Турција и сѐ е можно
20 февруари 2020Од турските судови веќе може да очекуваме сѐ и сешто. Ми доаѓа да речам: добредојдовте во правниот Апсурдистан! Прво радост за ослободувањето, пред судот се прегрнуваат поддржувачите, паѓаат солзи радосници и потоа освестување - ништо од ослободувањето! Јавен обвинител поднесува ново обвинение. Сега Кавала се товари дека го поддржувал обидот за пуч на 15.јули 2016 година.
Да не е тажно, би било смешно што му се префрла! Очигледно е дека дел од владејачката партија АКП стои зад ослободувањето од претходните обвиненија, но дека конзервативното крило на партијата извршило притисок врз Ердоган, а со тоа и врз онака префорсираните судии. Па така и солзите радосници на поддржувачите на Кавала брзо се претворија во солзи на разочараност. Забавата за негов пречек заврши тукушто почната.
Дежурен виновник е Западот
Стратегијата која ја следи Ердоган (ако воопшто има таква) е дека секогаш другите се виновни. Во случајов тоа се западните земји. Пред пратениците на АКП претседателот неделава изјави дека „има серија ликови во разни земји кои сакаат да го нарушат поредокот во нашата земја.
Имаше обиди влијанието на Сорос (се мисли на американскиот финансиски инвеститор со унгарско потекло) на настаните со Гези преку маневар да се заврши со ослободителна пресуда." Со тоа Ердоган покажува дека никогаш не ги сфатил ниту причината, ниту поводот за протестите во летото 2013. Дури и да е самиот Ердоган политички целосно изолиран, тој никогаш не би признал грешки.
Правната фарса продолжува
Обвиненијата против директорката на Амнести интернешнл за Турција и девет други активисти за човекови права се слично неиздржани како и против обвинетите во процесот Гези.
Повеќе:
15 јули - Ердогановиот „дар од Алах“
Одметнатите: Бунт во Ердогановата АКП
Истанбул: Со солзавец против маршот на жените
Ердоган: Првиот султан на модерна Турција
Сите сметаа на одлука на судот во тој процес. Но, сосема изненадувачки судиите го одложија објавувањето на пресудата. Повторно. И тука се забележува дека судиите и обвинителите немаат заеднички јазик. Тоа што на прв поглед е добар знак би можело негативно да се одрази врз пресудата. Во моментов никој не може со сигурност да каже дали нема да има нови наредби од претседателската палата. Инаку, против судиите кои во вторникот ја објавија ослободителната пресуда за Кавала сега веќе е отпочната истрага од страна на Судскиот совет. Може со сигурност да се каже дека ќе им се префрла членство во движењето на Ѓулен. Иако тоа за сега е чиста шпекулација, Турција и сѐ е можно.