиот министер за надворешни работи Михаел Рот отворено побара од Софија конечно да попушти. Бугарскиот министер за Европа, Румен Александров возврати дека преговорите продолжуваат во јули, за време на следното словенечко претседателство. Со други зборови – на овој самит не се очекува никакво поместување.

Здодевен самит?

На официјалниот дневен ред на Европскиот совет стојат четири оскудни збора: Ковид 19, обнова, миграција и надворешна политика. До почетокот на самитот беа достапни само основни драфт верзии на официјалните заклучоци од Самитот. Германската канцеларка дури се откажа и од вообичаениот брифинг за дописниците од Брисел, кои би требало да известуваат за нејзиниот последен самит како канцеларка. Ова укажува на тоа дека има малку суштински одлуки кои треба да се донесат или на жестока кавга по поединечни прашања поради што не може од претходно да се формулираат заклучоците од средбата на врвот на ЕУ.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија