1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спас од кризата се бара во домашното производство на струја

ДТЗ
27 јули 2022

Според бизнис секторот, потребни се итни мерки со оглед на движењето на цените на струјата на берзата, кои деновиве достигнуваат и до 500 евра за мегават час.

https://p.dw.com/p/4EiCV
Deutschland Energie Strom Strommast Industrie klagt über unsicherere Stromversorgung
Фотографија: dapd

Владата да ја врати Уредбата, која беше активна во кризната состојба, со која „зелената енергија“ беше насочена само за индустријата, во текот на зимата да не се затворат границите за увоз на електрична енергија и тоа Владата да го искомуницира со Србија и Бугарија, да се зголеми производството на електрична енергија – ТЕЦ „Неготино“ и „ТЕ-ТО“ да работат во зима - а мазутот да се пушти на слободен пазар, се дел од барањата на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) за да се ублажат ефектите од енергетската криза. Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски, по средбата со претседателот на МЕА, Кочо Анѓушев, информираа дека поголем дел од барањата се прифатливи. 

МЕА бара и да им се овозможи на капацитетите од лесната незагадувачка индустрија полесно и легално да поставуваат фотоволтаици, зашто индустријата ја има само таа можност да се одбрани од ценовниот шок на струјата. Анѓушев вели дека институциите треба  да овозможат 40-ина инсталирани мегавати во фотоволтаици и мали електрани што побрзо да се приклучат на електроенергетскиот систем, зашто секој мегават е многу значаен за државата. Според бизнис секторот, потребни се итни мерки со оглед на движењето на цените на струјата на берзата, кои деновиве достигнуваат и до 500 евра за мегават час.

Очекувања

„Прифатени се речиси сите барања на бизнис секторот за електричната енергија, а ќе стапат во сила од 1 август, со воведувањето на кризната состојба која веќе беше најавена“, вели Бектеши.

Очекувањата се дека РЕК „Битола“ од октомври ќе работи со трите блока, „Осломеј“ ќе работи со половина капацитет, а почна и испораката на мазут од Грција за ТЕЦ „Неготино“, која прво ќе почне со работа со првиот котел, а ќе се направат и сите подготовки за да се стави во функција и вториот котел. Бектеши ја повика опозицијата да биде конструктивна и да овозможи реализирање на мерките за поддршка на стопанството.

„За да се усвои уредба, мора прво да се прогласи енергетска криза. Без тоа, уредби и мерки не може да усвои Владата. А ако поминат 30 дена од тоа прогласување, тогаш тоа треба да го направи Собранието. Треба да им олесниме на институциите и индустријата и да го ублажиме негативниот ефект“, вели Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, вели дека сега РЕК „Битола“ работи со два блока и дека во РЕК „Осломеј“ се одвива ремонт, но смета дека на почетокот на грејната сезона и двата капацитети ќе бидат ставени целосно во функција. Според него, Северна Македонија плаќа најниска цена за увоз на јаглен во регионот за справување со енергетската криза. Просечната цена се движи од 55 до 62 евра по тон. Јагленот се набавува од Грција и од Албанија и во текот на оваа недела, на состанок со претставници од Косово, треба да се преговара за дополнителна набавка.