1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Гасот од Русија за Германија може нагло да секне

ЖА / агенции
28 април 2022

Русија ги затвори славините за гас за Полска и Бугарија. Тоа може скоро да ја снајде и Германија, предупреди канцеларот Шолц. Санкциите против Москва продолжуваат до целосно повлекување на Русија од Украина, рече тој.

https://p.dw.com/p/4AZz9
Japan Tokio | Ankunft Bundeskanzler Olaf Scholz
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

По вчерашното соопштение од Русија за прекин на испораката на гас на Полска и Бугарија, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека и Германија мора да биде подготвена на сличен засек. Нужна е подготвеност за различни можности, дотолку повеќе што никој не може да го предвиди однесувањето на шефот на Кремљ, изјави Шолц при денешната посета на  Јапонија.

Наглото стопирање на  испораката на гас  Кремљ го образложи со непридржувањето на  Полска и Бугарија  кон модалитетите за плаќање. Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец побара испораките за гас да се плаќаат во рубљи.

Полска и  Бугарија првично не се возбудуваат премногу околу ненадејниот прекин на гасот. „Нашата земја со години се подготвува успешно за ова сценарио,“ истакна полскиот заменик министер за надворешни работи Шимон Шинковски вел Сек, според кого земјата располага и со полни складишта на гас. И бугарската влада најави алтернативи во снабдувањето. Од  германската индустрија  пак стигнуваат предупредувања за „речиси невозможни калкулации на последиците“ доколку запре испораката на руски гас. 

Дали спасот е во Казахстан?

Вице шефот на полската дипломатија истакна дека неговата земја уште од 2015 година постепено ја разградува својата зависност од рускиот природен гас, таа е намалена за 20 %. Полска изгради еден терминал за течен гас и во меѓувреме произведува и самата околу 20  % од сопствените потреби за гас. Полските складишта со гас се полни до 80 %, додека просекот во останатиот дел од Европската унија изнесува само 30 %.

Санкциите против Кремљ продолжуваат до целосно повлекување од Украина

Тема на разговорите на германскиот канцелар во Токио денеска, покрај тесните грла во снабдувањето со енергенси, е и продолжувањето на санкциите против раководството во Москва. „Санкциите се многу ефикасни“, тврди Шолц за казнените мерки кои ЕУ, САД и членките на Г7 ги воведоа кон Русија. Русија веќе чувствува дека тие значат големи штети за нејзините развојни можности. Санкциите ќе продолжат  и натаму, сѐ додека не заврши војната и руските трупи не се повлечат „за Украина да продолжи да го развива својот суверенитет“, истакна Шолц.

Со тоа германскиот канцелар навестува – западните санкции нема да завршат Русија да понуди примирје кое би ја „конзервирало“ моменталната ситуација и освоените територии. Само комплетно повлекување на трупите на Кремљ од Украина можат да означат крај на санкциите.

Задоволство од одлуката на Бундестагот за испорака на тешко оружје на Украина

Германскиот канцелар го поздрави јасното изјаснување на Бундестагот за испорака на  тешко оружје на Украина:

„Многу сум благодарен за ваквата денешна јасна поддршка од Бундестагот на политиката на владата. Тоа значи дека во вакви предизвикувачки времиња може да се следи стратегија која многумина сакаат да ја поддржат.“

Бундестагот денеска усвои заеднички предлог на владината коалиција и опозиционата Унија (ЦДУ/ЦСУ) со 586 гласа „за“, 100 против и 7 воздржани. Предлогот меѓу другото содржеше барање за „продолжување и по можност забрзување на испораката на тешко оружје и комплексни системи, вклучувајќи и проширување на кружна размена, без загрозување на способноста на Германија за одбрана во рамките на НАТО сојузот.“

Германската влада во вторникот одобри испорака на  германски тенкови „Гепард“,  прво германско тешко оружје кое се испраќа во Украина.