1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

„Air Defender 23“: Најголемите воздушни маневри на НАТО

12 јуни 2023

На небото над Германија, НАТО ги организира најголемите воздушни маневри во својата историја. Три зони на летови се привремено затворени и неизбежни се доцнења на цивилните летови. Вежбите се порака и до исток.

https://p.dw.com/p/4SOO9
НАТО маневри
Ербас А400 М на германските воздухопловни сили: Германија ќе стане логистички центар на маневарот „Воздушен бранител 23“ на шест воени аеродромиФотографија: Philipp Hiemer/Bundeswehr

Ова е несомнено најголемиот предизвик за германското воено воздухопловство во последните неколку децении: по четири години подготовка, започнуваат воздушните маневри на НАТО наречени „Воздушен бранител 23“ („Air Defender 23“). Тоа е најголемата вежба од ваков вид во историјата на западната воена алијанса.

Од 12 до 23 јуни Германија ќе биде логистички центар. Во одредени периоди на шест воени аеродроми во земјата ќе бидат стационирани дури 250 авиони. Вкупно 25 земји учествуваат во маневрите, а само САД испраќаат 100 авиони преку Атлантикот. Во воздухот, кризни ситуации ќе се симулираат во три зони на летот: над северна Германија и Северното Море, на исток и во помала област во јужна Германија. Тие зони наизменично ќе бидат затворени за цивилен воздушен сообраќај по неколку часа дневно.

Одржувањето редовен распоред на летови во цивилниот сообраќај за време на маневрите е еден од најголемите предизвици. Бидејќи небото над Европа со Германија во средината е еден од најпрометните воздушни простори во светот. Експертите за воздушниот сообраќај затоа со интерес ќе следат дали цивилниот сообраќај може да функционира без поголеми прекини паралелно со маневрите. Во текот на десетте дена од вежбата, германските аеродроми ќе го продолжат работното време и во ноќните часови. 

„Затоа се надевам дека доколку стапат на сила сите овие мерки, нема да има откажувања на летови“, вели првиот човек на германското воздухопловство, генералот Инго Герхарц. Сепак, тој не ја исклучува можноста за доцнење на пристигнувањето и заминувањето.

Генерал-полковник Инго Герхарц
Генерал-полковник Инго Герхарц ја носи титулата генерален инспектор на германските воздухопловни силиФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Нема откажувања на летови, но доцнењата се неизбежни

Ниту во здружението на европски авиопревозници „Авиокомпании за Европа“ не очекуваат откажување на летови. Но, постои „можност да има одложувања“. Според сегашните проценки, тие не би требало да бидат големи, изјави за ДВ Кевин Хинеј, портпарол на бриселската организација. 

НАТО маневри
Маневрите „Air Defender 23“ се подготвуваат од 2018 година; тие се и сигнал до МоскваФотографија: Jane Schmidt/Bundeswehr

Во изјава за ДВ, германскиот експерт за воздушен сообраќај Клеменс Болингер потсети на специфичноста на германската контрола на воздушниот сообраќај во споредба со другите европски земји: работата на цивилните и воените контролори во таа земја е интегрирана веќе 30 години - токму поради тоа што германскиот воздушен простор е толку оптоварен.

И додека, на пример, за време на нивните маневри, француското воено воздухопловство редовно блокира цели зони за летање за цивилен сообраќај, цивилните и воените летови над Германија се секојдневно меѓусебно координирани. Контролорите на летање се во постојан контакт со нивните колеги од воената авијација. 

„Но, сите знаеме дека има многу фактори кои можат да предизвикаат одложувања, како што се бури или густ сообраќај“, вели Болингер. Со други зборови, авиосообраќајот е многу сложена работа и, ако се додадат и други фактори кои предизвикуваат пореметување за време на маневрите, некои одложувања тешко може да се избегнат - особено ако се земе предвид дека цивилниот сообраќај во Европа сега е речиси еднаков на она што беше пред Ковид-пандемијата.

Одвраќање во услови на редовни цивилни операции

Во секој случај: со маневрите „Air Defender“ , НАТО сака да испрати политички сигнал за одвраќање преку демонстрација на сила, вели за ДВ Торбен Арнолд од Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП). „Се разбира, тоа испраќа јасен сигнал дека, дури и ако овој воздушен простор е исклучително зафатен, тие се подготвени да покажат дека ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО“, вели Арнолд.

НАТО маневри
Подготовки за маневри: Американските војници пристигнаа во базата Јагел во Германија на крајот на мајФотографија: Sherifa Kästner/Bundeswehr

Повеќе од 10.000 војници од земјите на НАТО ќе поминат низ бројни однапред подготвени ситуации - не само во воздух, туку и на земја: „Евакуацијата од аеродромот“ е исто така дел од рутинската вежба, вели генерал Герхарц. Таа вежба очигледно беше додадена по хаотичните денови на аеродромот во Кабул во 2021 година, кога САД и нивните сојузници ненадејно ја завршија мисијата во Авганистан.

Други сценарија се поддршка на копнените единици од воздух, борби на небото против непријателските авиони, но и пресретнување на ракети со среден дострел од бомбардери. Со стелт-бомбардерот Ф-35, вооружените сили на САД преку Атлантикот го испраќаат најмодерниот борбен авион на Атлантската алијанса. Торбен Арнолд вели дека одбраната од непријателски подморници или бродови се практикува и над Северното Море, бидејќи „непријателот не демне само од копното, туку и од морето“.

евакуација Кабул
Евакуација од Кабул 2021: таква мисија треба да се вежба и за време на маневрот „Воздушен бранител“Фотографија: Spanish Defence Ministry/AP/picture alliance

Маневри за време на украинската контраофанзива: случајност?

Очигледно е дека кога многу луѓе во Европа помислуваат на тој „непријател“, мислат на Русија и нејзиниот напад врз Украина кој трае од 24 февруари минатата година. Тоа е само по себе очигледно. Меѓутоа, при претставувањето на плановите за овие маневри пред медиумите на НАТО во Берлин, првиот човек на германското воено воздухопловство Герхарц на секој начин се обидуваше да ја избегне дури и помислата дека тоа е непријател кој доаѓа од исток.

Но, на истата прес-конференција, амбасадорката на САД во Германија, Ејми Гутман, рече: „Денес, превенцијата преку подготовка е поважна од кога било“. И руските вооружени сили ќе ги следат, проучуваат и ќе бидат окупирани со маневрите на НАТО, во време кога украинската армија со сѐ почести напади врши сѐ поголем притисок врз руските агресори.