1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Кипар: Кавга околу ризницата со гас

Даниел Белут
17 јули 2019

Без оглед на економските санкции од ЕУ, Турција ќе ги продолжи истражувањата за постоење гас пред брегот на Кипар. Во водите на спорната област е испратен уште еден брод. Зошто ескалира спорот?

https://p.dw.com/p/3MBiJ
Türkei | Hafen Dilovasi - Schiff Yavuz
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Анкара не се осврнува на одлуката на ЕУ да воведе економски санкции против Турција во спорот со Кипар околу истражувањата за наоѓалишта на гас и најави  продолжување на бушењата. Турција испраќа и четврт брод за натамошни пробни бушења, двете страни демонстрираат непопустливост, зашто во прашање се големи пари.

Како дојде до кавгата?

Во изминатите години едно американско нафтено претпријатие направи сензационално откритие: гигантско нафтено наоѓалиште пред јужниот брег на Кипар. Експертите претпоставуваат дека на морското дно се наоѓаат 227 милијарди кубни метри гас, што соодветствува на околу 40 милијарди евра. Во суштина, тоа е добра вест, но откритието внесе дополнителна експлозивност во ионака немирниот регион. Третиот по големина средоземноморски остров од 1974. година е поделен на грчки јужен дел и турски северен дел. Двата дела на островот полагаат претензии на економската експлоатација на наоѓалиштето на гас.

Желбата брзо прераснува во караница. Кога грчко-кипарската влада им издаде дозвола на меѓународни енергетски фирми да почнат со испитување на резервите гас и тие испратија истражувачки бродови, турската влада се почувствува изиграна. Таа одговори со испраќање воени бродови. Во февруари 2018. година дојде до ескалација: брод на италијанскиот енергетски концерн ЕНИ, кој требаше да врши испитувања по налог на Никозија, беше спречен од турски воени бродови да влезе во областа. Спорот натамошно ескалираше кога Анкара годинава ги испрати бродовите  „Фаит“ и „Јавуз“, опремени до дупчалки, во морската област каде се претпоставуваат големите резерви гас. Оттогаш двата турски брода, поддржувани од уште еден, вршат пробни дупчења.

Зошто не дојде до согласност?

(Грчката) Република Кипар ги оценува турските истражувања пред својот брег за повреда на својот суверенитет и со тоа за нелегитимни. Притоа, се повикува на поморското право, со кое на секоја земја со излез на море ѝ е загарантирана и економска зона која достигнува до 200 милји на отворено море. Сите природни богатства, кои се наоѓаат во оваа морска област, можат да бидат економски искористувани од соодветната земја. Но, ова правило во случајот со Кипар е покомплицирано.

Откако грчко-кипарските офицери во 1974. година се обидоа преку пуч да дојдат на власт и да го приклучат Кипар кон Грција, турската војска го окупира северниот дел од островот, до денес. Иако меѓународната заедница не ја признава за држава „Турската Република Северен Кипар“, Турција во неа гледа суверена држава со сопствени права на морската област пред нејзиниот брег. Значи, Турција при истражувањата се повикува на суверенитетското право, како што аргуменира турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Каква улога игра ЕУ?

Без оглед на поделбата и со неа поврзаните права на суверенитет, ЕУ во 2004. година ја прими како членка Република Кипар, односно целиот остров. За ЕУ воопшто не егзистрира „Турската Република Северен Кипар“. Турските истражувања во водите пред Кипар од страна на Брисел се сметаат за непријателско мешање.

Веќе со месеци високи функционери на ЕУ бараат Турција да ги прекине испитувањата во источниот дел од Средоземно Море. Сега се вклучија и ЕУ-министрите за надворешни работи, кои во понеделникот изгласаа санкции против Турција: кратење на парите кои таа ги добива од ЕУ, запирање на преговорите околу договор за воздушниот сообраќај. Откажани се и средби на врвот на тема економија и трговија. 

Zypern EU berät über Sanktionen gegen die Türkei
Турција продолжува со бушења пред кипарскиот брегФотографија: picture-alliance/AP Photo/Turkish Defence Ministry

На тоа се надоврзува фактот што во членките на ЕУ постојано расте потребата од земен гас. Истовремено, одделни членки посакуваат поголема енергетска независност од Русија, која моментно е најголемиот енергетски лиферант а се смета за несигурен партнер. Во тој контекст гигантското наоѓалиште со гас пред Кипар е добредојдено како алтернативен енергетски извор.

Какви се шансите за решавање на спорот?

Имајќи го во предвид тоа што Турција од минатото лето се наоѓа во тешка економска криза, моментот на воведување ЕУ-санкции е неповолен. Кон тоа се надоврзува и тоа што Анкара со купувањето руски ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400 треба да стравува и од американски санкции. Тензиите со ЕУ и САД освен тоа ги одвраќаат странските инвеститори, па и без санкции турската економија трпи штети.

Повеќе:

На Турција ѝ се закануваат санкции и од САД и од ЕУ

Анкара и Атина стремат кон дијалог

Би требало да се смета дека во вакви околности, турската влада не смее да си дозволи ескалација на спорот со Кипар. Но, реакциите на шефот на турската дипломатија Чавушоглу се повеќе конфронтативни отколку дипломатски. „Воведувањето санкции против нас од страна на ЕУ нема ништо да донесе, тоа ќе биде неуспешно“, изјави тој минатата недела. Освен тоа, Чавушоглу го обвини Брисел за двоен морал: „Затоа што ЕУ се става на страната на грчкиот Кипар, ние мораме самите да ги штитиме правата на кипарските Турци.“

Сепак, иако Анкара го смета грчкиот Кипар за косопственик на наоѓалиштата со гас, отфрла можност тој да врши експлоатција на суровини без претходна согласност на турскиот Кипар, за чиј гарант Турција се смета самата. Таа инсистира на конструктивен приод, според кој енергетските резерви би биде поделени праведно на двата дела од островот. Но, при сегашниот степен на ескалција на спорот, тоа тешко може да се очекува во блиска иднина.