1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истанбул: Со солзавец против маршот на жените

ЕМФ / дв
9 март 2019

Мирни демонстрации по повод Денот на жената во Истанбул беа запрени со употреба на насилство. Интервенцијата на полицијата дојде неочекувано.

https://p.dw.com/p/3Ehg4
Türkei Internationaler Weltfrauentag in Istanbul
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Gurel

Полицијата во Истанбул со употреба на солзавец стопираше собир по повод Меѓународниот ден на жената. Безбедносните сили со заштитни елеци им се заканувале на демонстрантите на улицата Истиклал и со кучиња, јави агенцијата АФП. Многу од жените побегнале во околните улици. Според дел од видео снимките објавени на социјалните медиуми, полицајци пукаат со гумени куршуми пред или на стапалата на демонстрантите.

Ваквата полициска интервенција дојде неочекувано, и покрај тоа што учесниците немале дозвола за одржување на собирот. Во текот на изминатите години властите дозволуваа одржување на маршеви за права на жените и против насилство од страна на мажите, дури и за време на вонредната состојба по обидот за пуч во 2016 година.

Најголемиот марш по повод Денот на женатавобичаено се одржува на најважната шопинг-улица во Истанбул. Оваа година, непосредно пред одржувањето на маршот, властите го забранија собирот на улицата Истиклал. Сепак, илјадници жени и покрај забраната се собраа за да протестираат за своите права и против насилство. Околината беше полна со полицајци, кои поставија барикади околу плоштадот Таксим.

Türkei Weltfrauentag in Istanbul - Protest
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Главно женските демонстранти извесно време пееја и танцуваа пред бариерите и со мегафони бараа да им биде дозволено да ги поминат. „Ова е систем, ова е држава која се плаши од нас“, извикуваше една жена. На илјадниците демонстранти потоа им беше дозволено да протестираат на мал дел од улицата. Потоа демонстрантите беа заглавени помеѓу две полициски блокади и постепено разбиени со солзавец.

Борците за женски права постојано ја обвинуваат владата на Реџеп Таип Ердоган дека не презема доволно мерки против насилството врз жените.Темата се најде во фокусот еден ден пред 8 март, кога почна судскиот проце против познатиот актер Ахмет Курал, кој е обвинет дека ја тепал својата партнерка, турската поп-пејачка Сила.

Türkei Weltfrauentag in Istanbul - Protest
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Демонстрации по повод Денот на жената имаше и во Анкара, каде протестираа повеќе стотици жени. „Мажите убиваат, а државата ги штити убијците“, извикуваа дел од нив.