1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Доаѓа ли крајот на македонската статуоманија?

3 ноември 2017

Работната група формирана од министерот за култура во досега изработените елаборати укажува на бесправноста на спомениците и препорачува нивно отстранување. Одлуката треба да ја донесе Владата

https://p.dw.com/p/2mwvk
Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Доаѓа ли крајот на деценијата на статуоманија во Македонија? Нови споменици не се планираат, а за судбината на последните одлука треба да донесе Владата, откако ќе ги разгледа елаборатите што ги подготвува Работната група формирана кон крајот на летото од министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Таа има задача да ја анализира законитоста на постапките за градење на спомениците од проектот „Скопје 2014“ кои го узуприраа јавниот простор во центарот на градот, да ги процени штетите и да препорача мерки за справување со последиците.

„Досега се изработени два елаборати - за споменикот на Андон Јанев - Ќосето и за споменикот во градба на Мајка Тереза, и тие му се предадени на министерот да и ги предочи на Владата, која ќе одлучува за нивната понатамошна судбина“, вели професорот Мирослав Грчев, кој ја предводи Работната група.

Она што најмногу ја интригира јавноста е каква ќе биде судбината на споменикот „Воин на коњ“, проектното име под кое е подигнат споменикот на Александар Македонски. Според работната група, и тој, и сите други споменици се третираат од аспект на законитоста на постапките со кои се подигнати на јавни простори.   

Alexander der Große Denkmal Skopje Innenstadt Brunnen
Фотографија: DW/F. Hofmann

„Комплетиран е елаборатот и за споменикот на Александар Македонски и тој ќе му биде предаден на министерот. Сите три елаборати ја потврдија и ја документираа општопознатата вистина дека се работи за сериозни прекршувања на Уставот, законите и стандардите кои ја регулираат материјата за подигање на споменици и трошење на буџетските средства. Во сите изработени елаборати се укажува на бесправноста на спомениците и нивната неспоивост со владеењето на правото и се препорачува нивното отстранување и доведување на јавните простори во 'првобитна состојба'“, вели Грчев.

Скап проект

Засега нема информација кога Владата ќе ги разгледува елаборатите и препораките на Работната група, и дали ќе ги прифати. Во неколку прилики од Владата стигнуваа изјави дека дислоцирањето на спомениците е скап проект, особено откако таа наследи празна буџетска каса и куп обврски чие доспевање секојдневно бележи вртоглави суми. По ваквите дилеми, Владата од една страна добиваше критики дека најскапо ќе чини ако преку недејствување се легализира криминилот „оспоменичен“ преку тој проект, а од друга - дека каква било дислокација ќе предизвика незадоволство кај дел од граѓаните кои ги доживуваат спомениците како врвни „сведоци“ за ред прашања со предзнакот „национално“. Но, ако засега не се знае дали Владата ќе реши да го испрати „Воинот на коњ“ од плоштадот „Македонија“, се поизвесно е дека името „Александар Велики“ ќе замине од скопскиот аеродром, како симболичен гест на добра волја во градењето добрососедски односи со Грција.

Ваквата можност ја навести и вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, со став дека разликите околу името со Грција ќе бидат решени наскоро. Тој во емисијата „Патот кон“ на телевизијата Алсат-М, тврди и дека Македонија може да избегне референдум благодарение на решение кое би произлегло од промената на името на аеродромот „Александар Велики“ и на останатите стратешки точки кои досега Грција ги сметала за иредентистички.

Поради ова, дел од јавноста смета дека и целите на кои е посветена Работната група се директно поврзани со олеснување на процесот за решавањето на спорот за името. Од Работна група велат дека тоа е погрешно толкување: тие се занимаваат со (не)почитувањето на процедурите и законите, односно криминалот што стои зад спомениците, а според Грчев, „обемот и природата на тој криминал укажува дека се работи за злостор што трае“.

Бронзени скулптури - сопственост на Владата

Во меѓувреме, стопирана е изградбата на барокни фасади во центарот на главниот град. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, наредил да се запре со барконото фасадирање на 95 објекти, кои се реновираа по налог на неговиот претходник Коце Трајановски. За нив биле предвидени околу 90 милиони денари пари од граѓаните. И додека е полесно да се стопира нешто пред изградба, потешко е да се реши за завршен проект, особено по погрешните толкувања што се може да се третира како градежен шут.    

Архитектите бараат ревизија на „Скопје 2014“

„Во медиумите погрешно се толкува и мојата изјава дека спомениците ќе бидат евакуирани од градот во 'форма на градежен шут', како што налага законот за градење во случај на отстранување на бесправни градби. Бронзениот дел од споменикот не е градежен материјал и не е опфатен со оваа формулација: таа се однесува на бетонските и други градежни елементи од спомениците - нивните постаменти и слично. Самите бронзени скулптури се сопственост на Владата на РМ - и таму кадешто нивното градење е финансирано со средства од републичкиот буџет - таа ќе одлучува за нивната понатамошна судбина“, потенцира Грчев.

Притоа го споделува и чувството што го доживеале членовите на Работната група соочени со доказите за прекршувања на законите при градењето на спомениците.

Rohbauten an zentralem Platz von Skopje
Фотографија: DW/F. Hofmann

„Тоа се инфантилните незаконски исплати од ставката 'Заштита на културното наследство' за градење на перверзни новоградби, чија вкупна уметничка и културна вредност - може да се изрази со 'еден товар коњски измет'. Увидот во начинот на кој практично целата државна администрација тивко и лојално ги проследувала овие криминални решенија, милионски исплати и други криминали, со секојдневна рутина и тривијалност, ни овозможи од прва рака да ги сфатиме реакциите на Хана Арент кога го следеше судењето на Адолф Ајхман во Ерусалим, 1961 година. Таа беше потресена од 'баналноста на злото', од фактот што може да постои држава која ќе креира околности во кои злосторност е нормалност, во кој злосторниците учествуваат во злосторот во текот на својата дневна, лојална службеничка рутина. Не ги споредувам злосторите, но суштината на 'баналноста на злото' ја почувствувавме соочени со стотици незаконски и криминални акти што секојдневно ги продуцирале институциите на државата во минатата деценија“, вели Грчев.