1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две прослави и мноштво очекувања од Рамковниот договор

ДТЗ
13 август 2024

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека договорот никого не направи среќен, но донесе мир. Али Ахмети, пак на паралелна прослава во Скопје рече дека Македонците може да напредуваат само ако соработуваат со Албанците

https://p.dw.com/p/4jQ5H
Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека договорот никого не направи среќен, но донесе мир.Фотографија: Government of North Macedonia

Со две одделни прослави во Скопје, Владата и Коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, ја одбележаа 23-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница на Владата рече дека 23 години се доволна временска дистанца на работите да се погледне со доза на објективност и да се говори за придонесот на овој договор, но и предизвиците кои стојат пред земјата. Мицкоски вели дека треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но го донесе мирот.

„Од овој аспект мора да се разбере дека ова е една заедничка татковина за сите и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров, на права, но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и на што мора да работиме се реалните проблеми на нашите сограѓани“, порача Мицкоски.

„Македонците ќе напредуваат само ако се во добри односи со Албанците“ 

На свечената академија во хотелот „Александар палас“ во Скопје, пак, лидерот на ДУИ,Али Ахмети, рече дека Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. 

„Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А, ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат“, рече Ахмети и додаде: 

„Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга за тоа што оваа земја не беше поделена, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и Македонците како две најголеми заедници“. 

потпишување на Рамковниот договор
Две прослави и мноштво очекувања од Рамковниот договорФотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Партијата на настан насловен „Академија за легитимитет“ потенцираше дека Охридскиот договор стои како камен темелник на мирот, стабилноста и демократијата во Северна Македонија, олицетворувајќи ги аспирациите нашите нејзини граѓани за праведна и инклузивна држава и општество. Но, според ДУИ, последните политички случувања со новата коалициска влада, сериозно ги загрозија основните принципи на Охридскиот мировен договор.

Потенцирајќи дека досега „етничкиот легитимитет“ генерално беше почитуван од сите влади, партијата укажува на флагрантното прекршување и игнорирање на политичката и изборна волја на албанската заедница, како и на малцинските заедници.

„Со оглед на целта на Охридскиот договор и Уставот за обезбедување праведни стандарди заетничко претставување, неопходно е да се применат мерки кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на договорот. Мерки како „Влада со етнички легитимитет“ го зајакнуваат Охридскиот договор и уставниот поредок на државата, и треба да се зајакнат со понатамошни иницијативи за обезбедување на континуирано спроведување на Охридскиот договор“, порачаа од ДУИ.

Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Етничките теми се злоупотребуваат

Но, Мицкоски смета дека многу долго одредени политички елити Рамковниот договор, но и етничките права воопшто, ги користат како прекривка за прикривање на своите лични и најчесто лукративни интереси, но и фактот дека предолго и преинтензивно етничките теми се злоупотребуваат, се градат кариери во тоа име, додека реалниот живот, животот на оние кои подеднакво го делат секојдевието, како и сите останати граѓани е се потежок и понесреќен.

„За одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само под услов кога истите тие се на власт, веднаш потоа откако ќе бидат опозиција смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување, но и различно читање на правата и обврските кои произлегуваат од него. Притоа заборавајќи колку е скапа цената на тој договор и дека тој договор меѓудругото е напишан и со многу страдања и жртви од сите страни и во извесна мера тоа е и непочит кон тие жртви кои ги има од сите страни. Кон темата меѓуетнички односи се однесуваат неодговорно затоа што најмалку внимание посветуваа на ова, колку што беа предадени и фокусирани кон личните интереси, бизниси и тендери. Ова го користат како платформа за себепромоција, градење на кариери и бизнис коалиции“, рече премиерот. 

Според него, вистинското прашање колку е денес задоволен обичниот Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак, и сите останати граѓани.

Претходно, во Клубот на пратениците во Скопје, вицепремиерот Изет Меџити се обрати на панел дискусија посветена на годишнината од Рамковниот договор. Одвоеното прославување на Рамковниот договор од страна на ДУИ тој го оцени како партиска прослава. Вели дека Рамковниот договор е како ќе функционира државата, „а не договор како ќе опстои постојано на власт една политичка партија“.