1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените се одмрзнуваат - стравување од нов ценовен шок

ДТЗ
31 мај 2022

Стабилизирање на цените или нивен вртоглав раст во втората половина на годината? Летото и есента носат неизвесност и стравувања за граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со пораст на цените.

https://p.dw.com/p/4C3sj
Supermärkte Supermarkt Einkaufswagen
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Одмрзнување на цените и нов бран поскапувања на основните производи и на струјата се најавуваат во екот на економската криза која што зема сѐ поголем замав. Летото и есента носат неизвесност и стравувања за граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со пораст на цените и на храната и на енергенсите. Во среда истекува владината мерка со која во изминативе шест месеци беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, млекото, месото, сувомеснатите производи, сирењето и урдата. Веќе се лицитира за колку би можела да скокне цената на сите овие производи, што ќе удри по и онака испразнетиот паричник на граѓаните. Економските експерти предлагаат државата да интервенира преку дополнителни механизми - стоковите резерви и ваучери за ранливи категории на граѓани, со што ќе се ублажи ценовниот шок.  

Според државниот Завод за статистика, цените во април пораснале за 2,2 отсто споредено со претходниот месец, додека во истиот период цените на мало пораснале за 2 отсто. На годишно ниво, трошоците на животот бележат зголемување од 10,5 отсто, а цените на мало се зголемиле за 11,1 отсто. Најголем пораст на трошоците на животот е забележан кај маслото и маснотиите за 20,2 отсто, зеленчукот, освен компирите и другите коренести плодови за 12,9, свежото и овошјето за 4,4.

Како да се заштити животниот стандард?

Со цел ублажување на последиците од кризата, предизвикана од војната во Украина, Владата донесе антикризни мерки со кои се намали ДДВ-то, за основните прехранбени производи од 5 на нула проценти и се намалуваат акцизите за гориво. Владата исто така ја ограничи маржата за трговците на 5, односно 10 проценти за одредени производи. Со ослободувањето од ДДВ се опфатени лебот, брашно тип 400, шеќерот, путерот, кравјо млеко, месото, оризот и јајцата.

„Заштитата на животниот стандард на социјалните категории, зачувувањето на ликвидноста на компаниите, мерките за зголемување на економската стабилност се некои од клучните мерки кои ги презема владата на среднорочен и долгорочен план“, изјави во понеделникот (30.05) премиерот Димитар Ковачевски на Економскиот и финансиски форум во Скопје.

-повеќе на темата: Ефектот на замрзнатите цени и зошто Германија не го прави тоа?

Согласно очекувањата на меѓународните финансиски институции за втората половина годинава, Ковачевски очекува стабилизирање на цените. „Со стабилизирање на ценовните притисоци, со нормализирање на синџирите на добавување, но и со спроведување на владиниот план за заздравување и забрзување на растот, прогнозите се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза“, вели тој.

Економскиот раст на земјата за годинава е проектиран на 3,2%, што е намалување за 1,4 процентни поени во однос на макроекономските проекции на буџетот за 2022. Овие проекции соодветствуваат со најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд за земјата.

-повеќе на темата: 2022 ќе биде скапа и многу неизвесна

Оптимист е и министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој деновиве порача дека иако економската активност е под влијание на економските последици од руско-украинскиот конфликт, годинава се очекува да се врати на ниво пред ковид-кризата, односно проектирана е на ниво од 3,2 %. 

Колку ќе не стресе струјата?

Најголем ценовен шок се најавува со цената на струјата, која сѐ уште е неизвесно за колку ќе поскапи. Од 1 јули веќе се најавуваат нови цени на електричната енергија, а вториот бран поскапувања треба да се очекуваат и наесен. 

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, деновиве најави дека е можно цената на струјата да се зголеми за 10 проценти. Една од причините за ваквото зголемување се „малверзациите кои ги прават општините за да ги намалат трошоците за електрична енергија“. Во моментов, Регулаторната комисија за енергетика подготвува нов тарифник со кој цената на струјата во скапа тарифа ќе зависи од потрошувачката. Се разгледува опцијата над 250 киловати потрошена струја на граѓаните да им се тарифира по повисока цена. За да се спречи големо покачување, Бислимоски побара државните електрани да обезбедат 100 проценти од потребите на ЕВН ХОУМ.