Доколку би барале пример на политички терминолошки оксиморон во Северна Македонија, тоа секако би било оној за „Албанска Левица”. За кој замалку ќе кажев дека е историски мит, да не беше потсетувањето за делувањето на истакнати албански левичари уште од пред Кралството СХС како Зеф Љуш Марку, Јустина Шлаку Шкупи или Неџат Аголи. Националниот сентимент определуваше да скраја тврдиот антикомунистички сентимент, Албанците искажуваа почит кон Енвер Хоџа, но повеќе како кон институцијата Претседател на државата отколку како кон духовен водач. Денес, за разлика од шарлатаните од македонската „Левица” патетично надвиснати над гробот на Хоџа, Албанците со пиетет ја слават неговата жртва, Мусине Кокалари, основачка и престедателка на првата Социјалдемократска партија на Албанија. За која, убеден сум, муфљузите на Апасиев немаат ни чуено.
Сумирано, етнокомунизмот на СФРЈ, поистоветувањето на комунизмот-социјализмот со националистичката репресија и надоврзувањето со режимот на Енвер Хоџа резултира со длабок, емотивен, идентитетски и политички отклон на Албанците не само од комунизмот, социјализмот туку и од самата идеја или концепт на левицата. Проѕирните обиди на Васил Тупурковски, Бранко Црвенковски и особено Зоран Заев за протнување на уште една етномакедонска ујдурма како реституција на братство-единството или обединувачка левица, само ја потврдуваа скепсата и јакнеа одбивноста на Албанците кон таквите понуди и најмените системски Албанци.
Полувековната исклученост на Албанците од системот ја цементираше одбивноста кон социализмот и левицата воопшто, но воедно резултира и со јакнење на претприемничката свест и резон како предворје и вовед во капитализмот и логиката на пазарот. Раниот првичен подем на ПДП беше токму куса но ефективна рефлексија на националиниот десничарски момент. Набргу прекинат, со интервенција на посткомунистичките служби од Скопје, Белград и Тирана, инсталација на комунистичкиот антикомунизам на Џафери-Тачи и потоа забошотен преку „марксистичката” интерпретација на Али Ахмети-Муса Џафери на албанскиот национализам и наметнување псевдо-албански плагијат на СДСМ.
Демократијата со себе донесе и реставрација на клерикализмот во политиката, при што подемот на исламизацијата (а не на традиционалниот Ислам) резултираше во тоа религијата да го киднапира социјалниот моментум. И истиот го впрегне во клерикална ребирократизација на смислата на левицата како коректив на општеството, културата, економијата, хуманизмот, солидарноста и сведен на маша на де СДСМ, де ВМРО, де ДУИ и ВЛЕН. Во такви субјективни и објективни околности, и онака кревката, речиси непостоечка смисла на левицата кај Албанците беше редуцирана во процентуална ирелевантност на маргините на ритуалните младешки левичарења и збег на професори по марксизам во исламски фундаментализам.
Антилевичарска верзија на „Шарена револуција”
Очекувано за отвореноста на Албанците кон промените и лесната поводливост кон медиумската помпа, подемот на Социјалистичката Ренесанса на Еди Рама во Албанија, а потоа и онаа на Самоопределување (ВВ) на Албин Курти придонесоа за краткотрајно отворање на Албанците кон идејата на левичарството. Но, без некој конкретен или долгорочен ефект на реплицирање во сопствените кругови. Како поради демократски-институционално подолгото искуство со реал-политиката, така и поради вмешноста на ДУИ час да се претставува како народно-десничарска, час социјал-левичарска партија, согласно кој лик или идеологија ужива поголема популарност во светски рамки. Сепак, клучната причина за краткотрајното ‘палење' и брзото ‘ладење' на Албанците кон левичарските понуди од Тирана и Приштина беше ароганцијата на Рама и Курти кои таквиот моментум го користеа за приближување кон СДСМ и супремациска дистанца кон „Албанците фундаменталисти”.
Површните набљудувачи на политичката сцена очекуваа дека соработката на ВЛЕН со Самоопределување и Албин Курти ќе резултира во рефакторизација на левицата кај Албанците. Таа рефакторизација не се случи, и нема да се случи, како поради патрдизацијата на Левицата како партија, така и поради контрадикторноста на апсурдното поврзување на социјал-идеолошката матрица на ВВ со сепак длабоко клерикалната подлога на ВЛЕН. Предиспозицијата на Курти да соработува со десничарски експоненти (Мицкоски, Меџити, Стоиљковиќ, Мицотакис) и псевдо-националисти и псевдо-граѓанисти (Касами, Ќоку, Таравари, Гаши) придонесе наместо подем, смислата на левицата уште повеќе да ретерира како последица на соработката ВВ-ВЛЕН-ВМРО.
Регрес кој уште повеќе ќе биде продлабочен преку мизансценските и апсурдни шушумигања помеѓу Курти-Коњуфца од ВВ со Шеќеринска-Зечевиќ од СДСМ. Во основа, доколку системските Албанци промовирани од Заев беа само уште еден од многуте обиди за вметнување тројански коњи за подривање на ДУИ и преземање на албанските гласови, улогата на ВЛЕН е десничарски и инструмент во рацете на ВМРО користен како „сезонски комуналци” и накратко антилевичарска верзија на „Шарена револуција”. Со, веќе евидентен епилог, сличен на оној на Заев со „мајката на невладините и медиумите”.
Иако нотиран уште од пред четири години, интересот на СДСМ (но и на ВМРО) за соработка со Курти беше забележлив низ чудени атински дружби на Курти со Шеќеринска, Димитров и под покровителство на грчката десница. Како пандан на дружбите на Заев со Ципрас, Коѕијас и емоционални популизми шверцувани како „реформски идеолози”. Сепак, реалното влијание на ДУИ резултираше со тоа СДСМ со тек на времето да „заборави” на Курти и се определи за Еди Рама, особено во периодот 2019/2022. За експлозијата на непопуларност на Рама во Косово и во Македонија да ги принуди „екстра гласовите” да ги побараат преку приближување кон Приштина.
Сегашните обиди на Курти и Шеќеринска за јакнење на соработка наликува на флерт помеѓу два лика со разроки очи. Курти е свесен дека ВЛЕН беше употреблив единствено во кастрење на ДУИ (со разочарувачки исход) и дека клерикален, кланистички и контроверзен имиџ може само да му наштети. Неговата одлука новиот пратеник Беким Ќоку да „делува самостојно и биде коректив” е однапред провиден и неуспешен обид преку фингирана „бунтовност и револуционерност” да ја наметне ВВ како лажен коректив на власта ВЛЕН-ВМРО, а всушност делува кон целосна елиминација на ДУИ и инсталација на имитација на ВВ-опозиционерство. Од друга страна, СДСМ е свесна дека мизерното предавство на Албанците во 2016, шурувањето со ДУИ и наметнувањето на системски Албанци долгорочно ја има уништено надежта за добивање гласачки или симаптизерски буст од албанскиот кампус. Бледнеењето на ѕвездата на Еди Рама исто така не ветува реприза на некаква „Шилегов-Велиај романса на кејот”. Соработката со Курти е надеж за некоја нова енергија, ново движење и нов елан кој ќе капитализира од поскоро од очекуваниот дебакл на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Човечки е да се надеваат. Реал-политички, сепак, е прилично илузорно и доказ дека СДСМ остануваат неуки за струењата и реалностите во албанското општество. А се чини, истото важи и за Курти и ВВ.
Албанската Левица е идеја во зародиш
Последните изборни циклуси докажуваат дека Албанците го имаат заокружено процесот на реал-политичко созревање, искажано како преку демонстративно неизлегување, игнорирање на етномакедонскиот наратив против ДУИ, неподлегнување на алармантните заплашувања на ДУИ и недавање изборна победа на ВЛЕН. Надворешно-политички пак, Албанците се сити и презаситени да бидат „сламка на спас во последен час” на западните политики по децениски оргиања на македонските партии и нивните системски Албанци. Ориентацијата, прозападната, останува неприкосновено доминантна определба на Албанците, но сега проследена со јасна резерва, гласна критичност и недоверба кон корумпираните авантури на западните амбасади, лицемерните манипулации на САД и ЕУ и особено компромитираните „фондациски демократии” на западните „институшнс енд штифтунгс”. Криминализацијата на Социјалистичката Партија ги дистанцира од Еди Рама, додека пак Албин Курти е на „добар” лош пат да преку селекција на соработници според критериуми од СДСМ уште побрзо ја изгуби и онака веќе намалената симатија во Македонија. Притоа, Албанците се свесни дека „левичарскиот центризам” на СДСМ е определен од самопромоцијата како „помало зло од ВМРО” и несвесното прифаќање дека нивниот центар е всушност во Белата Палата. Особено оваа, спакувана од подрум до камбана со истакнати сдсмовски кадри и духови од најцрниот, најзлобниот, најантиалбанскиот златен период на СДСМ.
Албанската Левица е засега само идеја која се тркала низ улици барајќи доволно чисти раце за да биде преземена, смислена и капитализирана. Такви раце засега нема во ДУИ, а во ВЛЕН не се добредојдени. СДСМ ја имаше можноста и истата ја прокоцка – како и се друго, впрочем. Албанската Левица е диктирана од единствениот заеднички именител кој го држи заемниот контекст на албанството и македонството во Северна Македонија. А тоа не а НАТО. Не е ни ЕУ. Туку е она што беше и во 2015 година, антикриминалната и антикорупциската енергија како катализатор на ново општество согласно новото име.
Во состојба на целосна доминација на тврдиот конзервативен дискурс во албанскиот и македонскиот кампус, компромитацијата на идеолошки-левите салонски фондации, но и драматичното раслојување меѓу клановските елити и пауперизираната средна класа, албанската Левица е идеја во зародиш и неминовност како исход. Нејзиниот успех и диктиран од способноста за наоѓање нов дискурс, отклон од стаљин-хоџа-тито-бранко-заев-али комунизмите без социјален дух, дистанца од експлоатативните левичарења на Рама-Курти со елитистички предзнак и - пред сѐ – користење на ресурсите на домашната и младината од диjаспората во креирање на нов антикомунистички и продемократски дискурс на современата левица. Во основа, албанската Левица треба да почне од таму каде што нема ривали. На самото општествено дно на презрените, отфрлените, рудиментарните и гневните.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.