1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден очекува одмазднички напад на Иран врз Израел

ЖА
13 април 2024

Американскиот претседател Бајден смета дека Иран ќе го нападне Израел „порано отколку подоцна“ и го предупреди режимот во Техеран. Германското министерство за надворешни работи ги повикува Германците да го напуштат Иран

https://p.dw.com/p/4eiTI
Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо БајденФотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Американскиот претседател Џо Бајден очекува ирански обид за напад на Израел во скоро време. Тој не сакаше да открие никакви доверливи информации, „но претпоставува дека тоа ќе биде порано отколку подоцна“, изјави Бајден пред новинарите во Вашингтон.

На новинарско прашање каква е неговата порака до Иран, тој одговори: „Не правете го тоа“. 81-годишниот шеф на државата јасно стави до знаење дека е на страната на Израел. „Ние сме посветени на одбраната на Израел“, нагласи тој. „Ние ќе помогнеме да се одбрани Израел, а Иран нема да успее." Бајден не одговори на прашањето во кој случај САД директно би интервенирале воено.

Двајца мртви ирански генерали

По веројатно израелски напад врз комплексот на  иранската амбасада во Дамаск  на почетокот на април, владата во Техеран се закани со одмазднички акции. Меѓу другото,  во нападот беа убиени двајца генерали  и други членови на моќната  иранска Револуционерна гарда.

Израел, како и обично во вакви случаи, не потврди дека е одговорен за нападот. Иран е деклариран поддржувач на исламистичката палестинска организација Хамас, која ја предизвика војната во Појасот Газа со својот голем терористички напад врз Израел на 7 октомври.

САД го зголемуваат военото присуство во регионот

Контраударот на Иран против Израел  може драматично да го ескалира конфликтот во регионот. Затоа, САД во петокот објавија дека ќе го зголемат своето воено присуство во регионот. Ова го потврди претставник на американската одбрана за новинската агенција ДПА.

„Распоредуваме дополнителни средства во регионот за да ги зајакнеме регионалните напори за одвраќање и да ја зголемиме заштитата на американските сили“, изјави претставникот. Останува нејасно за кои точно ресурси станува збор и од каде до каде ќе се изврши трансферот.

Пентагон: Опасноста е „опиплива и реална“

Пред претседателот Бајден да се обрати пред новинарите, портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби веќе повтори дека САД сè уште ја сметаат  потенцијалната закана од Иран  за „опиплива и реална“. Од една страна, САД ќе ги поддржат Израелците во нивната одбрана и, од друга страна, ќе се погрижат нивните сопствени вооружени сили во регионот да бидат „соодветно подготвени“.

Блискоста меѓу Израел и САД исто така ја истакна и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант по средбата со командантот на Централната команда на САД, Мајкл Ерик Курила. „Ние стоиме рамо до рамо“, рече Галант. „Нашите непријатели мислат дека можат да ги разделат Израел и САД, но спротивното е точно – тие нè зближуваат и ги зајакнуваат нашите односи."

Упатен повик до Германците да го напуштат Иран

Со оглед на заканата, Министерството за надворешни работи во Берлин ги повика сите германски државјани во Иран да ја напуштат земјата. Истовремено, предупреди  да не се патува во Иран.  „Актуелните тензии во регионот, особено меѓу Израел и Иран, претставуваат ризик од ненадејна ескалација“, соопшти германското министерство.

Според него, безбедносната ситуација може брзо и без предупредување да се влоши. „Не може да се исклучи можноста воздушниот, копнениот и поморскиот транспорт да бидат погодени од ескалација, со соодветни можни попречувања на патувањето до и од Иран“, се вели во соопштението.