1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Статистиката- далеку поубава од реалноста

31 јануари 2017

Официјалната статистика вели дека невработеноста во Србија е само 13,8 насто, додека просечната плата е над 400 евра. Но, кога ќе се изгребе под површина, се осознава дека статистиката и не толку егзактна наука.

https://p.dw.com/p/2WemJ
Symbolbild Währung serbische Dinar und Euro
Фотографија: Fotolia/Comugnero Silvana

Според податоците на Републичкиот завод за статистика, Србија навистина има шанси да биде економски тигар во југоисточна Европа, како што рече премиерот Александар Вучиќ. Имено, само за време на изминатата година стапката на невработеност падна за повеќе од 5 насто, од 19 на 13,8 проценти, додека во другите земји во соседството, како и во земјите од ЕУ, оваа промена е само во децимали.

Ако е тоа точно, Србија е светски феномен- такви подобрувања на пазарот на труд нема во ниту една земја во последните 30 години, велат стручњаците, а за ДВ неофицијално потврдуваат и независните државни институции. Остар пад на невработеноста, велат тие, може да се очекува во земјите со екстремно високи стапки на раст - од шест до седум отсто - но не и во земја во која стагнира економската активност.

Таквите критики директорот на Републичкиот завод за статистика, Милан Ковачевиќ, ги оценува како глупости. „Податоците за вработеност се во согласност со регистарот на социјалните осигуреници. Останува сивиот сектор, каде се две третини од вработените во земјоделството и тоа е сезонска категорија која осцилира", одговара Ковачевиќ. Тој очекува раст на невработеноста веќе во првиот квартал од 2017 година.

Може и вака, а може и онака

За сивата зона, меѓутоа, ни меѓу институциите не постои консензус. Додека директорот на Заводот тврди дека невработеноста паѓа затоа што сивата зона расте, премиерот тврди оти благодарејќи на инспекторите за труд сивата зона се намалува, додека директорот на Националната служба за вработување вели дека, според нивната евиденција, во сивата зона нема големи промени, туку се зголемува бројот на формално вработени. Можно е и првото и второто и третото, велат соговорниците на ДВ.

Symbolbild Jugoslawien Verfall
Фотографија: picture alliance/dpa/T.Brey

„Сето тоа е игра со статистиката. На пример, имате еден период во кој паѓа невработеноста, а паѓа и вработеноста, и тоа е можно, бидејќи статистиката е повеќедимензионална и сѐ зависи од кој агол гледате“, вели Марио Рељановиќ, професор на Правниот факултет на универзитетот Унион. Невработеноста всушност се мери со анкета чие основно прашање гласи дали испитаникот во последната недела извршил некоја работа во времетраење од најмалку еден час, а за неа добил „приход во готово, стока или услуга“. „Тоа практично значи дека оваа недела сум работел ако му помогнам на соседот за ја скрати живата ограда и потоа тој ме чести пиво“, вели Рељановиќ за ДВ.

Оваа рудиментирана методологија, меѓутоа, е во согласност со стандардите на Меѓународната организација за труд и на Евростат. Може ли да се навлезе во точноста на податоците на заводот? Не може, вели професорот Слободан Цвејиќ, директор на истражувања во група за развојната иницијатива СеКонС. Тој објаснува оти се во право и оние кои ги произвеле податоците и оние кои се сомневаат во тие податоци. Извештаите го прикажуваат она што е забележано на терен, но прашање е дали тоа што е забележано на терен е факт или интерпретација на испитаниците или анкетарите.

Колку навистина се заработува?

Иако најмногу спорења има во врска со податоците за работната сила, на силни критики наидуваат и податоците за просечна заработувачка. Во декември минатата година таа наводно изнесувала 53.456 динари, што е речиси 17 насто повеќе од ноември. „Постојат варирања кои се сезонски ориентирани и тој скок се случува речиси секоја година во тој месец, поради исплатата на заостанатите заработувачки и бонуси“, објаснува професор Милојко Арсиќ, професор на белградскиот Економски факултет. Веќе во јануари, вели, ќе следи значителен пад.

Но и таа статистика е далеку поубава од реалниот живот, оценуваат експертите. „Републичкиот завод за статистика во својата пресметка ги вклучува јавниот сектор и големите компании, додека малите и средни претпријатија се опфатени на ниво на статистичка грешка, така што тоа е всушност просечна заработувачка во јавниот сектор.“ Ако во пресметката рамноправно се вклучени малите и средните претпријатија- трафики, продавнички и пекарниците во населбите, каде често се исплаќа само минимална плата - бројката ќе биде до триесет проценти помала, вели професорот Марио Рељановиќ.

Belgrad Stadtbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Залажување и пропаганда“

Можеби во точноста на податоците не може да се навлезе, но во толкувањето може, вели за ДВ Зоран Гавриловиќ од Бирото за општествени истражувања. Тој напоменува дека во јавноста недостасуваат анализи, бидејќи статистичките податоци сами по себе не значат ништо доколку на граѓаните не им се објаснат статистичките движења. „Податоците се интерпретираат на плиток начин, редуцирано. Тоа е залажување, спинување и пропаганда. Важно е тоа да се стави во контекст и да се види длабочината на целата приказната, а тоа го нема во медиумите. Податоците се користат за анализа на феноменот и да видиме како нешто може да се подобри, а не да ги ставиме во функција на пропаганда и поддршката на која било влада ", вели Гавриловиќ.

Од таквите толкувања Републичкиот завод за статистика се оградува. „Тие сметаат дека нивна задача е да соберат и обработат податоци и да ги прикажат како бројќи или графикони. Секогаш се изнесуваат фактографски податоци и многу ретко се влегува во интерпретација“, вели професорот и истражувач Слободан Цвејиќ.