Силјан Мицевски „малку“ се збуни
3 септември 2019Бизнисменот Силјан Мицевски, за еден месец целосно ги смени исказите што претходно ги даде во врска со случајот „Рекет“. По обелоденувањето на фактот дека неговата градежна компанија „Пелистер" е една од оние кои склучиле договор со невладината организација Меѓународен Сојуз на Бојан Јовановски за изградба на Европски комплекс за возрасни лица, тој потврди дека пари во висина од 720.000 денари префрлил на сметка на Лилјана Тодоровска, затоа што знаел дека таа е автор на идејата за комплексот. И Тодоровска пред да даде исказ во Обвинителството за медиумите потврди дека парите биле префрлени на нејзина сметка, но веднаш откако ги подигнала, ѝ биле одземени од лице од Меѓународниот сојуз.
Сега Мицевски има нова приказна. Вчера, пред да даде исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал, тој пред новинарите тврдеше дека парите не ги уплатил на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, туку на Меѓународниот Сојуз. Запрашан дали се сретнал со Бојан Јовановски, тој одговори: „Не, со Меѓународниот сојуз се договоривме преку договор“. На прашањето како ќе си ги врати парите, кусо изјави: „Ќе го прашате Бојан“.
Јасна Мандиќ: Хонорарот пристигна на сметка на Л.Т.
Оваа изјава на Мицевски е во целосна спротивност и со тврдењата на потпретседателката на Меѓународниот Сојуз, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, која на 6-ти август се огласи со соопштение против „медиумските шпекулации“ за намената на парите што ги прибирале во организацијата. И таа потврди дека парите стигнале на сметка на Лилјана Тодоровска, со тоа што во соопштението користеше иницијали.
„Паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на Меѓународнот сојуз и исполнување на договорите со партнерите. Потенцираме дека хонорарот пристигнат на сметка на Л. Т., еден од координаторите и идеен творец на проектот, веќе беше предмет на истрага од страна на Финанасовата полиција и ОЈО, по што се утврди дека транскацијата е во рамките на позитивните законски прописи и истрагата е сопрена. Временското одлагање на остварувањето на целите на Меѓународниот сојуз е исклучиво од објективни причини а никако по вина на Меѓународниот сојуз и координаторите на проектите“, тврдеше Мандиќ во соопштението.
Дека на сметката на Меѓународниот Сојуз не стигнало практично ништо, најмалку парите од Мицевски, покажуваат и годишните сметки на оваа организација. За две години колку што постои, не нејзината сметка имало само околу 5.500 евра.
Финансиска полиција го истражувала случајот
Новата верзија на Мицевски нема да помине ни во Управата за финансиска полиција, која еднаш се занимавала со овој случај. Директорот на оваа институција, Арафат Муареми, во втората половина на август за БИРН објасни како стигнал првиот сигнал дека се случува нешто сомнително. При крајот на 2017 година, една банка пријавила во Управата за финансиско разузнавање дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирала Обвинителството, кое ги замрзнало средствата, и ѝ се обратило на Финансиската полиција да ги истражи потеклото и намената на паричните средства. Според Муареми, тогаш било утврдено дека градежна компанија од Битола префрлила над 700.000 евра на жена, која веднаш била повикана во Финансиска полиција. Таму кажала дека парите се наменети за проект што бил замислен како модерен европски центар за возрасни лица.
„Таа достави целокупна документација за проектот. Според нејзиниот исказ, проектот е поминат во претходната влада кога имало Ден на идеи (...) Овие пари се давале само за изумот“, изјави Муареми за БИРН, објаснувајќи како пензионерката Лилјана Тодоровска ги убедувала дека проектот е реален и дека парите ги добила по основ на склучен договор за стратегиско партнерство и деловна соработка. Објектот со дополнителни пари требало да го гради битолската фирма.
Мицевски со иста изјава како Тодоровска
Истрагата не запрела на тоа. Од финансиската полиција го повикале и управителот и сопственик на градежната фирма од Битола.
„Неговата изјава соодветствуваше со изјавата на жената.“ изјави Муареми, но потенцира дека продолжиле да истражуваат бидејќи се сомневале во перење пари. Утврдиле дека парите што се префрлени на изумителот на проектот, биле собрани од акумулираната добивка од минати години на фирмата. Парите не биле сомнителни бидејќи не биле пристигнати од трети фирми или од офшор-компании, а компанијата успешно работела во минатите години. Тогаш повторно ја повикнале Тодоровска и ја прашале зошто сака да ги подигне парите во готово. Таа дошла со адвокат.
„Кога ние почнавме да ‘напаѓаме' дека ова е фиктивно, прво нешто што направи нејзиниот адвокат - нѐ праша: Чекајте, дали на државата ѝ се платени даноците? И навистина ни доставија потврда оти за таа трансакција е платен персоналниот данок на исплатените пари. Од друга страна, компанијата го платила данокот на добивка и сопственикот тврдеше дека тие се негови пари и ќе прави со нив што сака. И толку. Заднината на сето тоа не можеш да ја утврдиш додека не користиш други мерки, како на пример, посебни истражни мерки“, изјави Муареми.
Финансиската полиција изготвила посебен извештај и го пратила во Обвинителство за понатамошно постапување. Парите се одмрзнале и жената ги подигнала. Но, по обелоденувањето на случајот „Рекет“ таа тврдеше дека била ограбена од некој во Меѓународниот сојуз. Не се знае дали истото го тврдела и во исказот даден во Обвинителство.
„Да го кажеше тоа во тоа време, истрагата сигурно ќе имаше друга насока“, изјави Муареми.