1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп против Кина - лудилото на казнени царини

Хенрик Беме
1 јуни 2019

Повторно нови царини, со кои Вашингтон и Пекинг водат меѓусебна економска борба. За Кинезите меѓутоа е дојден нож до коска, смета Хенрик Беме. За нив работата станува сериозна.

https://p.dw.com/p/3JaO5
US-Präsident Donald Trump (R) und der chinesische Präsident Xi Jinping in der Großen Halle des Volkes in Peking
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кондоми, парфеми, вино, клавири, виолини и текила: и самата листа на засегнати производи јасно покажува дека Кинезите седат на пократкиот лост. Уште еднаш испроверија на кои уште американски производи можат да воведат казнени царини. Пронајдоа стоки во вредност од 60 милијарди долари. Доналд Трамп тука може сѐуште да контрира опуштено, последно воведе царини за кинески производи вредни 200 милијарди долари. Во Белата куќа се размислува и околу драстично поскапување на  целокупниот преостанат кинески увоз. Пекинг тогаш не може повеќе да реагира, барем не со нови казнени царини (освен ако ги покачи постојните.) Но, што следува потоа?

Заострени тонови

Во Кина прво го повишија тонот во однос на САД: „Немојте потоа да речете дека не ве предупредивме“, со ваква реченица партискиот „Народен весник“ го гарнираше извештајот за можно блокирање на испорака на суровини – ретки  земјени метали. Без овие метали нема хај-тек индустрија, нема смартфони, автомобили. САД на ова поле се екстремно зависни од Кина, 80 проценти од металите американската индустрија ги набавува оттаму. Кинеската државна новинска агенција Ксинхуа се придружи на борбениот тон: Народната Република никогаш во својата историја „не наведнала глава и не се плаши од никого.“ Најновиот контраодговор: сопствена „црна листа“ со „недоверливи“ странски фирми. Можеби звучи драматично, но тешко дека може да го застраши еден Доналд Трамп.

А притоа кинескиот претседател Ши Џинпинг е наводно негов најдобар пријател, значи веднаш по севернокорејскиот лидер Ким. Само, работата во меѓувреме е толку далеку отидена, што ќе биде тешко да се извлече од калта. Најавената средба во рамките на претстојниот самит Г20 на крајот на јуни во јапонскиот град Осака веројатно нема да биде доволна. Зашто, она што Американците го бараат од најмоќниот човек на Кина – вистинско отворање на кинескиот пазар, откажување од шмукање економски ноу-хау и слично, за него практично е неможно да го вети. Тоа ќе значи загрозување на прокламираната цел на Ши – Кина да ја претвори во светска сила број еден.

Karikatur von Dominik Joswig Handelsstreit USA-China
Трговски спор меѓу Доналд Трамп и Ши Џинпинг, карикатура на Доминик ЈосвигФотографија: DW/D. Joswig

Дали тоа значи дека Кина ќе посегне по следниот стап? Крајно, Пекинг е најголемиот доверител на САД. Кинеската централна банка во трезорот има американски обврзници во вредност од преку еден билион долари. Моментно сѐуште најголемата светска економија живее на кредит и од тоа што другите ѝ ја финансираат благосостојбата. Дали Кина ќе престане сега да купува американски обврзници? Или дури ќе ги понуди на пазар? Тоа би било замисливо, но не и умно. Иако Кина во последно време продаваше американски вредносни хартии, тоа беше првенствено во служба на поткрепа на домашната економија, која страда дури и повеќе од американската поради трговската војна. Доколку Кинеската централна банка извади на пазарот поголема количина американски обврзници, нивната цена драстично ќе опадне. Кого тоа најмногу ќе го погоди? Точно, најголемиот поседувач на американски обврзници, а тоа е Кина.

Кој ќе го плати цехот

Останува уште монетарна војна. Тоа што доларот е т.н. светска валута, одамна ја лути Кина. Американците од своја страна пак го обвинуваат Пекинг за вештачко слабеење на кинеската валута. Со оглед деа тоа е тешко да се докаже, промена на водечката валута нема да биде лесно да се постигне, тука збор имаат и некои други. 60 проценти од светските монетарни резерви се во долари. За тоа најмногу се погрижија токму Кинезите, со нивното масовно купување американски обврзници. Доларот во моментов можат да го ослабат единствено самите Американци. Имено, ако американската конјунктура започне да страда, кога ќе испари дејството на даночните подароци на Трамп, тогаш Американската централна банка ќе печати повеќе пари, што ќе го обезвредни доларот.

Повеќе:

Гугл му ја одзема лиценцата на Хуавеи

Колкава штета и нанесуваат царините на Трамп на кинеската економија?

Ескалација во трговската војна помеѓу САД и Кина

Состојбата останува замрсена, засега не е на повидок некое решение, уште повеќе што Трамп наново разгорува трговски конфликт со Мексико, за кој се сметаше дека е смирен. Од штетите кои веќе сега ги трпи светската економија, на крајот можат сите да бидат погодени. Цехот на крајот, како и секогаш, ќе го платат работниците и вработените, потрошувачите и даночните плаќачи.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58