1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: Македонските граѓани се песимисти за иднината

ДТЗ
6 јуни 2023

Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, зголемувањето на цените и инфлацијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, покажува анкетата на НДИ

https://p.dw.com/p/4SFvc
Скопје
Дека државата се движи во погрешна насока сметаат 56 отсто од граѓаните, наспроти 11,1 отсто од анкетираните кои се изјасниле дека земјата се движи во правилна насока. Неутрален став имаат 31.3 отсто од испитаниците.Фотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, зголемувањето на цените и инфлацијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани. Ова го покажуваат резултатите од најновата анкета на Националниот демократски институт (НДИ) којашто се фокусира на економските проблеми коишто ги загрижуваат граѓаните и бараат итно решавање. Дека државата се движи во погрешна насока сметаат 56 отсто од граѓаните, наспроти 11,1 отсто од анкетираните кои се изјасниле дека земјата се движи во правилна насока. Неутрален став имаат 31.3 отсто од испитаниците.

Корупцијата и криминалот, високите цени и инфлацијата, лошите политики на Владата, сиромаштијата, политичарите и невработеноста се главните причини поради кои повеќето испитаници сметаат дека земјата оди во погрешна насока. За 4.3 отсто од испитаниците причина е иселувањето, а 3 отсто сметаат дека тоа се преговорите со ЕУ и проблемите со Бугарија. Интеграцијата во ЕУ и отвореното прашање со Бугарија е најважен проблем со кој се соочува државата за само 6,7 отсто од граѓаните и е на петто место според анкетата, на која доминираат економските проблеми. Животниот стандард, ниските плати и пензии се на врвот на листата на најважни проблеми за 27.2 отсто од анкетираните. Анкетата е спроведена теренски на примерок од 1003 испитаници во периодот од 13 до 24 април годинава.

Економските проблеми ги мачат граѓаните

Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и ниските пензии. Четири од десет испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет (над 60 проценти) на храна. Речиси половина од населението (48%) велат дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со пониско социо-економски статус (89%) и оние кои живеат во рурални населени места (53%) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.

Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци. Седум од десет анкетирани граѓани (71 отсто) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.

Доколку утре се одржат парламентарни избори 21,5 отсто од анкетираните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 за СДСМ, 6,2 за ДУИ. 3,6 за БЕСА, 3,4 за Алијанса за Албанците. За Левица би гласале 2,9, за движењето на Максим Димитриевски 1,7 отсто.16,7 нема да гласаат, а 18,3 се уште не знаат или не одлучиле за кого ќе гласаат.

сиромаштија
Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, зголемувањето на цените и инфлацијата се најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, покажува анкетата на НДИФотографија: picture alliance/blickwinkel/McPHOTO

Антикризните мерки на тапет

Мнозинството од испитаниците во истражувањето веруваат дека Владата незадоволително се справува со главните економски предизвици, како што се: животниот стандард, платите и вработувањето, критикувајќи ги ефектите од неодамнешните антикризни мерки.  Социјалните категории со пониски приходи се повеќе погодени од кризата поради што е намалена нивната куповна моќ за основните намирници. Речиси половина од испитаниците (44%) трошат најголем дел од семејниот буџет (повеќе од 60%) на храна. Речиси половина од испитаниците (48%) велат дека често или повремено имаат потешкотии да ги платат сметките на крајот на месецот.

Мнозинство граѓани (91%) сметаат дека зголемувањето на цените е најголемата закана за нивната финансиска состојба и ѝ предлагаат на Владата да даде приоритет на „стабилноста на цените“. Граѓаните ги поздравуваат одлуките на Владата за замрзнување на цените (83%) зголемување на минималната нето плата (72%) и ограничување на профитните маржи на основните прехранбени производи (68%). Мнозинството граѓани (67%) сметаат дека Владата треба да продолжи со субвенциите за прехранбените производи и сметките за струја (48%) како ефикасна мерка за ублажување на негативните ефекти од кризата. Краткорочно, мнозинството граѓани сметаат дека намалувањето на цените на одредени производи има ефекти, но тоа треба да се надополни со долгорочни мерки како натамошно зголемување на платите и пензиите