100 дена предизвици за Владата
26 април 2022Македонската Влада ги раситни првите 100 дена од работата на новиот владин кабинет, кој беше изгласан во Собранието на 16 јануари 2022 година со 62 гласа „за“ и 46 „против“. „100 дена предизвици, денови на здравствена, економска и воена криза. Важно беше да се задржи стандардот на граѓаните, да им се помогне кога живееме тешки денови“, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски на тематската седница на Владата, на која направи ретроспектива на сите активности преземени во изминатиот период.
„Напорно ќе биде и понатаму, бидејќи кризата е се уште присутна, но со јасен план и со јасни мерки што ги спроведуваме и низ дијалог со сите чинители на општеството, сигурно дека Северна Македонија ќе излезе како победник од овие предизвици“, вели Ковачевски.
Економска сигурност и подобар животен стандард
Отчетот за 100 дена Влада се случува во турбулентен период на чести протести и незадоволство на синдикатите, поттикнати од договорот за минимална плата којшто беше постигнат во февруари годинава. По две недели прекин на образовниот процес, СОНК и Владата постигнаа договор, но во најава се нови протести на јавната администрација и Управата за водење на матични книги, кои исто така бараат повисоки плати.
Ковачевски вели дека Владата обезбедила непречена исплата на сите обврски на Буџетот, зголемени приходи, поддршка на инвестициите, поддршка на земјоделството, се она што една Влада треба да го прави за своите граѓани во време на криза.
„Дијалогот е единствен начин за постигнување на решенија. Ја користам оваа прилика да апелирам да се издигнеме над минливите, дневни пориви за политички поени кои ги немаат во фокусот граѓаните и просперитетот на нашето општество. Да најдеме сили и мотивација да ги надминеме разликите, да се обединиме околу приоритетите и брзо да напредуваме“, порача Ковачевски.
Во следниот период вниманието на Владата ќе биде максимално насочено на клучните прашања кои се од интерес на граѓаните особено на темите за економска сигурност и за подобар животен стандард. „Клучен приоритет за Владата е справување со енергетската криза, која доби дополнително загрижувачки димензии со војната во Украина. Исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти е исто така приоритет, а подеднаква важност имаат и евроинтеграциите како наша стратешка цел“, вели премиерот.
Стратешки цели
Говорејќи за стратешки теми од државен интерес, тој нагласи дека војната во Украина покажа оти политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех што обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент.
„Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнавме дека е од исклучителна важност за Северна Македонија да започне преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања“, рече Ковачевски и додаде. „Со нашите партнери во ЕУ се усогласивме дека проширувањето со Западен Балкан, како никогаш досега, е геостратешко прашање. Овој став го делат земјите – членки на ЕУ“.
Чесно и одговорно владеење
Ковачевски вели дека Владата има цел да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за граѓаните. А. за тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење.
„Тоа се одликите што ги побарав од сите министри, што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани без исклучок. Одговорно и со целосна посветеност и внимание се фокусирав на формирање и на хармонизирање на новиот тим за да ги подготвиме и спроведеме најсоодветните одговори на сериозните предивизи што не очекуваат“, дециден е премиерот.