1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судири и немири во Стокхолм во текот на ноќта

БГ
21 февруари 2017

Десетици млади луѓе се судрија со полицијата во претежно имигрантското предградие на шведскиот главен град Стокхолм во понеделникот вечерта. Претходно, претседателот на САД беше критикуван поради изјавите за Шведска

https://p.dw.com/p/2Xy2P
Stockholm Krawalle 24.05.2013
Архивска фотографијаФотографија: Jonathan Nackstrand/AFP/Getty Images

До судирите дошло откако полицијата уапсила едно лице во подземната железничка станица. Полицијата  употребила пиштоли за да се одбрани од демонстрантите кои ги нападнале со камења во северното предградие Ринкеби.

Околу 80 проценти од жителите на Ринкеби се имигранти, а невработеноста е висока. Полицијата често е мета на критики поради остриот однос кон тамошните жители.

Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Ларс Бистром денеска изјави дека никој не бил погоден по истрелите со огнено оружје, но инцидентот наведува на тоа дека полицајците „биле втерани во ќош“. Подоцна, и други полицајци испратени во населбата биле нападнати со камења.

Немири во предградие на Стокхолм

Демонстрантите запалиле најмалку 10 автомобили и уништиле и ограбиле повеќе продавници. Еден сопственик на продавница се здобил со тешки повреди откако се обидел да си го заштити имотот.

Полицијата тврди дека успеала да воспостави ред по полноќ. Три лица се евидентирани како повредени, од кои еден полицаец.

Никој не бил уапсен, но полицијата ги анализира снимките од безбедносните камери со цел да ги открие напаѓачите.

Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика бура од реакции ширум светот откако за време на викендот говореше за терористички напад во Шведска кој, всушност никогаш не се случил. Неговата изјава предизвика серија подбивни коментари и видеа во кои се исмеваше Трамп. Подоцна, Трамп се правдаше дека всушност мислел на телевизиски извештај во кој се говори за проблемите со мигрантите во Шведска. Вчера, Трамп прејде во „офанзива“ обвинувајќи ги мејнстрим медиумите на Твитер дека ја разубавуваат реалноста во Шведска.

Реагираше и шведскиот премиер Штефан Лофвен кој рече дека е изненаден од коментарите на Трамп.