Умее ли канцеларот Олаф Шолц да комуницира?
2 јули 2022Олаф Шолц на канцеларската функција е повеќе од половина година, а во Германија постојана тема се одделни негови формулации. Тоа беше случај и деновиве. На крајот на самитот на Г7 во баварскиот дворец Елмау, канцеларот Шолц имаше прес-конференција. Розалија Романиец, раководител на главното студио на Дојче веле во Берлин, во таа прилика го праша канцеларот дали може да каже поконкретно какви безбедносни гаранции за Украина договориле државите за периодот по завршување на војната.
Социјалдемократскиот политичар одговори кусо – „Да“, потоа кратко молчеше, па се насмеа, дополнувајќи со „Би можел“, пред да ја напушти бината со зборовите: „Тоа би било сѐ“.
„Зири, дефинирај ароганција“, вака овој момент го коментираше на Твитер Матју фон Рор, шеф на главното студио на информативниот магазин „Шпигел“ во Берлин. Само еден од мноштвото револтирани гласови. Видеото со сцената на социјалните медиуми доживеа милиони прегледи.
Едно штуро „не“ како одговор
Малку подоцна истиот ден, во интервју за АРД, првиот канал на јавниот радиодифузен сервис, Шолц постапи слично. Уредникот во АРД, Оливер Кер, ја тематизираше заканувачката енергетска криза и можните тесни грла во снабдувањето со енергија поради војната во Украина и го праша канцеларот дали и тој би имал практични совети, во контекст на сугестиите на министерот за економија и вицеканцелар, Роберт Хабек, за пократко туширање и намалување на температурата на греење во становите. Шолц само кратко одврати: „Не“. Само едно „не“!
„Олаф Шолц практикува опуштен пријателски начин на комуникација, на кој меѓутоа му недостига стратешка прецизност“, истакнува политикологот Вернер Вајденфелд, кој со години ги следи и проучува германските канцелари: Хелмут Кол, Герхард Шредер, Ангела Меркел, а сега и Олаф Шолц. Неговата оценка за канцеларот кој ја предводи владата составена од СПД, Зелените и ФДП, е јасна. „Во прашање е стратешка шкртост на зборови, еден вид предиспозиција“, вели минхенскиот универзитетски професор за Дојче веле.
Според проценките на Вајденфелд, едноставното „не“ Шолц не го сфаќа како мана, исто како ни неговиот начин за справување со прашања – едно суво „не“ изречено со насмевка. „Тоа е едноставно негово сфаќање за комуникација“, вели професорот.
И една од изјавите на Шолц, дадена во ТВ-интервју, во Германија со недели предизвикуваше возбудувања (истовремено интерпретирана и како критика на кацеларот кон политичките противници, кон сопартијците и коалициските партнери). Во средината на мај Шолц гостуваше на ТВ РТЛ, при што стана збор за посета на канцеларот на Киев. Шолц, кој по ова прашање се наоѓаше под притисок, кусо одговори дека „не би се наредил во групата луѓе кои накратко влегуваат и излегуваат заради еден фототермин.“ Ако би одел, само доколку станува збор за сосема конкретни нешта.
Остри критики против Шолц
Весникот „Ханделсблат“ на почетокот на јуни објави анализа на медиумскиот настап на Шолц во март, извршена од четворица автори.
„Шолц не лаже, но ги заматува работите до степен на непрепознатливост, па на тој начин дозволува граѓаните во невистината да гледаат реалност“, гласи нивното резиме.
Притоа, како што истакнува политикологот Вајденфелд, токму сега, со оглед на постоечкиот комплексен и конфузен свет со климатската криза, пандемијата на коронавирус и војната во Украина, клучна е јасноста во толкувањето: „Токму затоа е толку важна објаснувачката функција, во извесна смисла постои енормна потреба од интерпретација од страна на политиката. Во одреден степен, политиката ја прави токму сувереноста во толкувањето која ја нуди и посредува политичарот“, вели Вајденфелд.
Конкуренти: Шолц и Хабек
Но, дали Шолц го може тоа? Ова прашање се наметнува дотолку посилно ако истовремено се погледне на политичкиот соработник, но истовремено и конкурент: вицеканцеларот и министер за економија Роберт Хабек од Зелените.
„Контрастот ми се чини максимален“, објаснува експертот за медиуми Бернард Перксен, на прашањето на Дојче веле за компарација на стилот на канцеларот и на неговиот заменик. За разлика од неговата претходничка Ангела Меркел, која во основа немаше таков вид конкурент, сега Шолц до себе ги има Хабек и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, исто така од Зелените.
„Отвореност со свесност за дилемите“, така го нарекува Перксен стилот на двајцата.
Тоа се огледа кога министерот за економија преку видео на Инстаграм на гледачите им овозможува увид во тешкотиите на функцијата, кога ги објаснува процесите на преговори и донесување одлуки и агитира, а не соопштува само резултати. За ваквиот начин на однесување Хабек добива и респект кај политичките противници.
„Ако некој може да му стане конкурент на Шолц, тогаш тоа е Хабек, поддржуван од Бербок“, вели и Вајденфелд. Во основа, тие практикуваат „добра, јасна форма на комуникација“. А такво нешто му фали не само на Шолц, туку и на целата партија СПД, затоа нивната омиленост е „насекаде скудна."
На почетокот на мај владиниот портпарол Штефен Хебештрајт даде интервју за магазинот „новинар". Хебештрајт се осврна и на харизмата на Шолц, рече дека тој „точно ги одмерува своите зборови и дела“: „Ако се обидете од канцеларот во комуникациски поглед да направите еден Барак Обама, тогаш тоа дефинитивно би се изјаловило.“ Меѓутоа, канцеларот е многу искусен политичар, „кој е навикнат на притисокот на јавноста и не дозволува тоа да го доведе во забуна“. За тоа всушност е и избран.