1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГерманија

Кои се лауреатите на Ахенската мировна награда за 2023

Роман Гончаренко | Тања Кремер
1 септември 2023

Добитници на мировната награда на градот Ахен за 2023 година се мрежа на руски мировни активисти и група борци за човекови права во Израел и на окупираните палестински територии. ДВ ги претставува лауреатите.

https://p.dw.com/p/4Vpic
Наградата за мир се доделува во германскиот град Ахен од 1988 година
Наградата за мир се доделува во германскиот град Ахен од 1988 годинаФотографија: picture-alliance/blickwinkel/S. Ziese

Само неколку месеци по доделувањето на Карловата награда на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на украинскиот народ, во германскиот град Ахен руската агресорска војна против Украина повторно е во преден план. Ахенската награда за мир денеска (1 септември) ќе биде доделена на „Феминистичкиот отпор кон војната“ од Русија. Освен тоа, ќе биде одликувана и група борци за човекови права од Израел и од окупираните територии.

Од 1988 година Мировната награда на градот Ахен ја доделува истоименото здружение, чии корени потекнуваат од мировното движење од втората половина на минатиот век, а кое обединува различни општествени групи, вклучително и цркви и синдикати. Традиционално, наградите им се доделуваат на лауреатите на Денот на борбата против војната или Светскиот ден на мирот, кој во Германија се слави на 1 септември, односно на годишнината од нападот на нацистичка Германија врз Полска.

Протест против руската „војна и патријархатот“

На годинешните лауреати од Русија им се оддава признание за нивниот ангажман против војната во Украина. Кога Москва ја нападна соседна земја на 24 февруари 2022 година, многумина беа шокирани. Но, само малубројни се осмелија јавно да протестираат против агресијата. Меѓу нив беше и „Феминистички отпор кон војната“ (ФАР).

Движењето е родено поради чувството на беспомошност и желбата да се направи нешто, велат за ДВ руските активистки кои денес живеат во Германија. За да се заштитат од евентуален прогон, не се објавува идентитетот на активистите, односно нивните презимиња. „Во првите месеци од војната тоа ми помогна да не пукнам во Москва“, вели една од нив, Екатерина.

Само еден ден по нападот врз Украина, руските феминистки го привлекоа вниманието на јавноста откако објавија манифест на интернет. Во него тие ја критикуваа војната, но и „патријархатот, авторитаризмот и милитаризмот“.

Протестна акција на групата Феминистички отпор против војната (архивска фотографија)
Протестна акција на групата Феминистички отпор против војната (архивска фотографија)Фотографија: Feminist Anti-War Resistance

Следеа протестни акции, како што се ставање крстови во спомен на масакрот во Мариупол, делење налепници со антивоени пораки или лепење налепници со бројот на жртвите од војната на етикети од производи во продавниците. Но, дури и таквите постапки беа премногу опасни за многумина, бидејќи во Русија за секоја форма на критика на сметка на војната во Украина се заканува повеќегодишна затворска казна.

„Врв на ледениот брег“

Денес, движењето ФАР најмногу делува од странство, а во Русија е активно во подземјето. Имаат свои претставници во сите поголеми градови, вели Екатерина. Жените, членки на движењето, се организирани на децентрализиран начин, за максимално да се заштитат од прогон, додава таа.

И самиот протест е претпазлив: во зградите во кои живеат повеќе семејства, на пример, се делат весници, а во нив, меѓу рецептите за готвење, има и совети како мажите да избегнат мобилизација, вели Олга, која сега живее во Германија.

„Активизмот е само врвот на ледениот брег“, додава таа. „Поголемиот дел од активностите на нашето движење никаде не се најавуваат, тоа го знаат само учесничките во акциите, па дури ни тие сите.“ Притоа се работи за правна помош или психолошко советување. Борбата против војната е како маратон, вели активистката.

„Важно е да се преземе одговорност и да се започне борба против руската агресија“, нагласува Екатерина. Лицето на рускиот протест често е женско, а така беше и порано, додава таа. Инаку, Ахенската награда за мир во 2004 година отиде во рацете на познатиот Комитет на мајки на војниците од Санкт Петербург.

Правна помош за Израелците и за Палестинците

Вториот добитник на Ахенската награда за мир за 2023 година е Фондот на бранители на човекови права (ХРДФ). Тоа е организација која обезбедува правна помош на израелските и на палестинските активисти за човекови права. „Организацијата работи првенствено во позадина, бидејќи се гледаме себеси како безбедносна мрежа за борците за човекови права во Израел и во окупираните територии“, вели Ариеле Сади Гордон од ХРДФ.

Групата адвокати обезбедува правна поддршка на Израелци и на Палестинци и се ангажира во разни други области, вклучително и против политиката на Израел за окупација на палестинските територии, односно се залага за граѓанските права на палестинското малцинство во Израел. ХРДФ, како што се наведува во образложението на Ахенската награда за мир, се одликува и за напорите во потрагата за праведно решение на израелско-палестинското прашање.

Членови на Фондот на бранители на човекови права (ХРДФ) во август 2022 година
Членови на Фондот на бранители на човекови права (ХРДФ) во август 2022 годинаФотографија: HRDF

Адвокатите од ХРДФ се достапни во секое време преку сервисна телефонска линија, може да се повикаат и кога израелската полиција или војска ќе уапси Израелец или Палестинец за време на ненасилни дејствија, а пружаат помош и во случај да биде покренато обвинение против нив, односно ако се поведе судска постапка. „Тие треба да знаат дека сме тука за нив“, вели Гордон.

Признание од меѓународната заедница

А Ори Гивати од израелската невладина организација „Прекинување на тишината“ (Breaking the Silence) во неколку наврати во последните години се потпираше на помошта на ХРДФ. Неговата организација бележи анонимни изјави на израелски воени ветерани за напади на окупираните палестински територии.

Овој млад Израелец се сеќава на хуманитарна акција за палестинските жители во село во близина на Хеброн, на југот на Западиот Брег. Во рамките на таа акција требаше да се санира една улица. „Израелските доселеници ја повикаа армијата и таа ја прогласи областа за забранета зона, што значи дека армијата смее да одлучува кој може да остане во областа.“ Иако групата ги следела упатствата на армијата, кон нив се постапувало остро, вели Гивати. Тој додава дека во таа акција бил уапсен. „Веднаш штом пристигнав во полициската станица, адвокат од ХРДФ ми пружи правна помош. На крајот тој случај беше ставен ад акта“.

Работата на ХРДФ е исклучително важна, особено во контекст на спорните судски реформи во Израел, или плановите на ултрадесничарската, религиозна израелска влада предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху за анексија на делови од Западниот Брег, вели тој. „Ние во ХРДФ сме многу горди и почестени што ја добивме оваа престижна награда“, забележува Ариеле Сади Гордон. И додава: „И ние сме многу среќни затоа што меѓународната заедница почнува да ја цени работата на борците за човекови права во Израел и на окупираните палестински територии“.