Со „Индекс“, Унгарија губи една институција
30 јули 2020Агнес Урбан, родена во 1974. година, е една од водечките унгарски медиумски експерти. Таа студирала економија на Универзитетот Корвинус во Будимпешта и со години врши истражувања во областа на медиумската економија, медиумската потрошувачка и деловните медиумски модели во Унгарија. Од 2012. година таа раководи со Катедрата за инфокомуникација на Корвинус Универзитетот. Таа е соработник и на „Mérték Médiaelemző Műhely" (Медиумско аналитичка работилница), најважниот унгарски аналитички медиумски истражувачки центар.
ДВ: Госпоѓо Урбан, минатата недела беше разрешен главниот уредник на „Индекс", Саболч Дул. Во знак на протест, речиси сите уредници поднесоа оставки. Може ли да се каже дека „Индекс" повеќе не постои?
Агнес Урбан: „Индекс" не беше обичен портал, туку најголемиот медиум и најсилната интернет-марка на Унгарија. Но, „Индекс" пред сѐ претставуваше институција. Формално и технички порталот ќе продолжи да постои, но формата на „Индекс" каков што го знаевме, веќе ја нема.
Во изминатите десет години се случија бројни решавачки политички настани на унгарскиот медиумски пазар. Како го оценувате во тој контекст скандалот со „Индекс"?
Ова претставува пресврт, ваква силна медиумска марка како „Индекс" владата досега не можеше да добие во свои раце. Ова е споредливо можеби само со случајот на ТВ2, но таа работи во областа на забавниот сектор, не на информативниот пазар.
Владата демантира поврзаност со аферата „Индекс". Дали е тоа веродостојно?
Не, апсолутно не. Од 2018. година претприемачи блиски до владата се косопственици во „Индекс", во март годинава Миклош Васили презеде удел од 50 проценти од „Индамедиа", рекламната фирма која генерира приходи за „Индекс". Васили е „тешкаш" во медиумите блиски до владата, тој беше генерален директор на јавни медиуми и редица приватни наклонети кон владата медиуми, тој ја разреши независната редакција на „Ориго" и го доведе порталот на курс на владата. Сосем е јасно, владата не може да тврди дека нема врска со целата работа.
Владините медиуми го обвинуваат отпуштениот главен уредник Саболч Дул за разбивање на „Индекс" со помош на левичарски политичари. Што мислите за тоа?
Провладините медиуми беа затекнати од настаните и со денови не можеа да се снајдат. Прво молчеа, потоа измислија дека зад целата работа стојат левичарските опозициони партии. Во тоа им помогна и што либерална опозициска партија организираше протести поради аферата со „Индекс". Но, се разбира, тоа е целосно луд наратив. Зошто опозицијата би го уништила најголемиот независен медиум? Со тоа, од аспект на изборите по две години, само самата би си нанесла штета. И дури и ако опозицијата би имала таква цел, тешко дека би била способна на тоа, со оглед што во изминатата деценија практично не успеа да направи нешто разумно.
Толку влијателен медиум како „Индекс" во Унгарија веќе нема. Дали ова симболизира крај на слободата на медиумите?
Ваква констатација веќе падна кога во 2016. година преку ноќ беше затворен дневниот весник „Народна слобода". Но, ако некогаш се погледне ретроактивно, мислам дека ќе се дојде до заклучок дека сегашните случувања со „Индекс" се вистинскиот симболички пресврт во историјата на слободата на медиумите во Унгарија.
Што губи Унгарија со „Индекс"?
„Индекс" беше еден од најважните елементи во унгарската јавност. Тој беше најважен извор на информации за цела генерација и информативен портал со еден милион посетители дневно. Денес е незамисливо во Унгарија да се најде ваков сличен играч. „Индекс" е врсник со унгарскиот интернет, тој практично растеше заедно со него. Уште повеќе: за многумина Унгарци „Индекс" беше равенка со интернет. Сосема сигурно дека нешто како „Индекс" нема да има.
Повеќе на темата:
Илјадници Унгарци на протест за слобода на медиумите
Медиумите во канџите на автократите
Моја Европа: Светлото и сенките на Виктор Орбан
И новинар на Дојче веле на мета на режимот на Орбан
Европската комисија повеќепати изрази загриженост поради настаните околу „Индекс" и состојбата на слободата на медиумите во Унгарија. Може ли ЕУ да направи нешто?
Да, секако. Меѓу другото, токму нашиот медиумски аналитички Центар во 2016. и 2019. година поднесе жалба до ЕУ поради неправилности во конкурентските односи на унгарскиот медиумски пазар, вклучувајќи селективно доделување на државни реклами. Ако ЕК ова сериозно го испита, може нешто да преземе за повторно да завладее слобода на мадиумите во Унгарија. Таа има средства во рацете. Зошто не ги користи, не можам да кажам.
Каква ќе биде идната ориентација на „Индекс"?
Мислам дека нема да биде нова пропагандна страница, зашто на тоа сите само би се смееле, како што своевремено беше случајот со некогашниот независен портал „Ориго". Верувам дека ќе биде направен обид од „Индекс" да се направи нешто што ќе личи на стариот „Индекс", со релевантни вести, но ќе се внимава да нема истражувачки извештаи, ќе се внимава срамните скандали на Фидес (владејачката партија на Виктор Орбан, н.з.) да бидат само маргинални теми.
Сопственикот на информативниот портал 24.hu, Золтан Варга во едно интервју изјави дека и неговиот медиум се наоѓа под притисок. Кој би бил следниот чекор на владата?
Веројатно Варга врши правилна проценка на работите, зашто порталот 24.hu има значаен кориснички круг, тој е втор по големина по „Индекс", иако ни оддалеку го нема неговото значење. Мислам дека сега прво ќе биде помирно, зашто ни Фидес не е заинтересирана за постојани скандали, но долгорочно, на медиумскиот фронт нема да има мир.