Сијарто: Не му помогнавме на Груевски во Македонија
29 ноември 2018„Моментот кога Груевски се појави во нашата амбасада во Тирана... беше првиот пат кога го сретнавме во овој случај“, тврди Сијарто во интервју за агенцијата АФП. Унгарскиот министер ги отфрла како лаги тврдењата дека неговата земја имала било каква улога во бегството на Груевски од Македонија.
„Лага е дека Унгарија би му помогнала на поранешниот македонски премиер да ја напушти Македонија“, вели тој.
Груевски избега од Македонија за да одбегне служење на двегодишна затворска казна, откако беше правосилно осуден во случајот со набавката на службено возило. Тој експресно доби политички азил во Унгарија. Информациите од Албанија, Црна Гора и Србија велат дека целата рута од Тирана до Будимпешта, Груевски ја минал во унгарско дипломатско возило, но останува до крај нерасчистено како заминал од Македонија.
Дојче веле веќе информираше дека возило на унгарската амбасада од Белград било видено во гаражата на хотелот Мериот за време на апсењето на поранешниот шеф на тајната служба и братучед на Груевски, Сашо Мијалков. Обвинителството во Македонија истражува како Груевски ја напуштил земјата, додека МВР се уште молчи за истрагата.
Што знаела Будимпешта?
Постојат индиции дека Унгарија можеби му помогнала на Груевски да побегне и од Македонија, иако докази за такво нешто досега не се презентирани.
Унгарскиот политолог и надворешно-политички експерт Андрас Рац од Институтот Политички Капитал од Будимпешта за ДВ изјави дека е малку веројатно оти Унгарија немала улога и во бегството на Груевски од Македонија.
„Патот на Груевски од амбасадата во Тирана преку Црна Гора и Србија до Унгарија делува особено темелно организиран“, вели Рац.
„Оттука, според мене, би било впечатливо доколку унгарската влада не му помогнала на Груевски и при бегството од Македонија или барем била запознаена со деталите“.
Сличен е ставот и на независната унгарска пратеничка Бернадет Сел.
„Во мозаикот на информации, тврдењето на унгарската влада дека немала ништо со бегството на Груевски од Македонија, делува неверодостојно“, изјави Сел за ДВ.
Сијарто од друга страна, ги оцени за скандалозни сомнежите дека неговата земја му помогнала на македонскиот бегалец од правдата.
„Ние немаме ништо со начинот на кој тој (Груевски, н.з.) ја напуштил Македонија и навистина е скандалозно што некои меѓународни медиуми сугерираат дека сме имале улога“, рече Сијарто.
Што правело Скопје?
Македонскиот премиер Зоран Заев пред неколку дена не ја коментираше улогата на Унгарија во бегството на Груевски, но индиректно ги критикуваше државите низ кои минал неговиот претходник на функцијата.
На критиките синоќа одговори црногорскиот премиер Душко Марковиќ кој му порача на Заев да се позанимава со тоа што (не) правеле македонските власти за да го спречат бегството на Груевски.
„Груевски влезе во Црна Гора, а потоа и во Србија. Во тој момент, според податоците со кои располагаше Црна Гора, за Груевски не беше издадена никаква потерница,“ изјави црногорскиот премиер.
„Мојот пријател Заев треба да се позанимава со фактот што навреме не е распишана потерница по Груевски, и како тој без пасош влегол во земја членка на Европската унија – ова прашање не може да се става на Црна Гора”, рече Марковиќ.