Старечки домови: Жртвите од Ковид-19 кои никој не ги брои
31 март 2020Еден по еден постарите жители на француските домови за нега се префрлаат во присилна изолација во своите соби. Нивните негуватели исто така. Се јавува недостаток и на пластични кеси за тела на починати. Никој не знае колку луѓе се заболени.
Владите во трите најпогодени европски држави- Италија, Шпанија и Франција- не вршат редовни тестови за коронавирус меѓу постарите жители кои се разболуваат во домовите за нега, ниту пак за оние кои умираат таму, дури и доколку имале симптоми на болеста.
Во овие три земји се регистрирани речиси една третина од сите случаи на глобално ниво, а поради ниското ниво на тестирање, стотици, можеби и илјадници жртви на болеста воопшто не се заведуваат.
- Коронавирус: Заштитете ги постарите!
Во тие земји се остава на болниците да ги бројат жртвите од коронавирусот, а тоа создава потешкотии во евалуацијата на ширењето на болеста меѓу постарите луѓе. Болниците се поретко примаат постари пациенти заболени од коронавирус затоа што се проценува дека имаат мали шанси да преживеат.
Никој не ги тестира старите луѓе
Според индициите, најголемиот дел од нив остануваат анонимни. Во Франција, двата региони кои први беа погодени од пандемијата, пријавија раст за 30% на бројот на смртните случаи во периодот од 1-16 март, во однос на истиот период претходната година. Шпанија и Италија се уште не објавиле статистика за тој период.
Во италијанскиот град Бергамо- епицентарот на пандемијата во земјата- само во една недела на почетокот на март пријавени се 400 смртни случаи, четирипати повеќе одошто во истиот период минатата година. Само 91 од нив биле тестирани позитивни на коронавирусот.
Во Франција, откако двајца жители на некој дом за нега ќе бидат тестирани позитивни, сите други жители на домот кои ќе починат се сметаат за заразени, но не се тестираат, ниту пак влегуваат во националната статистика на жртви од Ковид-19. Владата вети дека во тестирањето ќе ги вклучи и жителите на домовите за нега на стари лица, но досега тоа не е случај. Во домовите веќе се јавува и недостаток на пластични кеси за тела на починати, вели Марк Букин од француската федерација на болници, во која влегуваат половината од околу 7.000 старечки домови во Франција.
- Пациентите над 80 години во Стразбур веќе не се ставаат на респиратор
Студија на италијанскиот Институт за здравје анализираше колку стари лица во домовите за нега починале од Ковид-19. Во најтешко погодениот регион Ломбардија, половината од сите жители на старечките домови кои починале од 1 февруари, или го имале вирусот или имале симптоми на грип, но кај повеќето е запишан само грип затоа што не биле тестирани. Секој десетти старечки дом во Италија пријавил дека не можел да испрати свои пациенти во болница, а една четвртина не можеле да ги изолираат своите жители кои биле позитивни на вирусот.
И Велика Британија се обидува да открие колку од оние кои никогаш не стигнале до болница го имале вирусот. Националниот завод за статистика додаде 40 луѓе на листата од 210 жртви во вторникот, за да вклучи и лица од старечки домови.
Во Германија, каде бројот на жртви е далеку понизок од другите европски држави или САД, се тестираат сите кои имаат симптоми на вирусот. Тоа е случај и во домовите за нега на стари лица. Доколку во некој од домовите се открие позитивен случај, автоматски се тестираат сите жители.
Сите во изолација
Франција, чија влада се подготвува за голем бран заболени во следните 14 дена, дополнително ги заостри мерките во старечките домови. Откако на 11 март беа забранети посети, сега сите жители на домовите мораат во изолација.
„Побарав да се изолираат жители во нивните соби. Мораме да му дадеме приоритет на персоналот“, изјави францускиот министер за здравство Оливие Веран во саботата.
Иако повеќето заразени од коронавирусот минуваат со лесни симптоми, постарите лица се особено ранливи на болеста.
- Коронавирус: Брзото тестирање е најдобра заштита
Во Шпанија, војници кои дезинфицираа старечки домови минатата недела открија дека жителите во неколку објекти живееле заедно со луѓе тешко заболени од Ковид-19.
Во САД, во повеќе домови беше пријавена неовообичаено висока смртност. Властите открија дека во неколку домови персоналот го раширил вирусот меѓу постарите жители во регионот на Сиетл.
Во повеќе старечки домови во Франција, бројот на смртни случи достигна двоцифрени бројки, но се верува дека далеку повеќе се заразени. Стравот е дека причината за нивната смрт нема да биде заведена.
„Секогаш ќе има несигурност за старечките домови. Процедурата налага лекар да ја индицира причината за смртта. А за тоа, мора да постои тест“, вели Марк Букин.