1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ја стави партијата на Орбан во пат-позиција во ЕУ

БГ
24 ноември 2018

Прифаќањето на барањето за азил на ексмакедонскиот премиер ја става партијата на Орбан во тешка ситуација не само во однос на ЕУ, туку и пред сестринската групација ЕПП во Европскиот парламент

https://p.dw.com/p/38r2A
Ungarn Mazedonien Orban mit Ex-Premierminister Gruevski in Budapest Archiv
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Soos

Виктор Орбан и неговата владејачка партија Фидес ќе имаат проблем да објаснат пред Европскиот парламент, зошто во октомври годинава поддржале позитивна оценка за напредокот во владеењето на правото во Македонија, а еден месец подоцна, во образложението за азилот кој му беше доделен на експремиерот Никола Груевски, тврдат дека против него се водел политички прогон и дека судската одлука била политички мотивирана. 
На 29 ноември, Европскиот парламент ќе дебатира за резолуцијата која ќе и биде предложена на Европската Комисија како придонес во следниот Извештај за напредокот на Македонија. 
Во октомври годинава, во рамките на комисиска расправа при подготовката на резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија, владејачката унгарска партија Фидес поддржа бројни позитивни оценки за демократскиот развој во Македонија, судството и борбата против корупцијата. Во подготовката на предлог-одлуката од Фидес учествувал европратеникот Ласло Токес, и истата ја поддржал заедно со сите други пратеници од Европската народна партија (со исклучок на еден грчки европратеник). 

И Фидес гласал дека во Македонија има напредок
Според точката 23 од нацрт-резолуцијата, која ја пренесува унгарскиот весник „Непсава“, „ЕУ ги поздравува напорите (на Македонија, н.з.) да промовира добро владеење, одговорност и слободни медиуми, да ја зајакне транспарентноста и да го подобри пристапот до информации од јавен карактер“. Текстот ги апострофира „правосудните реформи во Македонија, враќањето на независноста на правосудството, одговорноста и професионализмот, и елиминацијата на политичките интервенции и селективната правда“. 
Понатаму, ЕП нотира дека функционалното судство и борбата против корупцијата се екстремно важни за придружување, но и дека се потребни „натамошни напори за заштита на судството од политичко мешање“. 
Она што е најинтересно од аспект на одлуката на Унгарија да му додели азил на Груевски, е манифестираната загриженост на ЕУ во однос на „нискиот број на судски одлуки во однос на случаи на корупција од високо ниво“. Овој недостаток се забележува во повеќе Извештаи за напредокот на земјата низ годините, но овојпат кочницата не се македонските судови, туку една земја-членка на ЕУ. 
Токму бегството на Груевски во Унгарија ја наведе и пратеничката група на социјалистите во Европскиот парламент да интервенира со нови амандмани во резолуцијата, кои директно се однесуваат на скандалот околу бившиот премиер. Имено, во првиот амандман се констатира дека „Никола Груевски треба да одговара пред македонскиот судски систем, и притоа се повикува Унгарија, како земја членка на ЕУ, да го почитува владеењето на правото, кое е фундаментален принцип на Европската унија, и да го екстрадира Груевски во Скопје“. 
Во вториот амандман се нагласува дека „Груевски бил осуден во транспарентен судски процес“, дека е „обвинет во четири други кривични премети, а пет други кривични истраги во кои тој е инволвиран се во тек“. 
Фидес против ЕПП
Според информациите од Брисел, амандманот на социјалистите веќе го прифатиле и пратениците на конзервативната Европска народна партија, чиј член е и унгарската Фидес. Но, според независните унгарски медиуми, пратениците на Фидес во Европскиот парламент нема да гласаат за амандманот. 
Ќе биде интересно да се чуе и кој ќе биде ставот на партијата на Орбан за време на пленарната расправа во Европскиот парламент за Македонија, со оглед на тоа што Унгарија веројатно нема да биде поштедена од критика поради доделувањето азил на Груевски. 
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски доби азил во Унгарија во експресна постапка, откако претходно избега од Македонија и со помош на унгарски дипломати преку Албанија, Црна Гора и Србија, дојде до Будимпешта. 
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот го бранеше прифаќањето на Груевски со став дека тој е пријател и сојузник на неговата земја. 
Опозицијата во унгарскиот парламент исто така најави дека ќе иницира формирање парламентарна комисија која треба да ги истражи околностите на случајот Груевски. 
 

Europäisches Parlament in Straßburg | Viktor Orban, Premierminister Ungarn
Европратениците на партијата на Орбан ќе имаат многу за објаснување на расправата за МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/J.F. Badias
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема