Белгија: Државата на удар на мафијата
5 октомври 2022Минатиот викенд, Белгијците од Ерик Ван Дујзе, портпаролот на Јавното обвинителство, првпат дознаа што е спречено за влакно: има информации дека се подготвувал „напад на белгискиот министер за правда“, рече тој. Јавното обвинителство веднаш го известило Министерството за правда и Кризниот центар за безбедност на јавни личности.
Винсент Ван Квикенборн не е познат европски политичар, туку личност која како белгиски министер за правда од мирното гратче Кортијк успеа да стане тема во меѓународните медиуми – сосем непланирано. Бидејќи она што Јавното обвинителство го окарактеризира како „напад“ очигледно требало да биде обид за киднапирање.
Сомнителен автомобил во соседството
Овој обид за киднапирање е спречен по претходно добиено предупредување на крајот од минатата недела. На една сосетка на министерот и` паднал во очи автомобил со холандски таблички за кој се покажа дека бил украден, а во него се пронајдени автоматско оружје и бензин. Со овој автомобил очигледно требало да биде киднапиран Ван Квикенборн.
Пред тоа полицијата во Кортијк рутински ги проверувала автомобилите од Холандија и ги евидентирала личните податоци на тројцата Холанѓани. Она што тогаш не го знаела белгиската полиција, а што не може да се открие во вакви прекугранични проверки е дека тројцата мажи во својата земја имале криминални досиеја и се добро познати во локалното нарко-милје. Во меѓувреме се уапсени четворица осомничени Холанѓани, а истрагата продолжува.
Министерот во „безбедна куќа“
Јавното обвинителство предупредува на избрзани обвинувања. Се нагласува дека истрагата е на почеток и дека е познато оти во медиумите се укажува на „одредени криминални кругови“, а „посебно на нарко-сцената“. Тоа е „една од можностите, но не и единствената.“
И самиот министер се сомнева дека зад обидот за негово киднапирање се нарко-картелите. Тој за сега откажа неколку важни состаноци и со семејството е сместен во таканаречена „безбедна куќа“. Белгискиот премиер Александер де Кро ја нарече оваа ситуација „целосно неприфатлива“. Но, како дојде до сето ова?
Се` поголема бруталност
„Кју", како што многумина го нарекуваат министерот очигледно е цел на наркомафијата. Нејзините припадници во Холандија и Белгија се` повеќе се познати по бруталност и спектакуларни закани. Еден адвокат е убиен на сред улица, ликвидиран беше и познатиот истражувачки новинар Петер Р. Де Врис, а невини лица биле изложени на вкрстен оган во престрелката на банди. Дури и холандскиот премиер Марк Руте, според наводи на тајните служби, бил прогласен за нивна мета.
Неодамна и холандската принцеза Амалија, поради закани, мораше да побара заштита во кралската палата. Таа претходно сакаше како студентка да се исели од палатата и да води релативно мирен живот како останатите врсници.
Холандски банди се префрлаат во Белгија
Ваквото постапување на нарко-бандите, нивната подготвеност на насилство и директна конфронтација со државните власти е инспирирана од нивните латиноамерикански примери. Сомнежи има дека зад овие злосторства стојат неколку ривалски банди кои најпрво биле стационирани во Холандија, а сега сѐ повеќе се префрлаат во Белгија. Во фокусот посебно им е Антверпен поради големото пристаниште. Но, врските на нарко-босовите водат и до Брисел и до најоддалечените провинции.
Ескалацијата на насилството на улиците на Антверпен
Веќе неколку години наназад пукотници и бомбашки напади се дел од секојдневието на градот и неговите предградија. Тоа се случува на големо незадоволство на градоначалникот Барт де Вевер кој стриктно десничарски-конзервативно во градот сакаше да воведе закон и ред. Летово дури беше присилен да побара помош од Советот за национална безбедност. Притоа земјата забележа спектакуларни успеси. Белгијците во 2021 успеаја да го дешифрираат “Sky ECC” системот за шифрирање кој главно го користи наркомафијата за комуникација.
Откако полицијата доби увид во комуникацијата на криминалците, беа извршени бројни рации во кои се запленети околу 90 тона кокаин во вредност од 4,5 милијарди евра. А, тоа е веројатно само мал дел од вистинските количини на наркотици кои се криумчарат во земјата.
Држава во држава
Вистинската опасност е дека заради можната корумпираност на властите, безбедносните сили и правосудството, со помош на толкава сума пари може да се направи држава во државата. Во изминатите две години уапсени се повеќе од илјада лица и запленети се големи количини пари и оружје. Во Белгија нема сомнежи дека тоа е само главата на октоподот.
Главниот јавен обвинител во Белгија, Игнасио де ла Серна, во февруари предупреди дека „мафијата ја презема државата” и побара зголемување на бројот на вработените. А јавниот обвинител во Брисел, Јохан Делмуле, зборуваше за опасноста Белгија да стане „нарко-држава”.
„Не дозволувајте да ве скршат гадовите”
Квикенборн од друга страна неколку пати најави дека сака да ја поддржи полицијата со дополнителни 300 милиони евра. Надлежните органи настојуваат да прават 100% проверка на сите контејнери во пристаништето, а треба да биде дозволено и побрзо затворање на фирмите кои имаат врска со трговијата на дрога. Исто така е потребно да се обезбедат повеќе финансиски средства за да се откријат финансиските структури на нарко-мафијата.
Покрај тоа Квикенборн во ОАЕ потпишал договори кои дозволуваат екстрадиција на нарко-босовите и конфискување на нивниот имот. Очигледно сета ова било доволно за да го насочи кон себе бесот на нарко-картелите.
Министерот „Кју” сепак до сега се покажа како прилично борбен. "Nolite te bastardes carborundorum", напиша тој на својот Твитер профил веднаш откако дозна за обидот за киднапирање. Станува збор за псевдо-латинска изрека која потекнува од американската тв серија „The Handmaid's Tale" и значи нешто во смисла на „не дозволувајте да ве скршат гадовите!”