1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аирлија и со среќа нова влада

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
18 јуни 2024

До Христијан Мицкоски, новиот премиер, како превентива: власта брзо ги расипува властодржците кога остануваат без контрола. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4hB0o
Северна Македонија | Христијан Мицкоски ја слави победата на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски ја слави победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите (9.05.2024)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По седум години горчлив опозициски леб, ВМРО-ДПМНЕ повторно е на власт и ја презема одговорноста за вкупните состојби во државата. Да не беа некои лупинзи по големата изборна победа, искажани по инерција на опозициско дејствување уште пред да се конституира владата, веројатно ќе имаа право првите сто дена на мала поштеда да работат поспокојно, иако тоа непишано правило одамна не се почитува ни кај нас, ниту во светот. Нема време за спокојство.

Новиот премиер Христијан Мицкоски соопштувајќи ги имињата на своите министри искажа загриженост за состојбите во државата. Како што кажа, ситуацијата е очајна, ќе биде многу тешко, но притоа посебно нагласи и голем оптимизам дека со чесна и предана работа очекува големи резултати и успеси. Да му посакаме успешна работа. Мицкоски верува во компетентноста на својот тим. Останува уште во тоа да се увери и јавноста и поддржувачите на промените бидејќи очекувањата се навистина големи.

Што се однесува до очајната состојба што ја наследуваат новите власти и тешкотиите со кои ќе бидат соочени треба да му се верува на премиерот Мицкоски ако мисли на тоа како ќе го спроведува сето она што го блокираа тој и неговата партија како моќна опозиција и сето тоа што го ветуваа на граѓаните во врска со спроведување на реформите, преговорите со ЕУ, односите со соседите и со стратегиските партнери, од што зависи колку во својот мандат ќе ја доближи Македонија до остварување на најголемиот приоритет - да стане редовна членка на Европската Унија.

Ќе биде тешко да се признае дека ќе работи предано на довршување на она што го започнаа и го донесоа до точка од која нема враќање неговите претходници. Додуша не мора ни да признае, тоа го дозволува политиката, ама ќе мора тоа да го одработи без оглед што беше најголем критичар на тоа што сега треба и тој да го спроведе. За неуспесите да се оствари тоа, кратко е времето за оправдувања со грешките на преходната власт.

Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Мицкоски со тактиката на Мицотакис

Не е на одмет, имајќи ги искуствата на претходните влади, на Мицкоски да му се предочи на внимание - најдобронамерно како неопходна превентива - фактот дека власта брзо ги расипува властодржците кога остануваат без контрола. Штом има двотретинско мнозинство во Собранието и апсолутна власт, од локално до претседателско, владино, судско и останато институционално ниво, стравот расте, а на врата тропа авторитарен режим. Тогаш слободата и демократијата паѓаат обратно пропорционално од растот на силината на власта. Тоа го видовме во досегашното практикување на власта во изминатите 33 години од прогласување на независноста на Македонија. А, особено во времето на ерата на груевизмот. Двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, владееја речиси подеднакво, имајќи ја предвид и првата експертска влада на Никола Ќљусев. Некаде по речиси шеснаесет и пол години. Сѐ што направија добро и лошо во тие речиси три и пол децении е нивна „заслуга“. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повеќе учество во власта има само ДУИ како нивен коалициски партнер цели 22 години. Најдобар показател во која насока ќе се движиме е ако политичкиот натпревар се одвива во правец на членството во ЕУ и остварување на домашните задачи почнувајќи од владеење на правото до сѐ она што е содржано во обврските да бидеме во европската премиер лига.

За да се постигне тоа најдобро е премиерот Христијан Мицкоски да ја примени тактиката на грчкиот колега премиерот Киријакос Мицотакис бидејќи се на исти позиции. И двајцата сметаат дека Договорот од Преспа е лош по националните и државните интереси на Грција, односно на Македонија, иако е усвоен од владите и парламентите на двете земји, а кај нас промената на името на државата со додавката „северна“ е и уставна категорија. Таа оценка на озлогласен Договор прикажана во јавноста на двете соседни земји како предавство на државните интереси многу им помогна и на Мицотакис и на Мицкоски да ја освојат власта.

Разликата е во тоа што Мицотакис по освојување на власта и преземањето на премиерската функција веднаш го прифати Договорот од Преспа објавувајќи дека и покрај тоа што е против интересите на Грција ќе го спроведува, а нашата опозиција, сега веќе актуелна власт, прво најави дека ќе го поништи, а потоа ја спушти топката дека ќе направи подобар договор. Засега, според најавите на Мицкоски, и тој ја подготвува јавноста за целосно спроведување и почитување на Преспанскиот договор. Што е добар исчекор напред, ако не се земе предвид изгубеното време.

Останува уште еден сериозен проблем како тоа да се прифати дома, во земјата. Не може туку така од ведро небо веднаш да се каже дека ќе го почитуваме и спроведуваме „предавничкиот“ договор на претходниците, набедени и жигосани како државни непријатели кои се одважиле по европски урнек со компромиси да најдат решенија кои резултираа со членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, што кај нас се прогласи за велепредавство на националните и државните интереси.

Како сега да им се каже на тие што ги избраа победниците на изборите дека тоа беше само предизборна тактика и дека тоа не важи кога веќе е освоена власта. Мора малку да се тактизира со сократовската филозофија на личното демократско право да си ја викаме државата како што сакаме, додуша само усмено и приватно по дома, а официјално, ќе се користиме со уставното име Северна Македонија. Така ќе биде извесен мал период, а потоа ќе се постапува како што пишува во Договорот и во Уставот.

Тоа е таа голема мудрост, невидена досега по тридецениските преговори, заложби и тактики да се реши овој проблем, повторно искомплициран по големата победа на изборите, иако беше надминат со веќе склучениот Преспански договор.

Сѐ што не можеше со 75, ќе се реши со 85 гласа

Потешкиот дел од работата е со соседот Бугарија, кој ќе мора да го решава Владата и Собранието. И во овој случај ветувањата си се ветувања, а реалноста е реалност. Добрите вести за успешните нови преговори со Бугарија ќе го прифати тврдото гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ. Тука ќе нема никакви проблеми оти нема ништо да се менува ни во Договорот со Бугарија, како ни со Преспанскиот договор. Ми се чини дека проблемот со примената на Договорот за добрососедство со Бугарија е мачнотијата да се прикаже како голем успех кај тие што веќе го поддржуваа за време на претходната власт, а не кај тие што жестоко се спротивставија бранејќи го националното достоинство и гордост.

Па така, од никого неоспорениот современ и литературен македонски јазик кодифициран по Втората светска војна, признат во лингвистичката наука и во светот, но и од Бугарија, ќе се пласира како историски заначајно достигнување бидејќи тоа беше претставено во македонската јавност како негација на македонскиот јазик. Добро де, не претерувајте со лутината, малку ќе има компромис со потеклото на дијалектите, но со добра пропаганда и „мали“ отстапки кои порано се прикажаа како големи тоа сега новата власт ќе го прескокне. Соломонски решенија ќе се најдат и за историското минато и за националната припадност на историските личности кои ќе бидат и наши и нивни на подеднакво задоволство и божем незадоволство на двете страни.

Се претпоставуваше, сосема погрешно, дека најголем проблем ќе бидат некои познати јавни личности академските и универзитеските интелектуални мислители, научници, поети, писатели, новинари, чувари на македонскиот идентитет кои силно го кренаа гласот за големата загроза на македонската национална, културна, и јазична посебност, ама судејќи по заглушувачката тишина по изборите и тоа ќе се реши. Нашите интелектуалци, силни аналитичари и медиуми добро знаат кога треба да замолчат.

Најинтересни ми се толкувачите на демократијата и аналитичарите кои целата успешна работа после сите драматични тревоги ја гледаат во двотретинското мнозинство. Ете, тоа било изборот на народот со дадената доверба за полноправно одлучување. Тоа е демократското правило - кој има 80 гласа тој одлучува за сѐ, па и за големината на успехот со прифаќање на договорите што ги склучиле претходниците, предавници.

Нема потреба од кревање голем прав за ништо, па ни за меѓуетничките односи кога сите албански партии, повеќе или помалку, се во власта, или соработуват со неа како конструктивна опозиција. Затоа беа потребни мудрите одлуки да има 20 министерства и 24 министри, неколку заменици премиери, министри без портфељ, тројца потпретседатели на Собранието, повеќе директорски и заменички места и сѐ што е потребно да се задоволат партиските кадровски потреби и да се закопаат секирите за тоа кој повеќе крадел и лажел. Малку сомнежи во јавноста предизвика именувањето на некои министри иако очекувањата беа дека на тие места ќе дојдат поистакнати партиски кадри. Од политичките кулоари излезе приказната дека некои од тие заслужни кадри безбедносно не се подобни и не можат да поседуваат класифицирани информации.

Како и да е, сѐ она што не можеше да се реши со 75 гласа ќе се реши со 85. Важно е вестите да почнуваат со успесите на новата власт. Но и тоа има рок на траење како и сѐ друго.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема