Насловот на денешната колумна е стара изрека од времето на решавање на меѓунационалните , етничките и религиски, територијални спорови, како и за освојување на престолот со сабја, јатаган, кубур и буздован. Таа изрека воедно е и желба која се упатува на соборците и собраќата по оружје кога веќе нешто мора да ги поткачи од наброените оружја барем да ги размине гангрената да не се распаднат во страшни болки.
Одамна е одминато времето на јатагани и буздовани, ама војните за етничките и меѓунационални и територијални спорови и за освојување на престолот уште траат речиси на сите континенти на планетата земја и по стотици години и по две светски војни и се решаваат со многу поопасни оружја.
Во нашиот случај сите досегашни „војни“ за освојување на власта во независна Македонија се водат по демократски пат, со таа разлика што кај нас под поимот демократија се подразбира дека може слободно во секое време постојано да се лаже и оцрнува противникот. А во предизборните кампањи тоа се воздигнува на ниво на тревога за најголема опaсност кога државата од сите страни е опколена со непријатели, а дома роварат домашните предавници и странски платеници. Велат сегде се лаже пред избори. Така е ама кај нас тешко се препознава лагата во неа, се верува и кога ќе се препознае оти задира во најчувствителните дамари на мнозинството граѓани. Тоа се меѓуетничките односи.
Анти предизборни кампањи
Во битките за освојување на власта се создава амбиент кој секогаш дава одлични резултати. Наместо со кубури и сабји како некогаш, сега власта се освојува со пенкало, лаги, телевизии и мобилни телефони, интернет и многу пари. Ако не стасуваат многу пари се додаваат уште повеќе пари.
Нашите антипредизборни кампањи се на трошок на граѓаните. Расфрлањето со пари од буџетот наводно во интерес на граѓаните со тероризирање на јавноста со агресивни пораки е надминат концепт и е најприсутен во сиромашните земји. Се трошат милиони евра како алва за пласман на лаги и лажни ветувања.
Но, има едно помоќно оружје и од парите, а тоа е на кое поле, на кој терен ќе се води битката за освојување на власта. Покрај медиумите и социјалните мрежи најдобар фронт се меѓуетничките односи, опасноста од национална загрозеност внатре во државата и од нашите проблематични и лоши комшии.
Во овие битки за превласт во блиското минато имаше и по некој загинат, но во последните изборни пресметки нема мртви. Изборите течат мирно со по некој екцес колку да се отвори можност за прегласување. Значи, нема човечки жртви, ама има многу бескрвни и невидливи рани кои се некаде длабоко во главите и во свеста на многу луѓе. Ако не се лечат со години и се остават неизлечени стануваат гангренозни. Предизвикуваат распаѓање на организмот на државата.
Како се создава држава инвалид
Единствено решение да се спаси од смрт е ампутација на деловите од телото на државата зафатени со гангрена. Така се создава држава инвалид. Па затоа и ја упатувам на увид и размисла изреката до нашите големи „јунаци“ победници и поразени и до нашите собраќа: нека ви се среќни раните и чувајте ја Македонија од гангрена. Пораката е до сите оти и кај победниците и кај поразените има ранети во главите иако изгледаат прилично здраво, достоинствено и гордо.
Преведено на јазикот на реалната политика и состојба за да се одбегне опасноста од распаѓање и ампутацијата на делови од организмот на државата првата работа која треба да се направи е да не се проблематизира примопредавањето на власта. Тоа особено важи за ДУИ кои иако се навистина тесни победници на изборите нема никакви причини да се закануваат за нешто што веќе и самите го добија со преземање на власта во коалиција со тие што натокмија мнозинство во Собранието 2016 година.
И во СДСМ наместо да плачат, време е да станат од нокдаун и да дадат поддршка токму на тоа за што беа блокирани од патриотската опозиција.
ВМРО-ДПМНЕ пак со своите нови партнери ќе мора да отстапи од своите предизборни ветувања и да го решава проблемот со уставните измени и продолжувањето на преговорите со ЕУ. Ќе мора да ги дочека подготвено промените кои се случуваат во ЕУ во однос на приемот на нови членки.
Потезите пред стартот на новата влада со проблематизирање на Преспанскиот договор со Грција беа лоши и глупаво е со тоа да се гордеат бидејќи како што велат нивните следбеници ја исправиле свитканата кичма и ја вратиле гордоста на граѓаните. Повторното преземање на улогата „ем шуто ем боде“ само ќе ги забрза гангренозните процеси ако Македонија која ја почна последната, најтешка етапа за членство во ЕУ го губи чекорот и биде сместена во графата на Брисел како неподготвена.
Како треба да се мери успехот на власта
Таа неподготвеност се гледа и во фактот што кај граѓаните на Македонија не постои посилен отпор кој треба на власта категорично и јасно да го покаже најзначајниот стратегиски интерес кој не смее да се доведе во прашање, особено не она што веќе е постигнато на тој пат. Изборите, за жал, не ја создадоа во јавноста таа цврста база која ќе биде категорично за членство во ЕУ. За тоа има две причини . Првата: предизборните битки се префрлија на теренот на патриотизмот и на меѓуетничките омилени теми за граѓани од прв и втор ред, „Македонија повторно твоја“, УЧК, УЧК, УЧК.... Тетово главен град, овации за премиерот на Косово Албин Курти и слични милитанти и националистички изливи. Втората: што мнозинството граѓани иако се за членство во ЕУ во тоа гледаат нешто многу далечно и несигурно без голема доверба во Брисел поради протекционизмот и наклонетоста на Европа, кон соседите, што се доживува како голема неправда, што е и точно. Се уште несовладувајќи го приматот на интересите не само на големите сили туку на сите држави, а кој вденаш го прифаќаат по приемот како и сите нови и стари членки на ЕУ.
Која би била најважната улога на опозицијата. Да ја придобива јавноста дека основно мерило за успешноста на власта е во спроведувањето на реформите како најважната работа за иднината на Македонија и нејзините граѓани. Додека траат преговорите со ЕУ во наредните години ако политичкиот натпревар се сведе главно на брзината и успешноста на спроведување на тие реформи, тоа треба да биде мерило за победа, или пораз на сите наредни избори. Ако пак преовладеат патриотските и етничките спорови , национализмот и пребројувањето на предавници и непријатели можеме да се збогуваме и со Европа и со Македонија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.