1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2016 година ќе биде најтопла во бележаната историја

Геро Руетер
22 декември 2016

Податоците покажуваат дека глобалната температура се зголемила за 1,2 степени споредено со прединдустрискиот период.

https://p.dw.com/p/2UiBe
Eisbär auf kleinen Eisscholle
Фотографија: picture-alliance/H. Bäsemann

Додека скептикот за климатски промени Доналд Трамп се подготвува за инагурацијата која е закажана за следниот месец, климатските научници објавија нови бројки со кои се покажува дека глобалното затоплување „не попушта“.

Годината што изминува веројатно ќе постави нов рекорд во однос на температурите. Претходните две години ги достигнаа највисоките просечни глобални температури од 1880 година, кога за прв пат се воведени прецизни мерења. Речиси е сигурно дека истите ќе бидат надминати и оваа година.

Според Националната администрација за океаните и атмосферата на САД (НОАА), температурата над површината на земјата и водените површини во периодот од јануари до ноември во просек изнесувала 14,94 степени целзиусови, што претставува зголемување од 0,06 степени во однос на минатата година.

Светската метеоролошка организација (ВМО) предвидува дека 2016 година веројатно ќе биде најтоплата година во опсервираната историја. Според проценките на Обединетите нации, глобалната температура во 2016 година изнесувала 14,88 степени, односно 1,2 степени повеќе во однос на периодот од пред индустриската револуција во средината на 19-от век. Според податоците од ВМО, просечната глобална температура во периодот од 1961 до 1990 изнесувала 14 степени.

Арктичкиот мраз се намалува

Температурите особено брзо растат на Арктикот што резултира со драматично губење на ледената покривка. Според податоците на НОАА, просечната температура на површината на Арктикот во 2015 година била за 2,8 степени повисока од онаа на почетокот на 20-от век.

Globale Meeres- und Erdoberflächen-Temperaturanomalien von 1880 - 2016 in °C Infografik EN

Националниот информативен центар за снег и мраз на САД јавува дека големината на ледената покривка на Арктикот во ноември била најниска во последните 38 години, откога истата се мери со помош на сателити. Сегашната површина на мразот која изнесува 9.08 милиони метри квадратни е речиси 2 милиони метри квадратни помала од просечната големина во периодот од 1981 до 2010 година.

Без ледената обвивка која ги одбива сончевите зраци, температурата на морињата се зголемува рапидно. „Океанот полудува“, заклучуваат од НОАА, мислејќи на Арктичкиот регион и големите бури во Беринговото море.

Ураганите како Метју, кои го опустошија Хаити и делови од југоистокот на САД, исто така се стимулирани од зголемените температури на морињата.

Нѐ очекува уште поекстремна клима

Научниците потенцираат дека зголемената концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата кој придонесува за глобалното затоплување е алармантна. Нивото на концентрација на јаглерод диоксидво атмосферата во прединдустрискиот период изнесувала 280 ппм (делови на милион). Според НОАА,  тој број е зголемен на 440 ппм во 2015 година, што исто така претставува зголемување за 2.2 ппм во однос на претходната година.

За земјите кои се наоѓаат на ниска надморска височина, како на пример Бангладеш, која веќе страдаше од катастрофални поплави во 2015 година, зголемувањето на нивото на морињата е голема закана.

Bangladesch Hochwasser in Dhaka
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Abdullah

Научниците предвидуваат дека сегашните концентрации на јаглерод диоксид во атмосферата ќе предизвикаат натамошно растење на температурите во следните децении. Доколку емисијата на јаглерод диоксид продолжи со истото темпо, веројатно е дека нема да може да се одржи договорениот лимит за годишно глобално затоплување од 1,5 до 2 степени Целзиусови.

Одржување на договорените лимити

Според податоците од истражувањата за климатските промени, глобално затоплување од само 1,5 степени над нивото од пред индустрискиот период ќе има драматични последици. Штетата од екстремните временски услови ќе продолжи да се зголемува, коралните гребени ќе бидат под ризик, а нивото на морските води може да се искачи за 1,5 метри до 2300 година.

Институтот за климатски истражувања Потсдам предвидува дека пораст на температурата од 2 степени ќе резултира со подигнување на водата на морињата од 2 до 3 метри до 2300 година. Големата ледена покривка на Гренланд ќе биде загрозена, што претставува закана за голем број острови и крајбрежни градови. Зголемување над 2 степени значи дека светот ќе се соочи со губење на ледената покривка на северната хемисфера, што ќе предизвика уште подраматични згоемувања на нивото на морските води.