1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на жената: Од Клара Цеткин до вресоци во Берлин

8 март 2019

Годинава, за првпат, 8 март е прогласен за празник во Берлин. Но концептот на одбележување на Ден на жената во Германија се подготвува веќе цел век. Денеска тој ќе е одбележи со вресоци!

https://p.dw.com/p/3Ee4L
Clara Zetkin 1920
Фотографија: ullstein bild

Уште во 1910 година на Конференцијата на жените социјалисти, одржана во Копенхаген, активистиката за женски права Клара Цеткин (на фотографијата во средина), за првпат ја предложи идејата за Меѓународен ден на жените.

Една година подоцна, заедно со Австрија, Швајцарија и Данска, Германија го прослави Денот на жените и тоа на 19 март. Доминираше барањето за жените да добијат право на глас - право кое конечно им беше овозможено на германските жени во 1918 година.

Еден век подоцна, облечена од глава до петици во портокалово одело, германската министерка за семејство Франциска Гифеј го прошета Берлин возејќи се на работ на возило за собирање смет. Нејзината цел: Да ги предизвика родовите стереотипи во работите со кои доминираат мажи.

„Во последните години многу се постигна во однос на родовата еднаквост. Се наоѓаме во 100-та година од добивањето право на глас, но останува уште многу работа“, порача таа.

„Жените треба да бидат активни не само на лидерски позиции, туку во секоја професија. Мораме да осигураме дека социјалните професии се вреднувани. И мора да сториме повеќе против домашното насилство, особено против жените“, порача Гифеј.

Но, во изминатите 101 година од иницијативата на Цеткин, разбирањето на концептот на Денот на жената претрпе бројни промени.

Deutschland Internationaler Frauentag Ivana Hoffmann
Марш по повод Денот на жената во Берлин во 2015 годинаФотографија: imago/Ipon

Револуционерен почеток

Тоа што токму на 8 март се празнува Денот на жената е заслуга на Александра Колонтаи, сопругата на Владимир Илич Ленин. Идејата била на тој датум да се одбележи годишнината од штрајкот на жените работнички во Петроград во 1917 година. Многумина го сметаат нивниот штрајк за вовед во Октомвриската револуција, осум месеци подоцна.

Во ерата на Вајмарската република, владејачките социјалдемократи го игнорираа датумот не сакајќи да бидат поврзувани со Ленин и револуцијата. И фашистите подоцна го отфрлаа датумот.

Поделба меѓу истокот и западот

Во поствоената ера, 8 март беше отфрлан во Западна Германија, но преку границата, во Источна Германија, Денот на жената имаше големо значење. Таму тоа беше празник и ден на кој се промовираа еднаквоста и благодарноста за работата на жените. Во ГДР беше доделувана и медала со името на Клара Цеткин на најзаслужните жени. Дури во 1970 година, жените во Западна Германија започнаа со протести на 8 март. Во 1977 година, ОН го прогласија тој ден за Меѓународен ден на жените.

Berlin - Netzwerk-Treffen von Müllwerkerinnen: Franziska Giffey Bundesfamilienministerin
Германската министерка за семејство Гифеј на оригинален начин го одбележа Денот на женатаФотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Годинава, за првпат во Германија, 8 март е прогласен за празник, но само во градот-покраина Берлин, кој единствен се одлучи за таков чекор.

Под мотото „Празнувај, штрајкувај, бори се“, синдикалци и претставници на женски организации ќе го започнат маршот на Александерплац а ќе го завршат во населбата Кројцберг со „глобален вресок“. Идејата на едноминутниот заеднички вресок е „да се извика бесот без ограничување“, велат организаторите.

Еден век откако Цеткин повика на Ден на жената, значителен напредок е постигнат во родовата еднаквост, но суштината на 8 март во Германија останува иста: демонстрации и празнување. Ден кога не треба само да се бара родова еднаквост, туку и да се празнува феминизмот во сите негови форми.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема