ЦДУ и ЦСУ: конзервативен брак со подеми и падови
23 јуни 2018Уредникот на германскиот сатиричен весник „Титаник“ преку лажен твитер профил лансираше вест дека Христијанско-социјалната унија на Баварија (ЦСУ) го раскинува сојузот со Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ).
Оваа вест беше лажна. Но, сепак успеа да возбуди некои новинари и да се погрижи дури и за благо отоварување на девизниот курс.
Што е тоа заедница на пратенички групи?
Партиите кои се независни една од друга, но истовремено делат слични политички цели, имаат можност во парламентот да формираат заедница на пратенички групи. Меѓутоа, тука сепак постојат законски ограничувања: Деловникот на Бундестагот предвидува политичари од различни партии да можат да формираат заедница на пратенички групи, доколку тие партии поради исти политички цели „не се една на друга конкуренција во која било сојузна покраина“.
Повеќе:
-Меркел под притисок на конзервативците
-Меркел „купи“ рок од уште две недели за азилот
-Одложена ескалацијата на владината криза во Германија
Познат пример за тоа е соработката меѓу политичките партии ЦДУ и ЦСУ, кои уште од 1949 година заедно го формираа Клубот на пратеници на Унијата. Тоа функционира по принципот, ние не шетаме во вашиот двор, но ни вие во нашиот. Што значи следното: ЦСУ настапува како регионална партија само во Баварија за време на сојузните избори, а ЦДУ настапува самостојно во сите други сојузни покраини.
До 1969 година Бундестагот мораше да ја одобрува заедницата на пратенички групи на почетокот на секој изборен период. Но, оваа обврска е укината во 1969 година на барање на партиите од Унијата.
Освен овој пример, имаше уште неколку краткорочни заедници на пратенички групи за време на германското обединување- во Бундестагот и во берлинскиот Претставнички дом. На локално ниво неодамна, исто така, имаше неколку вакви заедници на пратенички групи.
Клубот на пратеници на Унијата- секогаш срце и душа?
Не. Никако. Секогаш од почеток се критикува поради уиграната соработка на Унијата.
Легендарнен случај е „Кројтерската одлука за прекин“ од ноември 1976 година. Тогаш во баварскиот Вилдбад Кројт, тогашниот шеф на ЦСУ Франц Јозеф Штраус- до денес познат како митска фигура на Христијанско-социјалната унија- ја раскина заедницата на пратенички групи со сестринската партија во Бундестагот.
Причина за тоа беше дека Унијата беше инфериорна на изборите во однос на Социјалдемократската партија (СПД) водена од канцеларот Хелмут Шмит. Штраус всушност сакаше да му покаже на шефот на ЦДУ, Хелмут Кол, кој ја водеше опозицијата во Бундестагот, и да ги етаблира ЦСУ како четврта партија покрај СПД, ЦДУ и Либералната партија (ФДП).
Штраус и Кол имаа сличен меѓусебен однос како Меркел и Зехофер. Двајцата си беа потребни еден на друг, но во исто време не се почитуваа.
На тогашната „одлука за раскинување“ ЦДУ реагираше ладно и се закани со основање погранок на ЦДУ во Баварија. Значи, востанието на ЦСУ беше завршено по 4 недели. Но „Кројт“ за тврдокорните приврзеници на ЦСУ останува мит.
Како се договара заедница на пратенички групи?
Последна ставка од вкупно 10 во документот кој го потпишаа шефовите на партиите Ангела Меркел и Хорст Зехофер на 26.09.2017 година, два дена по сојузните избори, го тематизира прашањето за отстапувачко однесување на ЦСУ кога се во прашање основни прашања.
Таму стои: „Основни политички одлуки во Клубот на пратеници од ЦДУ/ЦСУ се донесуваат само во договор меѓу двете групи. Пратеничката група на ЦСУ може самостојно да претставува мислење од кое отстапува мнозинството во пратеничкиот клуб за прашање од посебно значење во Бундестагот, ако по дискусијата за тоа прашање во пратеничкиот клуб, таа го побара тоа.“
Според ова, врвот на ЦДУ признава дека баварската сестринска партија во Бундестагот, во согласност со договорот во пратеничкиот клуб, може да гласа поинаку.