Турција брзо се движи кон точка од која нема враќање
1 ноември 2016На 29 октомври Турција прослави 93 години од основањето на турската Република. Само два дена потоа весникот „Џумхуриет“, кој е исто толку стар колку и модерна Турција, стана нова цел на кампањата против опозициските медиуми. Владата и натаму ја користи вонредната состојба како изговор за да ги замолчи малкуте преостанати критички гласови.
Вчера беа уапсени главниот уредник и неколку други познати автори. Против поранешниот главен уредник на весникот, Џан Дундар, кој во моментов се наоѓа во Германија, е издаден налог за апсење. Она што целата работа ја прави уште поапсурдна е тврдењето дека новинарите кои се изјасниле критички во врска со движењето на Ѓулен, кое е цел број еден на турската влада, сега наводно му се приклучиле.
Всушност, целата работа е сосема едноставна: секој кој критички гледа на актуелните политички одлуки е означен или како терорист или се тврди дека некако им помага на ПКК или на движењето на Ѓулен. Сценариото е одамна напишано и владата нема да престане сѐ додека не ги стави зад решетки сите кои ѝ се спротивставуваат. Тоа пред сѐ ги погаѓа новинарите, кои се во потрага по вистината.
Рецепт за билатерални тензии
По неуспешниот обид за пуч и острите мерки од страна на Анкара кои потоа следуваа, многу академци и новинари избегаа во Германија. Тука прибежиште бара не само интелигенцијата, туку и дипломати по кои турската влада трага поради можни врски со движењето на Ѓулен. Со оглед на опасноста од измачување, се чини малку веројатно дека Германија ќе ги испорача овие луѓе. Сојузната република и натаму дебатира околу тоа како да постапи во дадената ситуација, без притоа да ги загрози односите со Турција.
Нема да изненади ако Турција бара испорака на турските новинари кои живеат во Германија, а против кои е издаден налог за апсење. Во вакво сценарио може да стане уште потешко наоѓањето на најмал заеднички именител. Тоа може да доведе до натамошни конфликти меѓу двете земји.
Вчудовидувачки и разочарувачки е што германските политичари досега колебливо реагираа на најновите апсења во Турција. Очигледно, во Германија е поголема загриженоста за опстојувањето на климавиот договор за бегалците отколку состојбата на демократијата во Турција.
Апсењата, промените на законите, дискусиите за повторно воведување смртна казна и инсистирањето на претседателски систем во една нефукционална демократија покажуваат дека Турција брзо се движи кон точка од која веќе нема враќање. Германската канцеларка Ангела Меркел и други европски политичари можеби ќе мора да заземат став за демократијата побрзо отколку што мислат.