Лажливата надеж во вакцината на Путин
2 март 2021Рускиот претседател Владимир Путин ги има сите причини да се чувствува дека му се умилкуваат. Не само премиерот на Баварија, Маркус Зедер покажа отвореност за руската вакцина Спутник V. Унгарија самостојно ја одобри вакцината и нарача два милиони дози без да чека одобрение од ЕМА, агенцијата за лекови на Европската унија (ЕУ). Чешкиот премиер Андреј Бабиш, чија земја моментално страда од третиот бран на пандемијата, сега исто така сака да го користи Спутник без дозвола од ЕМА. Слично сака да постапи и Хрватска.
Дали Спутник V е спасител во нужда? Погледот одблизу открива бизарна двојна стратегија.
На прв поглед, можните испораки од Москва, во секој случај, звучат многу поветувачки отколку симболичната помош на 15.000 дози од вакцината на АстраЗенека што Берлин ги најави за Прага. Во Чешка, особено британската мутација во моментов доведува до најголема стапка на инфекција во рамките на ЕУ. Владата очекува до 20.000 нови инфекции дневно на само 10,7 милиони жители. За Кремљ, овие вести, во секој случај, се пропагандни успеси. Тие ги прават ЕУ и ЕМА да изгледаат како старинари кои наводно ѝ ставаат пречки на патот на руската вакцина. Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој ја пласира вакцината во странство, одамна пласираше една мрачна теза: ЕУ ќе ја „геополитизира“ вакцината.
Колкави се навистина производствените капацитети на Русија?
Сосема во духот на Москва, се создава впечаток дека тврдоглавиот Запад ќе се спротивстави на поплавата од вакцини од Истокот. Но, тоа нема многу врска со реалноста. Дури и ако ЕМА го одобри Спутник V во блиц-постапка, среднорочно, ова не би донело никакви предности за кампањата за вакцинација ширум ЕУ. Причините за ова лежат помалку во наводното незадоволство на ЕУ од руската вакцина, а повеќе во ограничените производствени капацитети на Русија. Руските власти не се премногу дарежливи со официјалните податоци за производството на руските вакцини. Ретките бројки што повремено излегуваат во јавноста не звучат многу надежно.
Повеќе:
-Речиси 92-процентна ефикасност на Спутник V
-Трка по вакцини на сите страни - спас се бара во „Синофарм“ и „Спутник“
-Стигна втората тура вакцини на „Фајзер“, се очекува одлука и за руската вакцина
Пред десетина дена рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека Русија произвела околу десет милиони дози од вакцината Спутник и од други помалку познати вакцини. Дури и мерено според сопствените потреби на 141 милиони жители, тоа е занемарливо.
Пример: Русија досега ѝ достави на Унгарија дози од вакцината доволни за првата и втората вакцинација на само 60.000 луѓе. Русија, во наредните месеци, допрва треба да ги испорача двата милиони дози, кои ги нарача Будимпешта. Доволно дози за значително подобрување на палетата на вакцини на Европската унија - вкупно скоро 448 милиони луѓе треба да се вакцинираат - Русија не може да снабди самостојно. Иако руската фармацевтска индустрија расте во последните неколку години, таа не може да прави чуда. Повеќето компании на кои им е доверено производство на вакцини молчат за сопствените капацитети за производство. Но, дури и оние кои зборуваат, остануваат нејасни. Претставник на фармацевтската компанија Генериум неодамна за Си-Ен-Ен изјави дека неговата компанија произведува „неколку милиони дози месечно“. Тие се „надеваат“ дека наскоро ќе можат да произведат десет или дваесет милиони дози месечно.
Жестока конкуренција
Значи, не е бесполезно тоа што врвните политичари на малите земји од ЕУ сега самостојно ја одобруваат вакцината Спутник - во надеж дека ќе освојат политички бодови во земјата. Во земја со десет милиони жители, дури и испорака на неколку стотици илјади дози од Спутник V може да направи разлика. На земја со 83 милиони жители како Германија ѝ се потребни сосема различни капацитети. Освен тоа, експертите предвидуваат поголеми испораки на другите вакцини во следните недели и проблемот го гледаат помалку во испораката, а повеќе во задачата за дистрибуција на вакцината на луѓето.
За Европа, Русија би требало или да испорачува дози што ги произведуваат странски партнери во Индија или во Бразил (се вели дека годишно таму ќе се произведуваат стотици милиони дози, но производството сè уште не е започнато), или Русија во соработка со Европејците би требало да изгради производствени капацитети на лице место. Русија тогаш би се нашла во жестока конкуренција со индустриските гиганти како што се Фајзер или АстраЗенека, кои исто така сакаат да ги зголемат своите производствени капацитети. Освен тоа, ќе бидат потребни месеци за зголемување на производството.
Пример: Бионтек во минатиот септември купи производствен капацитет во Марбург. Но, производството на активната состојка во вакцината не можеше да започне сѐ до февруари. Пред неколку дена, австрискиот канцелар Себастијан Курц разговараше со Владимир Путин за можноста за производство на Спутник V во алпската република - под услов вакцината да добие европско одобрување. Во Германија беше јавено за разговори меѓу компанијата од Десау, ИДТ Биологика и рускиот истражувачкиот центар Гамалеја - творец на вакцината Спутник V. Тоа беше пред четири недели. Детали не допреа до јавноста.
Кина е помалку заинтересирана за испораки во ЕУ
Но, рускиот државен фонд РДИФ, кој инаку „се фаќа“ за најмалата позитивна вест за вакцината, исто така молчи. Покрај тоа, РДИФ сè уште нема доставено апликација за одобрување на вакцината до ЕМА, иако фондот не пропушта можност да тврди поинаку. И ЕМА и берлинскиот институт „Паул Ерлих“ потврдуваат дека не е примена апликација. Неговите претставници учествуваа во разговорите во рамките на научниот советодавен процес на ЕМА. Од рускиот државен фонд, наспроти тоа, беше речено дека апликацијата е поднесена на крајот на јануари. Како доказ за ова, на Твитер беше презентиран скриншот што треба да докаже електронско испраќање на податоци до ХМА, здружение на европските фармацевтски власти, кое не е одговорно за постапката за сертификација на ЕМА.
На прашањето на новинската агенција Ројтерс, РДИФ одби да коментира зошто документите биле доставени до ХМА. Ваквите сомнителни ПР-акции ја доведуваат во прашање сериозноста на руските намери. Додека Русија користи бизарна двојна тактика во однос на европскиот пазар, меѓу повторуваните обвинувања кон ЕУ и објавената желба Европејците да го признаат нејзиниот производ, нејзиниот голем ривал Кина се чини дека е помалку заинтересиран за испораки во Европа - и покрај тоа што капацитетите на кинеската фармацевтска индустрија се далеку над можностите на Русија. Според кинеските државни медиуми, најмалку 43 милиони дози од кинеската вакцина Синофарм се искористени ширум светот. Унгарија е единствената земја на ЕУ што има нарачано пет милиони дози вакцина од Синофарм - и веќе има добиено речиси половина милион дози. Официјално одобрение од ЕУ за производите на Пекинг досега не е на повидок.