Никој не знае што се зборувало зад затворени врати во Мала Речица вечерта меѓу 6 и 7 јуни кога требаше да се донесат измените на Законот за организација и работа на органите на државна управа предложен од Мицкоски, но епилогот беше добро познат: ДУИ му обезбеди на ВМРО-ДПМНЕ двотретинско мнозинство овозможувајќи глатко да поминат тие измени и што е уште поважно да не се обрука новата власт на стартот на владеењето со немање сила да го протне законот кој им беше неопходен да ја формираат владата. Не знаеме ни дали имало телефонски разговор меѓу Мицкоски и Ахмети, иако таква операција е невозможна без договор на највисоко ниво.
Но што и да се случило тогаш, јасно е дека меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во подоцнежните денови повторно се разгорело непријателството. Тоа го гледаме денеска кога Мицкоски панично известува дека ДУИ подготвува протести. Ако постојат такви безбедносни закани, тогаш за нив се сигурно известени и претседателката на државата, министерот за внатрешни работи и претседателот на парламентот. Безбедносните служби редовно им доставуваат писмени брифинзи и добро е ако има такви случувања институциите да ги дочекаат подготвени.
Тоа е една причина зошто Мицкоски нетипично за највисок функционер, го споделува тоа со јавноста. Втората е дека премиерот, кој првпат е на таква функција и нема искуство со безбедносни предизвици, сака да превенира несакан развој на настаните сметајќи дека со својата изјава ги известил и странските амбасади кои имаат редовни контакти со ДУИ. Не верувам дека премиерот се залетал или пак сака да дефокусира, туку дека оценил дека претстојат потези на ДУИ кои можат да ја доведат во непријатна ситуација во државата со оглед дека ДУИ удира во нејзиниот најчувствителен дел – меѓуетничките односи и внатрешната безбедност која произлегува од нив.
ДУИ не негира
ДУИ тоа не го негира и вели дека имаат „мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија“. Притоа порачуваат дека ќе ги преземат сите демократски мерки кои стојат на располагање „за да го спречат понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“. Во што спаѓаат и протести и демонстрации, па ако излезат од контрола и некој биде повреден или полошо, боже мој. Не се тие кои треба да се грижат за безбедносната страна на протестите туку државата. ДУИ како организатор ќе ги преземе потребните чекори, но никој не може да спречи ескалација ако се инфилтрираат провокатори. Така отприлика се развива секоја приказна за организирање протести и последиците кои можат да настанат потоа.
Хистеријата со која во јавноста се дочекани предвидувањата дека наесен ДУИ ќе ја ескалира политичката ситуација и внатрешната безбедност, од друга страна покажуваат дека 2001 уште не е заборавена. И затоа бранувањата во тој правец можат да бидат непредвидливи, па дури и опасни.
Партијата . На вечно вториот Али Ахмети кому на визита во Тетово му одеа сите поважни странски претставници, може да му се случи и почеток на фаза на детронизирање, затоа што нема позгоден момент за партиски реформи од престојот во опозиција. Во спротивно, ДУИ ќе се соочи со перцепција дека се фамилија со татко и многубројни деца кои го чекаат да умре за да го наследат престолот. Сето тоа, заедно со константните закани од новата власт дека треба да бидат гонети за криминал, предизвикува нервоза во ДУИ.
Ништо од зелената агенда
Како и секоја партија, ни ДУИ нема чисто минато, но за разлика од другите партии, влезот на Мала Речица остана блиндиран за правосудните органи. Во првата коалиција со СДСМ, за функционери на ДУИ се врзуваа афери за багателна продажба на земјиште на градскиот плоштад и гласни прозивки од поранешниот премиер Хари Костов за корупција и непотизам. Костов падна, или поточно поднесе оставка поради немоќ да влијае, ДУИ остана. Јавноста го памети и заменикот министер за внатрешни работи Џевад Бучи од ДУИ, кој пред камери ги симна лисиците на учесник во инцидентот на Кале, во 2011, кога се судрија две групи (Македонци и Албанци) поради почетокот на изградбата на музеј-црква. Протестите ги организираше невладината „Разбуди се“, која ја предводеше Артан Груби.
Од триесетина предмети на СЈО, пак, само во еден имаше епилог за функционер на ДУИ. Случајот „Табла“ за поранешниот директор на училиште во Зајас. Едно навидум мало кривично дело против луѓе на ДУИ, за уништување на избирачки материјал, беше проследено со мафијашки манири - закани кон обвинителот, и друг обвинител кој се стави на страна на извршителите на делото. Македонија, исто така, мораше да ѝ врати 1,7 милион евра на ЕУ за утврдени злоупотреби, за што беше обвинет поранешен државен секретар Јахи Јахија од редовите на ДУИ. Пријавата, пак, за проневера на 19 милиони евра во буџетот на Фондот за пензиско осигурување, каде што беа директори – кадри на ДУИ, заврши без обвинение. Јавноста го памети и фамозното „удирање во пајак-возило“ кое стана синоним за повлекување на службениците пред моќниците, кога полицајка го пријави за напад функционерот на ДУИ, Бекир Асани, а потоа ја повлече пријавата со образложение дека самата се удрила.
Има и многу други настани кои ја покажуваат темната страна на ДУИ, но ова не е некакво досие за тоа, туку само дел од мозаик на една слика која е важна за претстојните случувања. Во политичкото си-ви на ДУИ ќе остане дека успеале да го зголемат бројот на албански полицајци од 170 на над 2.000, во армијата од 65 исто така на над 2.000, во администрацијата од 2% до над 21%, па сѐ до највисокото раководство на сите државни институции. Тоа не е бројка што треба да се потцени во контекст на изразување на незадоволството на ДУИ поради ненаплатениот изборен резултат.
„Откако постигнавме еднаквост и интеграција, не случајно пристапивме кон ‘Зелената агенда’“, рече лидерот Али Ахмети на 20-годишнината од партијата. „Овој 20 годишен јубилеј е посветен на следните две децении и затоа кој е спремен и подготвен за ова патување, нека го врзе појасот и нека застане зад мене“, исто така рече тој.
Две години подоцна, ДУИ зборува за нешто сосема друго, за протести и за понижувања на Албанците. Лизгав терен, дури и за едно политичко камелеонство на партиско водство кое стави печат на една постконфликтна епоха во Македонија.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.