Али Ахмети, лидерот на некогашните албански герилци сѐ уште е ѕвезда на уморната политичка сцена во Македонија, како симбол на нејзината истрошеност и безидејност. Никој не претпоставуваше дека анонимниот воен командант на ОНА, кој во 2001 година македонската јавност за првпат го виде на фотографија на која чита книга, ќе о(п)стане дваесет години во врвот на политиката и од него ќе зависат сите влади во Македонија.
Легитимно е прашањето каков беше придонесот на Ахмети и неговата групација во македонската политика и економија, или се само тендер – партија како што ги доживува јавноста. Не може да се одбегне впечатокот дека освен просветителската мисија за отворање на образовни институции на албански јазик, неговата широка примена и квотите за вработување, ДУИ во суштина не одигра поголема улога за еманципацијата на своите сограѓани како што одигра улога на пример за еманципацијата на своите политички елити. Масовно вработување на Албанците без соодветни квалификации во државни институции и претпријатија, воведувањето на албанскиот јазик како рамноправен службен јазик со македонскиот, воспоставувањето рамнотежа во финансирањето на општините, обезбедувањето пензии и плати за мнозинството учесници во ОНА без да одат на работа и уште многу други поволности, не е мал политички капитал на Ахмети. Меѓутоа останува реалноста дека сѐ уште е длабок јазот меѓу обичното албанско население и костумосаните министри и пратеници на ДУИ.
Цели 20 години во врвот на политиката бездруго на Али Ахмети ќе му обезбедат место во историјата на земјава и регионот. Но друго прашање е колкави се придобивките од неговото присуство во политиката освен како сигурносен вентил за владите. Прашан пред година и пол зошто во неговото родно село Зајас сѐ уште нема канализација тој демагошки ќе одговори дека неговата борба била за слобода и права, а не за канализација. „Зошто не ги прашате тие што одолговлекуваат, туку мене! Тоа се прави со средства од ЕУ и се јавуваат технички проблеми. За тоа не се потребни изјави или најави, туку потребни се практични и прагматични решенија“, ќе рече Ахмети.
Во едно од неговите ретки интервјуа што ги даде за македонските медиуми, се обиде да се дистанцира од богатите бизнисмени во неговото најтесно семејство, но неуспешно, бидејќи само ја нагласи енигмата како е можно околу него да се вртат милиони евра, а во скутот да не му падне ниту еден цент. Самиот во една прилика ќе рече дека „во ДУИ не се сите ангели“, но се чини дека ѓаволите и натаму останаа недопирливи и покрај силните индиции за корупција, па дури и еден докажан поткуп кој имаше правна разрешница во инстанци во Њујорк во кој беше посочен и висок функционер на ДУИ.
Мразокршач во Атина
Додека во сите други поголеми партии секогаш имаше фракции и потенцијални наследници на лидерот, во ДУИ во изминатите две децении не се појави конкуренција на Ахмети. Дали тоа беше затоа што навистина немаше, или никој не се осмелил, е вистинското прашање. Но да се влечат конците од сенка дваесет и кусур години е раритет кој му успеа само на Али Ахмети кој не беше само водач на партија туку и втор човек во сите досегашни влади почнувајќи од Бучковски, па Груевски кој се обиде да ја исклучи ДУИ и Ахмети од политиката во периодот 2006-2008, Зоран Заев кој се повлече по четиригодишна премиерска кариера, и сега со Ковачевски. Тоа го направи Ахмети клучен играч во сите политички процеси во државата.
Ахмети понекогаш го работеше и тоа што други не сакаа да го работат. Уште во времето на Груевски кој беше познат по тврдите позиции во однос на спорот за името со Грција, лидерот на ДУИ беше мразокршач со неколку визити на Атина, една во 2013 а една во јануари 2016 кога веќе се наѕираше крајот на режимот на десницата кога на прес конференција со Никос Коѕиас рече дека „прашањето за името е приоритет на ДУИ бидејќи е поврзано со членството на земјата во ЕУ и НАТО“. Оваа изјава на Ахмети може да се смета за неговата влезница во владата на идниот премиер Заев кој отворено се залагаше за компромис со Грција и влез во НАТО кои потоа и брзо ги реализираше по стапувањето на власт.
Пораз за „Огнената група“
Во јануари 2023 Ахмети наполни 64 години со што го исполни старосниот услов за пензија, но не се пензионираше ниту пак има најави дека ќе се пензионира. Но затоа пак во политичка пензија испрати многу звучни имиња како Бранко Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Владо Бучковски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Тито Петковски, Стојан Андов, Теута Арифи и други. Додека тие се веќе историја во политиката, тој им одолева на политичките ветришта и цврсто се држи за кормилото на ДУИ, а негов наследник нема ни на повидок. Притоа тој успешно се справи и со „Огнената група“ која по речиси една година бранувања изгасна откако Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери се вратија во ДУИ. Иако беа фронтмени на „Огнените“, Бејта и Беџети, на големо изненадување, не му се приклучија на новото политичко движење на членот на „Огнените“ Изет Меџити и останаа во ДУИ. Така заврши едно од најголемите внатрепартиски бунтувања во ДУИ од кои Ахмети остана недопрен на партискиот трон.
Претходно тој со леснотија ги отфрли партиските тешкаши и соборци од ОНА Рафиз Алити, Муса Џафери, Г’зим Острени, Џеват Адеми, Фазли Велиу, Азис Положани и други, и сега се потпира на поноватата генерација на ДУИ Бујар Османи и Артан Груби. Тие се неговата врска со иднината откако се покажа дека не може веќе да го експлоатира минатото.
Али Ахмети ретко зборува на македонски јазик. Дали со тоа покажува политичка дистанца кон доминантното население во државата која тој сака да ја нарекува своја татковина, или пак подобро се изразува на албански јазик, во нормални околности не е толку ни важно. Но во чувствителното македонско општество тоа е важен индикатор дали човекот број два во државата е со срце и душа за интересите на Македонија или пак Македонија само служи да ги исполни неговите интереси. Лошиот македонски јазик кој го слушнавме при едно од последните интервјуа на Ахмети, во секој случај говори дека тој можеби не сака да разговара на јазикот кој го носи името на државата, но одлично го знае јазикот на преговорите со кој се одржува себеси и неговата партија во врвот на политиката.
Претседателските избори последна бариера
Ахмети е роден е во кичевското село Зајас, а завршил факултет за литература во Тирана. На Косово бил член на илегалната организација „Марксисти – ленинисти“, тогаш напредна, комунистички насочена, организација составена главно од млади Косовци, најмногубројна по студенти и интелектуалци, незадоволна од положбата на Албанците во Југославија. По откривањето на неговата дејност бега во Швајцарија, од каде што повторно, кон крајот на деведесеттите години се враќа како герилец во редовите на УЧК (Ослободителната армија на Косово). Тоа му дава важен бекграунд за натамошната кариера во Македонија, колку таа констатација и да изгледа бесмислена, бидејќи во политиката се важни трпеливоста, издржливоста и способноста лесно да се премостуваат секвенците во животот и со предвидливост на резултатот кој чека од другата страна. Ставено во тој контекст доаѓаме и до одговор на прашањето зошто на Ахмети му е сеедно дали коалициски партнер ќе му биде Црвенковски, Груевски, Заев, Ковачевски или Мицковски, сѐ додека ги добива трофејните политички функции со кои се одржува стабилноста на власта.
Патем Ахмети е единствениот политичар во Македонија кој директно соработувал и кроел влади со пет од вкупно осум премиери што ги имаше досега државата и веројатно е единствениот политичар кој имал непосреден увид во нивните политички карактери.
За разлика од новите партиски лидери Ковачевски и Мицковски, Ахмети го карактеризираат политичка елоквентност ив изострено чувство за политика, а со самото тоа што господари со политичката сцена како незаменлив шраф во сите досегашни влади, покажува и дека поседува одличен инстинкт за индивидуално и колективно преживување. Го препозна моментот со уставните измени ставајќи го во залог учеството на неговата партија во власта за да ја одоброволи ВМРО-ДПМНЕ, умешно манипулирајќи со европските амбиции на државата и пораките на САД и ЕУ да се спроведат уставни измени.
Како редовен „сервисер“ на претседателските избори во Македонија, Ахмети пред две години ќе рече и дека претседателската функција е последната меѓуетничка бариера во македонското општество, сигнализирајќи дека ДУИ по функциите во клучни владини ресори, шеф на парламентот и заменик премиер, веќе е подготвена и за највисоката функција во државата. Можеби на следните претседателски избори во првата половина на 2024 година, ДУИ која го консолидираше својот рејтинг по дебаклот на парламентарните избори во 2016 година, ќе заигра во нова улога во македонскиот политички ринг. Али Ахмети како нејзин основач, неприкосновен лидер, тактичар и стратег, несомнено ќе се обиде да го направи своето збогување со еден таков подарок за партијата и за албанската етничка заедница.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.