1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бектеши: Рестрикции на струја нема да има

ДТЗ
16 август 2022

Кризна состојба за енергетска и топлинска енергија ќе биде прогласена на следната владина седница, а ќе започне да важи заедно со мерките за штедење од 1 септември.

https://p.dw.com/p/4Fb9M
Енергетски систем Далновод
ЕСМ моментално ги снабдува домаќинствата и компаниите со струја од домашно производство и не се увезува струјаФотографија: dapd

Во текот на зимата не се планирани рестрикции на струја во Северна Македонија. Во случај на поголеми хаварии во текот на зимата, министерот за економија, Крешник Бектеши, најавува план за надминување и на најцрните сценарија. На следната владина седница ќе се прогласи кризна состојба за енергетска и топлинска енергија во земјата, која ќе стапи на сила заедно со мерките за штедење од 1 септември. 

Нема да има рестрикции 

„Рестрикции на струја нема да има, ниту се очекуваат ако сé оди според планот на ЕСМ“, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој ги презентираше најновите владини мерки за штедење во пресрет на зимата.

Тој информираше дека во тек се редовни разговори со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија, за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето. 

Треба да придонесеме сите за заштеда на електрична енергија. Првичниот пример треба да го даваат институциите, а потоа тие да бидат следени од стопанството и домаќинствата. Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И само, секако, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите', вели Бектеши. 

Не се увезува струја 

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на прес-конференцијата во Владата рече дека компанијата работи со максимален капацитет и оти потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство. ЕСМ моментално ги снабдува домаќинствата и компаниите со струја од домашно производство и не се увезува струја. Активни се сите производни капацитети - се увезува само јаглен, мазут и природен гас.

ЕСМ произвела 2.194 гигавати електрична енергија што е за 40 отсто повеќе од лани, а увезениот јаглен се користи само за оплеменување на домашниот јаглен. Блокот три на РЕК Битола е во прекин поради хаварија. Се набавува нов и се поправа хаварисаниот во Белград. РЕК Битола ќе работи со трите блока од ноември. РЕК Осломеј е во реконструкција и од септември ќе биде вклучен во полно производство. Зголемено е и производството на домашен јаглен. Според Ковачевски, ЕСМ ќе заштеди околу 50 милиони евра на непродуктивни трошоци. 

Според него, ЕСМ е подготвена и да го преземе и парното во Скопје.