Ѓоковиќ, тоа проклето менталитетско чудовиште!
15 јули 2019„Победа за вечност! Ѓоковиќ јаде трева“- е насловот во таблоидот Билд. „Менталната сила му донесе титула на Ѓоковиќ“, пишува австрискиот јавен сервис ОРФ. Спортскиот портал Spox (Спокс) го нарекува Ѓоковиќ „проклето менталитетско чудовиште!“
Спокс пишува дека се потребни „мадиња како ѓулиња да се игра против најдобриот тенисер на сите времиња на трева, во меч во кој не успеваш да направиш брејк два часа и 47 минути, а речиси целата публика е против тебе“. „Светска класа е како Ѓоковиќ го проби Федерер на неговата втора меч топка - ова е трет пат да одбрани две меч топки против маестрото и потоа да победи. Менталитетско чудовиште!“
„Кога е густо, најдобар е“, се наведува во насловот на неделникот Шпигел, каде се прашуваат која е тајната на Ѓоковиќ. Се извлече во петтиот сет при две меч топки на Федерер: „Ѓоковиќ уште еднаш демонстрираше дека во критични и клучни моменти сигурно е најдобриот играч кој овој спорт било кога го видел“, пишува Шпигел.
„Ѓоковиќ мораше да игра не само против Федерер, туку и против речиси 15 илјади гледачи кои во завршницата му свиреа. (...) Силата на неговите нерви е позната, речиси легендарна. Никој на АТП турнирите не победува толку често во тај-брејк. А кога ќе дојде одлучувачкиот сет, неговиот учинок е извонреден“. Тоа е, додава Шпигел, разликата во однос на Федерер кој „во поодминати години од кариерата испушта сѐ повеќе шанси за брејк и во критичните моменти не го игра најдобриот тенис“.
Зидојче цајтунг го опишува мечот во кој двајцата големи ривали „се прогонуваа еден со друг со неисцрпна енергија, немилосрдна прецизност и брутални уметнички удари“.
„За Ѓоковиќ да дојде до својот лимит потребен е гигант како Федерер кој овојпат не настапуваше само против својот човечки противник, првиот играч во светот, туку и против уште еден, помоќен и немилосрден противник: времето. Федерер за четири недели ќе наполни 38 години; да победеше, ќе беше најстариот победник откако мажите се состануваат на грен-слем турнирите“.
„Така Федерер, и покрај поразот од Србинот, пред очите на целиот свет сепак докажа дека уште некое време планира да ги држи своите години во шах“, заклучува Зидојче цајтунг.