1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот Трамп-Ким откажан поради погрешна проценка

Матијас фон Хајн
25 мај 2018

Откажувањето на самитот со севернокорејскиот властодржец Ким го поштедува Трамп од непријатен неуспех. Стратегијата „сѐ или ништо“ ги доведоа САД во ќорсокак, оценува Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/2yIVF
Südkorea TV Bildschirm Donald Trump, Kim Jong Un
Фотографија: picture-alliance/AP Images/A. Young-joon

Засега нема ништо од Нобелова награда за мир за Доналд Трамп. „Вршителот на должност дилмејкер“ го откажа самитот со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун. Пикантно е тоа што сѐ се случи само неколку часа откако Пјонгјанг го уништи полигонот за атомски тестови Пунгери, што - при сета скепса - беше позитивен гест.

Откажувањето на самитот не доаѓа сосема изненадувачки. Тонот помеѓу двете страни во последните недели стана поостар. И, се множеа знаци дека освен фото-термин во Сингапур, кој би бил пријатен за Ким, во Сингапур нема да биде постигнат видлив успех.

Американската администрација од почетокот прецени на какви отстапки би била подготвена Северна Кореја. Националниот советник за безбеднсот Џон Болтон јасно ги формулираше барањата на САД: само целосно и конечно нуклеарно разоружување ќе биде наградено со економски олеснувања.

Преговарачка стратегија според мотото - сѐ или ништо. Таквата стратегија не стана подобра со постојаните потсетувања од страна на Болтон и, последно, со потсетувањето на потпретседателот Мајк Пенс во понеделникот на „Либискиот модел“. За Северна Кореја тоа значеше јасна закана. На либискиот властодржец Гадафи не му помогна тоа што се откажа од својата нуклеарна програма - тој во 2011 година беше соборен од власт со помош од Западот и потоа убиен.

von Hein Matthias Kommentarbild App
Матијас фон Хајн

Погрешна беше и проценката на Вашингтон дека притисокот на санкциите и воените закани ќе ја натераат Северна Кореја на преговори. Напротив, од севернокорејски аспект преговорите станаа привлечни само благодарение на самоувереноста поткрепена со атомско оружје и интерконтинентални ракети, значи преку позиција на релативна сила.

Самитот ќе му беше од полза пред сѐ на Ким

Се разбира дека за севернокорејскиот диктатор самит со Трамп ќе претставуваше огромен успех. Во комунистичката династија на Ким-наследници, на директни преговори со САД инсистираа и дедо му и татко му. Од максимална меѓународна изолација да се скокне на маса за преговори со американскиот претседател на Ким ќе му донесеше огромен престиж. А, особено ќе беше така доколку од Сингапур во Пјонгјанг се вратеше со резултати во вид на олеснувања на санкциите и економска помош. Но, дали за да го постигне тоа ќе се откажеше од инструментите кои го обезбедуваат опстанокот на Ким-династијата? Тешко.

Особено ако не може да се потпре на Американците и нивните ветувања. Не само „Либискиот модел“, туку пред сѐ откажувањето на договорот со Иран за атомската програма го зголемија многу и онака постоечкиот сомнеж во доверливоста на Вашингтон.

Повеќе: Зошто одлуката на Трамп за Иран е фијаско за Кореја

Сѐ уште нема ледено доба

Со откажувањето на самитот ѝ е нанесен удар на надежта за постигнување мировен говор кој ќе му стави крај на веќе шест децении постоечкиот прекин на огнот. Меѓутоа, не треба сосема да се губи надеж. Она што паѓа в очи е дека Северна Кореја досега избегнува отворени напади врз Доналд Трамп. А и текстот од Белата куќа со кој се информира за откажувањето на самитот остава отворен еден прозорец.

Повеќе: Што би можеле да се договорат Трамп и Ким?

Не треба да се заборави: минатата есен Корејскиот Полуостров, по серијата севернокрејски тестови на интерконтинентални ракети од една страна и американските закани од друга, се чинеше дека е на раб на војна. Но, потоа следуваа деескалирачката реторика во новогодишниот говор на Ким, учеството на Северна Кореја на Зимските олимписки игри, самитот со јужнокорејскиот претседател Мун и конечно - најавата за самитот Ким-Трамп во Сингапур.

Останува надежта дека ваквото затоплување нема веднаш да се претвори во опасно ледено доба. Време е дипоматите од двете страни да почнат да работат на одржлива и реална основа за Ким-Трамп самит. Со стратегија „сѐ или ништо“ САД нема да постигнат ништо!