1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белград-Приштина виа Охрид: Каква порака носи Борел за РСМ?

2 март 2023

Охрид ќе биде домаќин на следната рунда разговори Вучиќ-Курти. Каква порака доаѓа од Брисел за Скопје? Медиуми објавуваат наводи за можни мерки за финансиска помош за македонските оружени сили.

https://p.dw.com/p/4O9Jx
Жозеп Борел ЕУ
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп БорелФотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Иако до неа остануваат речиси две и пол недели, посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на Северна Македонија на 18-ти март, како и средбата Вучиќ- Курти планирана истиот ден на македонско тло, резултираше со решавање ребуси - што значи тоа?

За македонската влада европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот, а Северна Македонија уште еднаш докажува дека е фактор на стабилност, како земја членка на НАТО, земја која ги почна преговорите со ЕУ, и земја која претседава со најголемата безбедносна организација во Европа - ОБСЕ.

За косовскиот премиер Албин Курти, изборот на РСМ за домаќин на следната средба на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина, е симболичен.

„Да не заборавиме дека на 9-ти јуни 1999 година во Куманово беше потпишана капитулацијата на Милошевиќка Југославија, и влезот на силите на НАТО. Мислам дека овие симболични елементи на Македонија беа многу важни за европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, да нѐ покани во Македонија на следниот состанок на високо ниво“, изјави Курти.

Дел од медиумите гледаат одредена симболика, но во контекст на договори кои затвориле дологогодишен спор.

„Меѓутоа, освен Кумановскиот договор што го спомнува Курти, постои понов договор зад кој застана ЕУ, и кој многу повеќе би можел да се поврзе симболички за Северна Македонија“, коментира српски „Данас“, посочувајќи го како пример Преспанскиот договор, и со детали од хронологијата до неговото финиширање.

За разлика од оваа, и симбликата што ја посочи Курти, српскиот претседател Александар Вучиќ воопшто не дава такво значење за изборот на место на средбата.

„Ништо. Борел оди во Северна Македонија, па вели - да дојдеме таму. Оди човекот на пат, па ние да се најдеме со него таму, додека човекот е на пат“, рече Вучиќ во интервју за РТС.

Александар Вучиќ, Жозеп Борел и Албин Курти на разгов ори во Брисел
Александар Вучиќ, Жозеп Борел и Албин Курти на разгов ори во БриселФотографија: Virginia Mayo/AP/picture-alliance

Доказ за зрелост и конструктивност

Каде е тоа „таму“? Според соопштение по вчерашната средба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, во Брисел, средбата Вучиќ-Курти ќе се одржи во Охрид.

„Соговорниците потврдија дека - изборот Охрид да биде место каде ќе се разговара за нормализација на односите Белград-Приштина,а премиерот Димитар Ковачевски домаќин на средбата, е доказ дека Северна Македонија е синоним законструктивен дијалог, зрелост и одговорност во регионот“, се вели во соопштението од Кабинетот на Маричиќ.

Исто го потврди и Лајчак на Твитер, најавувајќи го дијалогот „овој месец подоцна“.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој вчера на маргините на Економскиот форум во Скопје имаше средба со неговиот косовски колега, му пренел на Курти дека РСМ ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово, дека е подготвена за давање придонес во таа насока, и дека активно го поддржува учеството на Косово во различни регионални формати на соработка.

„Премиерот, исто така, го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на ЕУ предлогот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, со што ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целост. Тој нагласи дека отворените прашања треба да се решаваат низ дијалог и ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија во својство на претседавач со ОБСЕ да го помогне процесот, особено во фазата на имплементација на одредени делови од евентуалниот договор“, се вели во соопштението на владината прес служба.

Северна Македонија армија
Регионални медиуми пишуваат дека ЕУ планирала во рамките на Европскиот мировен фонд да одобри мерки за финансиска помош за оружените сили на Северна МакедонијаФотографија: MOD North Macedonia

Помош за оружените сили?

Во сенка на следната рунда од дијалогот Белград-Приштина, остана поводот за посетата на Борел на РСМ. Покрај очекувањето пораки и охрабрување за реформскиот и евроинтеграциски пат, според регионални медиуми, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, можеби доаѓа и со нешто повеќе. Повикувајќи се на европскиот Б2 портал - специјализиран за европски безбедносни прашања, регионални медиуми пренесуваат дека во наредниот период ЕУ планирала во рамките на Европскиот мировен фонд да одобри мерки за финансиска помош за оружените сили на Северна Македонија и Грузија. Наводно, предлог за тоа Борел им испратил на земјите членки на 22-ри февруари, и предлогот за Северна Македонија веќе бил на масата на Комитетот за политички и безбедносни прашања.

Според наводите, сѐ уште не е познато кога ќе биде донесена одлука, а би било можно Борел да ја најави за време на посетата на РСМ. Идејата била да им се помогне на македонските оружани сили во набавката на клучна опрема за јакнење на нивните опративни способности, во логистика, во медицинска поддршка, комуникации и информациски системи, како и во области за размена податоци од разни ризици. Износот за кој требало да биде донесена одлуката, изнесувал 9 милиони евра, а се констатира дека РСМ досега не користела ваков вид на помош.Македонскиот буџет за одбрана годинава изнесува 274,6 милиони евра (1,85% од БДП) многу блиску до проектираните 2% што треба да се постигнат до 2024 година. Од вкупниот буџет за одбраната, една третина (33% или 88,7 милиони евра) отпаѓа на процесите за модернизација и опремување на Армијата. Првите 6 транспортери од типот JLTV се веќе пристигнати, а се продолжува со набавка на оклопни транспортери од типот Stryker и други специјализирани возила, системи за противвоздушна одбрана и опрема за сајбер-одбрана. Во буџетот се предвидени 16 милиони евра за реконструкција на објекти и инфраструктура во МО и Армијата. Во 2022 година биле завршени 15 проекти за реконструкција и реновирање на објекти, а за 2023 година се планираат уште 28 низ поголем број касарни и на полигонот „Криволак“.