1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Самоопределување да каже дали е вклучена во изборите

31 јануари 2024

Средбата на Арбен Таравари и опозициските лидери со косовскиот премиер, го врати на сцена прашањето за улогата на Албин Курти во македонските избори.

https://p.dw.com/p/4brQS
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Сите лидери на поголемите партии на Албанците вчера беа во Приштина: Али Ахмети гостуваше на јавниот сервис РТК, а тројцата лидери од опозицискиот Европски сојуз за промени - Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами, како и лидерот на владејачката Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беа на средба со косовскиот премиер Албин Курти. На средбата го искажале нивниот предлог за претседател на РСМ, кој треба да биде од редовите на Албанците. На веб-страница на косовската влада објавена е и фотографија и соопштение за средбата, на која учествувал и советникот на Курти за Северна Македонија, Беким Ќоку. Како што се наведува, се разговарало за ситуацијата во балканскиот регион, добрососедството и перспективата на партнерството меѓу Косово и Северна Македонија, социјалната и економската состојба на албанската заедница во Македонија, потребата од демократија и стабилност и подобрувањето на односите меѓу етничките заедници, нешто за што самото Косово е пример, но и го промовира и поддржува.

„Четворицата лидери го искажаа својот предлог за претседател на Северна Македонија, кој ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија, претседател кој овојпат треба да доаѓа од редовите на Албанците“, се наведува во соопштението.

Де јуре - не, де факто - да!

Веста дека и Арбен Таравари е на иста маса со опозицискиот ЕСП кај косовскиот премиер, и дека во Приштина можеби се крои зајакнување на опозицискиот фронт со Алијанса за Албанците, го врати на сцена прашањето за улогата на Самоопределување предводено од Курти во македонските избори. Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, кој Самоопределување лани го најави како „четврти партнер во опозицискиот ЕСП“, во неколку наврати објаснуваше дека Самоопределување не е регистрана партија во РСМ и „де јуре“ не може да биде учесник на изборите, но „де факто“ ќе учествува преку партиски кадри кои се и македонски државјани, како што е на пример, советникот на Курти, Беким Ќоку.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети се осврна на овие аспекти во емисијата „РТК прајм“, каде ја коментираше вчерашната средба кај Курти како и вклучувањето на Самоопределување на изборите на 8-ми мај. Според Ахмети, ако Движењето Самоопределување на Курти планира да учествува на изборите во РСМ, тоа треба да го каже отворено.

Албин Курти Косово
Која е улогата на Самоопределување, предводено од косовскиот премиер Албин Курти, во македонските избориФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Она што го кажа Меџити не се совпаѓа со изјавата што ја даде Курти во Скопје, кој рече дека Движењето  Самоопределување не учествува на овие избори.  Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено“, порача Ахмети.

На прашањето дали „де факто“ вклучувањето на Самоопределување на изборите во Северна Македонија ќе влијае на изборните резултати, Ахмети изјави дека тоа не може да влијае на резултатот, бидејќи  албанскиот електорат во Македонија  е доста дефиниран. Тој изјави дека ДУИ е победник на изборите уште пред да се одржат, и дека тоа го знаат и македонската и албанската опозиција. Но, укажа и на штетноста од фрагментирање на гласовите на Албанците.

„На Албанците во Северна Македонија не им требаат 3, 4, 5, 6 или 7 партии бидејќи колку повеќе партии има, тогаш Албанците ќе бидат помалку важни“, потенцира Ахмети.

Консолидирање на опозицијата

Говорејќи за вчерашната средба кај Курти,  Изет Меџити  во интервју за централните вести на РТК, го потврди учеството на Самоопределување на изборите во РСМ преку персонално учество.

„Што се однесува до движењето Самоопределување, тоа не е регистрирано како субјект во Северна Македонија и де јуре не функционира, но ќе имаме заедничка листа на пратеници во рамките на Европскиот сојуз за промени (...) Самоопределување е дел од ЕСП. Работиме на платформата за  претстојните парламентарни избори,  каде учествуваат и експерти од Самоопределување како Арбр Зајми, Елвис Хоџа и Беким Ќоку. Веќе сме синхронизирани за изградбата на платформата, за листите и заедничката кампања“, изјави Меџити.

Според него, огромното мнозинство Албанци во Северна Македонија се незадоволни од субјектот кој е во Владата повеќе од 20 години. Претходно недостигала консолидација и обединување на опозицијата, но сега опозицискиот фронт е составен од четири политички субјекти. Дали по средбата кај Курти ќе им се приклучи и петти партнер?

Алијанса за Албанците  официјално нема донесено одлука како ќе настапува на изборите - самостојно, со опозицискиот фронт или со ДУИ. Меџити во неколку наврати потенцира дека „самостоен настап“ на поединечни партии на Албанците практично значи определување „за ДУИ“. Во Алијанса за Албанците засега формално доминираат ставови за самостоен настап, како избор на навидум неутрална позиција, но конечна одлука не е донесена. Извесно е дека во АА има две крила, од кои едното е заинтересирано за соработка со ДУИ, а друго за соработка со опозицијата. Претходно медиуми на албански јазик објавија дека името на Таравари се спомнува за претседателски кандидат на опозицијата, односно како петти партнер во ЕСП, макар и персонално.

Две страни на медалот

Ахмети во вчерашното интервју за РТК го нарече „историски“ чинот на  избор на Талат Џафери за премиер,  а го оцени како „погрешно“ и „изрази жалење“ за неучеството на албанските опозициски партии во гласањето за тој избор.

Изет Меџити за РТК изјави дека дека тие го бојкотираат Собранието еден месец, откако Талат Џафери како претседател на Собранието спречил вклучување на член од опозициските партии на Албанците во ДИК.