Бара 500 милиони долари: Трамп го тужи својот екс-адвокат
13 април 2023Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен за повеќе од 500 милиони долари, со обвинение за прекршување на односот меѓу адвокат и клиент, неоправдано збогатување и уште многу други работи.
Адвокатскиот тим на Трамп во средата поднесе федерална тужба на повеќе од 30 страници до Окружниот суд на САД за јужниот округ на Флорида. Во тужбата се наведува дека Коен го прекршил односот меѓу адвокат и клиент со „ширење невистини“ за Трамп кои „најверојатно биле засрамувачки или штетни и учествувал во други недолично однесувања“, а исто така, ги прекршил условите на договорот за доверливост што го потпишал за вработување кај Трамп.
Во тужбата уште се наведува и дека Коен шири невистини за Трамп „со зли намери и целосно себични цели“.
Доналд Трамп ја поднесе тужбата откако Коен сведочеше пред Големата порота на Менхетен. Инаку, Големата порота го обвини Трамп за 34 дела за фалсификување на деловни документи.
Ројтерс наведува дека Коен бил подготвен да се појави како главен сведок во секое можно судење во случајот кој се однесува за тајни плаќања на ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс. Даниелс тврдеше дека имала вонбрачна врска со Трамп.
Извор близок до правниот тим на Трамп вели дека тужбата против Мајкл Коен „нема никаква врска со незаконскиот и без факти случај на обвинителството на Менхетен и оти тоа е сосема посебна работа“.
Трамп, кој бара поддршка во Републиканската партија за претседателската номинација во 2024 година, на 4 април на судското рочиште во Менхетен се изјасни дека не е виновен.