1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали новата акција може да го извлече „Визер“ од кризата

БГ
16 август 2024

Војната во Украина и лошата среќа, се дел од причините зошто акциите на „Визер“ паднаа на дното. Но, важен фактор се и лошите одлуки и ароганцијата, пишува британскиот весник Гардијан.

https://p.dw.com/p/4jXay
Визер Унгарија
Авион на унгарската компанија Визер во БудимпештаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

„Визер“ одбра добра недела за да ја започне најновата кампања „летај неограничено“ за 499 евра. Во спротивно, вниманието ќе беше насочено кон големиот пад на вредноста на акциите на унгарската авиокомпанија, пишува лондонски Гардијан. Имено, акциите на „Визер“ неделава го достигнаа историски најниското ниво од 14,76 евра. За споредба, во 2021 година тие котираа на Лондонската берза со вредност од речиси 65 евра.

Неволјите на „Визер“, лондонскиот весник делумно ги лоцира во војната во Украина која, како што пишува, го погоди превозникот кој е концентриран на летање до и од централна и источна Европа. А големиот удар, и причината за големиот пад на вредноста, е откажувањето на нарачката на мотори на неговиот добавувач, „Прат и Витни", што приземји дел од флотата на „Визер“. Авиокомпанијата има право на компензација, но не доволно за да се надомести нарушувањето на распоредот и потребата да се закупат заменски авиони. Оперативната добивка за последниот квартал падна од 80 на 45 милиони евра. 

Промоција со фалинки 

Но, дел од проблемите се предизвикани од самата компанија. Во периодот на пандемијата, „ВизЕр“ направи тешка грешка со тоа што не се заштити од порастот на цената на авионското гориво, кое тогаш беше евтино. Но, потоа следуваше руската инвазија врз Украина, и компанијата беше принудена да го менува моделот на работа.

И амбициозниот план за раст, додека пазарот се опоравуваше од Ковид-пандемијата не го донесе очекуваниот приход. Додека целата индустрија беше внимателна, „Визер“ тргна кон западна Европа, што ја доведе на рутите на „РајанЕр“. Како што можеше да се очекува, пишува Гардијан, „РајанЕр“, како лидер на пазарот, одговори со агресивно спуштање на цените за да ја одбрани својата територија.

Промотивната кампања „летај неограничено“ за 499 евра годишно, според британскиот весник, го привлекла вниманието, но содржи толку многу услови (може да се букира најмалку 72 часа пред летот, таксата за резервација на секој лет е 10 евра, а дополнителниот багаж не е вклучен) што понудата може да им биде привлечна само на флексибилните патници. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи