1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел под притисок на конзервативците

15 јуни 2018

Во Берлин се формира широк отпор против канцеларката. Во конфликтот со министерот за внатрешни работи Зехофер, во однос на политиката на бегалците, конзервативните критичари на Меркел имаат поддршка и од странство.

https://p.dw.com/p/2zYSM
Horst Seehofer und Kanzlerin Merkel
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Schreiber

„Ќе успееме!“ ("Wir schaffen das") Една реченица, три збора, 14 букви. Ова пред три години го изговори канцеларката Ангела Меркел среде европската бегалска криза. Истовремено, тоа стана принцип на германската миграциска политика, но и голем извор на несогласувања и кавги. Откако во летото 2015 година бројот на бегалци во Европа го достигна врвот, Германија одлучи, спротивно на своите соседи, да ги остави своите граници отворени.

Со ваквата одлука Меркел навлече многу критичари против неа, дури и од сопствените редови. Досега најгласен е Хорст Зехофер, во тоа време премиер на Баварија, а во меѓувреме министер за внатрешни работи во кабинетот на Меркел.

Шефот на баварските конзервативци смета: Германија нема да успее во ова. Тој со сета сила се бори против курсот на Меркел. Како премиер на Баварија во 2015 година му се закани на Берлин со тужба за прекршување на Уставот за бегалската политика и отворено жестоко ја критикуваше канцеларката на партискиот конгрес на ЦСУ, поради што на следниот партиски собир на сестринската партија стоеше понастрана.

Зехофер сака поинаку да се регулира политиката на азил

Како министер за внатрешни работи тој сега може да и се посвети на оваа задача, дури можеби повеќе од што би сакал. Скандалот со манипулации во решенијата за азил со Сојузната агенција за миграција и бегалци (БАМФ) го покрена прашањето дали Германија навистина беше преоптоварена од енормно зголемениот број на бегалци. Но, според медиумските извештаи, бројот на одобрени барања за азил во БАМФ може да има и други причини .

Повеќе: Скандалот со азилантите ја стигна и Меркел

Со таканаречниот „Мастер-план за миграција“ Зехофер сакаше да се реорганизира политиката на азил и доселување во Германија. Зехофер, меѓу другото, сака да наметне правило за забрана на влез на баратели на азил доколку тие веќе се регистрирани во друга земја на ЕУ. Канцеларката Меркел отфрла вакви унилатерални акции на Германија. Таа, меѓу другото, се држи до одлуката на Европскиот суд против системски гранични контроли во Шенген зоната.

Поради ваквото противење на Меркел на плановите на Зехофер, ескалираа долгогодишните несогласувања меѓу двајцата политичари. Министерот за внатрешни работи ја откажа презентацијата на својот „Мастер-план“, а кратко потоа стана познато дека тој како министер за внатрешни работи - кој исто така е одговорен за интеграција и состојбата во татковината - нема да присуствува на самитот за интеграција кај канцеларката

Syrische Flüchtlinge in Deutschland
Сириски бегалци во Берлин (архива, 04.04.2016)Фотографија: picture alliance/dpa/S. Pförtner

Коалиција на волните"

Кавгата околу азилот помеѓу Меркел и Зехофер во срж ги погодува сестринските партии ЦДУ и ЦСУ. Карстен Линеман, потпретседател на парламентарната група на Унијата (која е составена од пратениците на ЦДУ и на ЦСУ заедно, н.з.), на економскиот совет на ЦДУ во Берлин, оцени дека се работи за „вирус на раздор“. На состанокот на парламентарната група во вторникот Меркел беше нападната за нејзиниот став околу плановите на Зехофер. Шефот на пратеничката група на ЦСУ во Баварија, Александар Добринт, изјави дека неговата партија ќе инсистира на тоа дел од „Мастер-планот за миграција“ на Зехофер да остане можното враќање бегалци од германската граница. Оваа пратеничка група размислува кавгата меѓу лидерите на двете партии да се реши со интерно гласање.

Отпор против канцеларката се формира не само на партиско ниво. Зехофер и други конзервативни критичари на Меркел во меѓувреме бараат сојузници и во странство. Нешто како „Коалиција на волните", како што ја нарече Зехофер по неговата средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Планот на министерот за внатрешни работи има последици и за Австрија, бидејќи поголемиот дел од баратели на азил доаѓаат во Германија преку Австрија. За Курц тоа не е проблем и тој нагласи: „Ние сметаме на тоа дека ќе најдеме заедничка линија", изјави австрискиот канцелар.

„Ние имаме толку добра соработка, што независно од тоа каква и да е одлуката на Германија, ние ќе ја продолжиме добрата соработка". Двајцата имаа директен предлог: по телефонскиот разговор меѓу Зехофер и Курц со италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини, Зехофер на прес-конференцијата најави дека сакаат заедно со Италија да се основа „Коалиција на волните" против илегалната миграција.

Berlin Treffen Angela Merkel Sebastian Kurz
Австрискиот канцелар Курц на прес-конференција во Берлин со канцеларката Меркел (12.06.2018)Фотографија: Reuters/M. Tantussi

Американскиот амбасадор Гренел зборува за „конзервативна промена"

Идејата за основање на ваква „Алијанса“ не може да биде неспорна: Курц е шеф на десноконзервативната партија ФПО, Салвини е шеф на десничарската партија Лега. „Алијансата на волните" е само еден мал дел од конзервативците во Европа. На посетата на Курц во Берлин му претходеше една контроверза, кога американскиот амбасадор Ричард Гренел сакаше да го покани на вечера шефот на странска влада. Гренел претходно во едно интервју за ултрадесничарскиот веб-сајт „Брајтбарт“ изјави дека сака да донесе конзервативна промена во Европа. И веднаш по неговото доаѓање се состана на вечера со уште еден конзервативен критичар на Меркел, министерот за здравство Јенс Шпан.

Спорот за азил се чини дека е синоним за обединување на оние конзервативни сили кои инаку се избегнуваат едни со други што е можно повеќе. Дури и премиерот на Баварија, Маркус Зедер, застана зад својот партиски шеф Зехофер со кого често е во конфликт. Пред средбата на премиерите на покраините со канцеларката, Зедер побара поддршка за Зехофер. „Се работи за инеграција, доселување и политика за бегалци. Тоа се најважните политички прашања во моментов“, изјави овој политичар. „Тие се одлучувачки и за натамошниот развој на демократијата во нашата земја."

Дури и ако Европа се бори за заедничка бегалска политика, станува збор за „нешто како судбинско прашање“, со кое се одлучува дали Европа може да се одржи заедно, рече генералниот секретар на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.

Токму тука канцеларката има сојузници: „Како охрабрувачи со кои Европа ќе се движи напред“, рече министерот Хајко Мас во воведниот говор за Европа за сојузот со Франција. Претседателот на Франција ја критикуваше одлуката на Италија да не го преземе бродот со бегалци „Аквариус“. Во однос на кризата меѓу Италија и Франција, Меркел досега не се изјасни. Но таа во Берлин стави јасно до знаење кои се нејзините политички позиции.