Штајнмајер: Потребни сме ѝ на демократијата
24 декември 2019Во својот трет божиќен говор како Сојузен претседател, Франк-Валтер Штајнмајер се осврнува речиси исклучиво на внатрешнополитичката и општествената состојба во Германија. Во 2018-та тој спомена и други земји, меѓу другото и немирите во Франција, политичкиот развој во САД, како и загриженоста за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Овојпат станува збор за Германија, само за Германија. И, тој првпат изречно ја наведува антисемитистичката омраза во земјата.
Претседателот потсетува на еден од драматичните моменти од годината која истекува во Германија - обидот за атентат во синагогата во Хале. Осомничен десноекстремен извршител на 9 октомври неуспешно се обиде да влезе во синагога каде имаше повеќе од 50 верници, собрани на најголемиот еврејски празник Јом Кипур. И, притоа напаѓачот не успеа само благодарение на масивната зајакната дрвена врата на синагогата. „Чудо е што вратата издржа и што во тој брутален антисемитистички напад не беа убиени повеќе луѓе од двајцата кои настрадаа“, вели Штајнмајер.
Вратата во Хале
Ден по нападот претседателот на Германија, видно потресен, дојде пред таа дрвена врата, ја посети синагогата, разговараше со членовите на врската заедница, им оддаде почит на убиените. Токму таа спасоносна врата Штајнмајер ја спомнува во своето обраќање: „Дали сме силни и способни да се браниме? Стоиме ли цврсто еден покрај друг, еден зад друг?“ Прашањето е упатено до сите луѓе во Германија. Пред неколку дена Штајнмајер беше на берлинскиот Ден на еврејските општини и во таа прилика ја истакна одговорноста на сите граѓани за спротивставување на омразата кон Евреите.
Низ ова божиќно обраќање на Сојузниот претседател, кое традиционално се емитува на германските телевизии навечер на првиот божиќен ден, се провлекува црвена нишка на апел до граѓаните за демократски ангажман.
Спротивставување на расизмот
Штајнмајер ги наведува темите за кои се полемизира во жешки дебати - избори и изборни резултати, клима и промени на климата, иднината на Европа, состојбата со германското обединување 30 години по падот на Ѕидот. „Времињата во кои живееме се многу политички и, според мене, не може да стане збор за премалку слобода на мислење. Напротив, толку многу спорење немало одамна.“
Според Штајнмајер, важно е луѓето да се вклучат, да се ангажираат. Притоа тој наведува и примери: кога некој на јавно место навредува и пцуе, би требало да се застане на страната на послабиот, треба да се застане во одбрана на малцинствата, ако во училишниот двор или во кафеана се слушаат расистички изрази, потребно е спротивставување на расизмот и омразата на социјалните мрежи. Штајнмајер особено ги пофали волонтерската работа и соседската солидарност, им се заблагодари на полицајците, негувателите, персоналот во болниците.
„Демократијата ни е потребна“
„Сите вие сте дел од демократијата“, подвлекува Штајнмајер и потенцира дека е потребно мешање - на демонстрации, во комуналната политика, или во работата на партиите. „Сите вие имате дел од Германија во вашите раце“, нагласува тој. Тоа е она што ги поврзува сите. За ориентација притоа може да послужи сеќавањето на „неверојатната храброст“ на луѓето во источна Германија, кои во 1989 година доведоа до паѓање на Ѕидот и овозможија обединување на земјата.
„Нам ни е потребна демократија, но мислам дека во моментов ние сме ѝ потребни на демократијата“, оценува Штајнмајер. Сојузниот претседател вели дека притоа се потребни оптимизам и енергичен став, разум, пристојност и солидарност. Зашто, како што предупредува тој, единството, слободата и демократијата не се нешто што се подразбира само по себе.
На крајот на своето обраќање Штајнмајер првпат во ваков еден говор цитира три збора од библиската божиќна приказна: „Не плашете се!“. Тој, Сојузниот претседател, на сите им посакува храброст и увереност во наредната година.