1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бектеши: Власта дала инструкции за следење на опозицијата

20 август 2024

Имаат и мејлови и наредби со цел да ги следат експонентите кои во моментов се во опозиција, за инсинуациите на Мицкоски за каква било дестабилизација наесен, вели функционерот на ДУИ, Крешник Бектеши.

https://p.dw.com/p/4jfUN
Северна Македонија | Крешник Бектеши
Крешник Бектеши вели дека власта дала инструкции на безбедносни институции да ги следат активностите на опозцијата Фотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

ДУИ нема претензии за региoнализација, кантонизација, дестабилизација - крајната цел на платформата на Европскиот фронт е целосна рамноправност и да не се дозволи игнорирање и флагрантно кршење на принципите на Охридскиот договор.

Вака поранешниот министер за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, ги објаснува активностите што се планираат со и околу нацрт платформата за легитимитет, неодамна изработена од Пол Вилијамс од ПИЛПГ (The Public International Law & Policy Group) по барање на Али Ахмети.

Тој изјави дека власта дала инструкции на безбедносни институции да ги следат активностите на опозцијата по изјавите на премиерот Мицкоски, дека постојат информации оти ДУИ наесен ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.

„ВМРО, заедно со експоненти на Вреди, им дадоа задачи на одредени институции, главно институции поврзани со државната безбедност, па дури имаат и мејлови и наредби со единствена цел да ги следат експонентите кои во моментов се во опозиција, за инсинуациите на Мицкоски за каква било дестабилизација што може да се случи наесен, за мерките што можат да ги преземат, за тоа што планираат да се случи наесен. Од тука апелирам до нив да не се заморуваат премногу, да не трошат енергија со проблеми што самите си ги прават", рече Бектеши на ТВ 21.

Конфузија со изјавите

Какви мерки планира Европскиот фронт предводен од ДУИ? Според Бектеши прво ќе се направи анализа.

„Што се однесува до конкретните мерки, најпрво ќе се анализираат различните опции кои потекнуваат од документите што се составени од меѓународни и домашни експерти, а потоа, по многуте средби што ќе ги имаме со граѓаните, секако може да излезе дека граѓаните бараат преку протести да го покажат своето незадоволство од оваа дискриминација на Албанците“, рече Бектеши.

Додека Бектеши вели дека прво ќе се анализираат опциите, а одлуката за евентуални протести ја префрли на друг терен - барање што може да произлезе од граѓаните - поинаков впечаток се добива од соопштението на ДУИ по средба на партискиот претседател Али Ахмети со амбасадорот на ЕУ во заминување, Дејвид Гир, одржана пред пет дена во партиското седиште во Тетово.

„Претседателот Ахмети ја елаборираше нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и ПИЛПГ, мислењата на локалните експерти и чекорите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот“, се вели во соопштението, што укажува дека Ахмети информирал за веќе утврдени чекори. 

На таа средба, како што беше наведено во соопштението, „Ахмети зборувал и за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицкоски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино инсценирање преку обвинувања на други, со цел да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта". 

Али Ахмети ДУИ
Али Ахмети, претседател на ДУИ Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДУИ посветена на евроинтеграциите

Исти оценки Ахмети дал и на средбата пред четири дена со бугарскиот амбасадор во РСМ, Ангел Ангелов – дека тврдења на Мицкоски за сценарија за дестабилизација од страна на ДУИ се невистинити со цел да се дефокусира јавноста од недостигот на резултати и секојдневни владини скандали. Ахмети пред Ангелов го образложил духот на Охридскиот договор, го информирал амбасадорот за нацрт-платформата за легитимитет подготвена од Вилијамс, како и за мислењата на локалните експерти.

„Исто така, г. Ахмети на средби со граѓаните зборуваше за активностите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот од септември на средби со граѓани“, беше наведено во соопштението по средбата Ахмети - Ангелов.

Разликите и контрадикциите во наративите од ДУИ („прво ќе анализираме“) до спомнување на договорени активности („Ахмети на средби со граѓани зборуваше за активностите што ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот“) создаваат конфузија во јавноста.

Но и оценки дека целта на ДУИ е да се самопромовира како гарант на стабилноста и посветеноста на евроинтегративниот процес.

„ДУИ го има докажано својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички владин инсцениран обид за дестабилизација и ги повикува Албанците и другите да не потпаднат на провокациите на владата без етнички легитимитет. Ахмети потсети на ветувањето на поразените на изборите за уставни измени за 6 месеци и рече дека ДУИ останува посветена на евроинтеграциите. Соговорниците се согласија дека Коридорот 8 е регионален и евро-американски приоритет и затоа Владата треба без одлагање да ги продолжи проектите за патно и железничко поврзување“, порачал Ахмети на средбата со Ангелов.

Во јавноста има нејаснотии околу употребната вредност на нацрт-платформата за легитимитет подготвена од Вилијамс и неговата правна канцеларија. Од Мала Речица, Вилијамс го претставуваат како еден од авторите или автор на Охридскиот договор, но лица упатени во текот на подготовката на договорот велат дека посочениот во еден период бил ангажиран само како советник на тогашен претседател на една партија на Албанците.