Чао, дизел! Или?
29 јули 2017На дизел-моторот водата му е до гуша. Од 2018 година се можни забрани за возење дизел во Штутгарт. Градот кој лежи во котлина при т.н. темпертурни инверзии - или смог - страда од екстремно високи концентрации на ситна прашина. Тоа се должи, меѓу другото, и на илјадниците луѓе кои со автомобил доаѓаат на работните места во локалната фабрика за автомобили. А, оние кои возат често (секојдневно до работното место), возат дизел, затоа што тоа е даночно исплатливо. И затоа што државата го субвенционира дизелот.
Значи Штутгарт, градот каде се сместени самонаречените пронаоѓачи на автомобилот. Дали сега Штутгарт ќе го означи почетокот на крајот на дизел-моторите, кои во тамошната голема фабрика на Дајмлер се вградуваат толку радо во „авто-големците“, понекогаш дури и со илегални помошни средства со кои се манипулира вредноста на издувните гасови?
Цела дузина градоначалници на големи германски градови денеска со напрегнатост гледаа кон Штутгарт. Зашто и тие имаат проблем со надминување на границите на дозволените вредности за емисија на штетни материи. Значи, дали сега ќе се даде зелено светло за забрана за возење дизел? Не, толку едноставно не е.
Зашто, прво највисокиот Управен суд мора да расчисти дали општините воопшто смеат да воведуваат забрани за возење. Второ, денешната пресуда на штутгартскиот суд е само прва инстанца. Постапката сигурно ќе се најде и во Лајпциг, каде седиште има Сојузниот управен суд. А, тука во игра е и многу големиот играч - автомобилската индустрија. Зашто, токму таа ќе биде одлучувачка за тоа дали во иднина во градовите во Германија ќе се возат дизел-автомобили или не.
Германските производители, кои се изложени на голема стрелба поради „дизелгејт“ и обвинувањата за картел, мора да испорачаат повеќе отколку само бесплатен софтвер-апдејт. Тоа судот во Штутгарт го стави до знаење повеќе од јасно. Но, тоа не е доволно. Мора да се вградат и дополнителни филтри и други работи кои се технички можни. Сега инженерите на Дајмлер, Фолксваген и компанија може да покажат што сѐ е можно. Тоа чини пари, се разбира, но германските автопроизводители имаат доволно пари.
Веќе во среда, на т.н. дизел-самит во Берлин, имаат можност да вратат барем малку од загубената веродостојност. На маса мора да се најдат јасни предлози за справување со издувните гасови. Ако автомобилските босови ја прокоцкаат оваа шанса, тогаш навистина веќе нема да може да им се помогне. Зарем е потребно нешто повеќе од закана со забрана за возење? Но, дури и во Штутгарт луѓето не возат само поршеа и возила на Дајмлер. Што е со другите производители? Низ градот се возат и стари дизел-загадувачи од Пежо, Тојота и Волво (да наведеме произволно само три). Што е со нив?
Она што на Германија најмногу ѝ е потребно е идеолошки неоптоварена дебата за сообраќајот и штетните материи. Пример Штутгарт: концентрацијата на ситна прашина, при веќе споменатата состојба со температурните инверзии, во најголем дел има природни причини. Дури и ако сообраќајот комплетно се забрани, вредностите на штетни материи ќе се намалат за максимално десет проценти, агрументира на пример сообраќајниот експерт Матијас Клингер. Пример Хамбург: што би донесла забрана за возење во пристанишниот град, ако во внепосредна близина прекуокеански бродови наголемо во воздухот испуштаат огромни количества штетни материи? Дали и тие би морале за застануваат подалеку од пристаништето, некаде на отворено море?
Крај на дизелот? Не, вакво барање е преурането. Но, пресудата од Штутгарт е јасен сигнал за политиката и за автопроизводителите да почнат конечно сериозно да дискутираат. Да почнат дебата за тоа како борбата против испуштањето штетни материи да се направи ефикасна, како во иднина да се организира мобилноста и пред сѐ за тоа - каков удел во таа иднина ќе имаат германските автопроизводители.