1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

„Ако видите антисемитизам, дејствувајте веднаш“

18 јануари 2023

Дани Дајан раководи со меморијалниот центар „Јад Вашем“. Сега првпат во животот патува во Германија. Во интервју за ДВ, тој се осврнува на ова посебно патување - и на борбата против антисемитизмот.

https://p.dw.com/p/4MMI0
Дани Дајан, раководител на „Јад Вашем“
Дани Дајан, раководител на „Јад Вашем“Фотографија: Alex Kolomoisky/Yad Vashem

„За жал, антисемитизмот е во пораст насекаде низ светот“, вели Дани Дајан. Речиси една и пол година, 67-годишниот Дајан е прв човек на „Јад Вашем“, најважниот споменик на холокаустотво светот, кој се наоѓа на Херцелска Гора, или планината на сеќавањето во Ерусалим. Во интервју за Дојче веле, Дајан вели дека зголемената омраза кон Евреите ширум светот го поттикнала на опомена за секој шеф на држава: „Ако видите антисемитизам, дејствувајте веднаш. Не чекајте. Ако чекате, антисемитизмот ќе добие преголеми, монструозни размери и тогаш ќе биде невозможно да го запреме“.

На 22 јануари, Дајан доаѓа во Германија - за првпат во животот. Долг пат - не само затоа што Дајан е роден во Аргентина во 1955 година, каде раснел сѐ додека неговото семејство не се преселило во Израел во 1971 година. Во Израел подоцна станува еден од водечките политички лидери на израелското доселеничко движење на окупираниот Западен Брег. Неговото политичко минато веќе не игра улога, вели Дајан. Од неговото назначување за шеф на „Јад Вашем“, Дајан, според негово тврдење, поставил „заштитен ѕид“ помеѓу сеќавањето и политиката. Неговата сегашна мисија му е „света“, тврди тој.

Како „многу млада“ личност, Дајан се заколнал дека никогаш нема да патува во Германија, земјата на сторителите. „Тоа тогаш немаше никаква врска со омраза или нешто слично“, вели тој во интервју за дописничката на ДВ, Ребека Ритерс. „Со тоа сакав да им оддадам почит на шесте милиони убиени Евреи“.

„Салата на имињата“ во „Јад Вашем“
„Салата на имињата“ во „Јад Вашем“Фотографија: Nir Alon/ ZUMAPRESS.com/picture alliance

Спротивставете се на почетоците

Во интервјуто за ДВ, Дајан ја споредува сегашноста со 1930-тите и јасно ги посочува разликите. Во тоа време, националсоцијалистичкото движење околу Адолф Хитлер се засилуваше во Германија, а расниот фанатизам на националсоцијалистите резултираше со масовно убиство на европските Евреи. Ситуацијата денес не е иста како тогаш, „далеку сме од тоа“, вели Дајан. Но, за разлика од луѓето пред 80 години, денес знаеме што може да се развие од опасните почетоци, што „може да се случи“.

Тогашната генерација можеби не мислеше дека е можно некој што пали книги или пали синагоги, да пали и луѓе. За денес важи следново: „Знаеме дека може да се случи да горат луѓе“. Затоа денес имаме таква одговорност да се бориме против антисемитизмот, расизмот и ксенофобијата.

Прва средба во „Јад Вашем“

Дајан во посета на Германија доаѓа на покана од претседателката на германскиот Бундестаг, Бербел Бас. Социјалдемократката го посети Израел во април 2022 година. Таа беше првиот висок претставник од Германија што учествуваше на годишната церемонија во израелскиот парламент, Кнесетот, за сеќавање на Холокаустот, кога се читаат имињата на жртвите. А Бас, која доаѓа од Дуизбург, го посети и „Јад Вашем“. Таму, Дани Дајан ѝ дал истражувачки труд за Еврејката од нејзиниот роден град, Ирма Натан, која нацистите ја убиле во 1942 година.

Претседателката на Бундестагот, Бербел Бас, полага венец во близина на вечниот „Пламен на сеќавањето“ во „Јад Вашем“
Претседателката на Бундестагот, Бербел Бас, полага венец во близина на вечниот „Пламен на сеќавањето“ во „Јад Вашем“Фотографија: Menahem Kahana/AFP

Изложба во Бундестагот

Тогаш Бас го покани Дајан, кој никогаш не сакаше да патува во Германија, да отвори изложба во пресрет на овогодишниот ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот- 27 јануари, во Бундестагот, во Берлин. Дајан и Бас на 24 јануари ќе зборуваат во Паул-Лебе-Хаус, една од централните згради на Бундестагот веднаш до Рајхстагот, на почетокот на изложбата „Шеснаесет објекти - седумдесет години Јад Вашем“. Изложбата прикажува 16 предмети од колекцијата од „Јад Вашем“, сведоштва за секојдневниот живот на Евреите кои морале да ја напуштат Германија или биле убиени од нацистите: детски играчки, свеќник за Ханука, дневник, како и пијано. 16 предмети од 16-те германски сојузни покраини кои ги прават присутни историјата и приказните за изгубени животи.

Меморијалниот центар „Јад Вашем“, за чие воспоставување беше донесена одлукапред речиси 70 години, во август 1953 година, ги одржува спомените живи и со вакви предмети. Ова вечно сеќавање се рефлектира во хебрејското име „Јад Вашем“, кое е позајмено од книгата на пророкот Исаија во Библијата и на германски значи „Едно место и едно име“. „Некои од предметите што ги имаме овде предизвикуваат солзи во очите на секој што е човечко суштество“, вели Дајан во интервјуто.

Интервју за ДВ на првиот човек на „Јад Вашем“, Дани Дајан
Интервју за ДВ на првиот човек на „Јад Вашем“, Дани Дајан Фотографија: Tania Kraemer/DW

„Трка со времето“

Денес, бројот на живи сведоци на Холокаустот се намалува. Само неколку многу стари луѓе можат да им раскажуваат на помладите генерации за тоа. Дајан гледа напред кон времето кога нема да има веќе преживеани: „Кога ќе дојде тоа време, омаловажувачите и негаторите на Холокаустот ќе бидат во пораст. Тие веруваат дека нивниот час е дојден“, вели тој. Затоа сеќавањето и борбата против омразата кон Евреите е „трка со времето“.

Дајан смета дека сеќавањето на Шоа (Холокаустот, н.з.) е „многу ефикасна алатка во борбата против антисемитизмот“. „Јад Вашем“ „не се обидува да ги превоспита антисемитистите. Ние се обидуваме да ги научиме пристојните луѓе (...) да заземат став против антисемитизмот“.

Антисемитизам - зошто толку упорно опстојува

Шефот на „Јад Вашем“ ова го објаснува со два примера, две познати личности од САД кои во последните месеци привлекоа внимание со контроверзни изјави. Раперот Канје Вест (45), кој постојано се изразуваше жестоко антиеврејски и прибегнуваше кон вообичаени клишеа, е „очигледно антисемитист“, вели Дајан. „Не би го поканил во 'Јад Вашем' бидејќи тоа би било губење време.“

Од друга страна, тој дефинитивно би ја поканил актерката Вупи Голдберг (67), која на Шоа гледа како на конфликт меѓу две бели групи кој нема никаква врска со расната омраза. „Тоа е бесмислица“, вели Дајан. „Тоа не е антисемитистички. Тоа е незнаење“. Голдберг едноставно „не го знае фактот дека нацистите – со право или без право – ги сметале Евреите за раса“.

Планирани средби со високи претставници во Берлин

На своето прво патување во Германија, Дајан ќе помине два дена во Берлин. Предвидено е, освен со претседателката на Бундестагот, да се сретне и со сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и со сојузниот канцелар Олаф Шолц, како и со сојузниот министер за финансии Кристијан Линднер, водечки претставници на Зелените и лидерот на парламентарната група Унијата, Фридрих Мерц. Дајан ќе го посети Споменикот на убиените Евреи од Европа во центарот на Берлин и Еврејскиот музеј. Тој ќе се сретне и со членовите на еврејската заедница во Берлин. Вечерта по отворањето на изложбата, тој патува за Њујорк.

Станува збор за одржување на „пламенот на сеќавањето на холокаустот жив“, додава Дајан, парафразирајќи ја и својата работа. Вакво нешто никогаш веќе не смее да се повтори. Овој страшен настан од 20 век не смее „никогаш да се повтори“, ниту на еврејскиот народ ниту на кој било друг народ.

Филомена Франц: „Не можам да мразам!“